Thursday, July 31, 2014

Средновековни Словенски Ракописи во Македонија - Бенчевско четвороевангелие почеток на 16 век (осми дел)



Хартија: 21,5 х 15 см., 360 листа. Размер на текстовното поле 15 х 8,5 см. Тетратките се по осум листови, нумерирани со кирилски броеви во почеетокот и на крајот од секоја свеска. Хартијата е дебела. Во 18 век оштетените листови се извадени и заштитени, направено е еден вид на примитивна конзервација.
Писмо: Убаво полууставно писмо, по 18 реда во полна страница, во една колона. Правописот е двоеров со ресавски принципи. Големиот ер обично се употребува во предлозите и префиксите, а малиот ер на крајот. Употребен е фонемот ѕ. Од интерпукциските знаци употребена е точката и запирката. Застапени се доста напредни знаци како акцентот којшто е недоследен, потоа кендемата, паерокот и разни знаци за скратување. Насловите и почетните букви се напишани со црвено мастило, а останатиот текст со црно мастило.
Водени знаци: 1. „Кардиналска шапка“ од типот Бриќе бр. 3457 со контрамарка „V“ од 1504 година. 2. „Камбана“ од типот Бриќе бр. 3405 од 1518 година.
Орнаментика: Богата. Пред секое евангелие се наоѓа минијатура на евангелистот, вметнати отпосле во ракописот. Така на л. 7 се наоѓа минијатура на Матеја, на л. 102 на Марко, на л. 163 на Лука и на л. 264 на Јован. Минијатурите се изработени со врвна мајсторска прецизност и имаат голема уметничка вредност. После листовите на коишто се застапени минијатурите има големи знаменца во неовизантиски и балкански стил. На л. 8 големо правоаголно знаменце со преплети и флорални елементи што излегуваат надвор од правоаголната рамка. Знаменцето е нацртано со бледо зелена, црвена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „К“. На л. 103 големо правоаголно знаменце со преплет и флорални елементи, како во рамка така и надвор од неа. Употребена е бледо сина, црвена, зелена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „З“. На л. 169 се наоѓа големо правоаголно знаменце со преплети и флорални елементи. Употребена е црвена, зелена и кафена боја што ближи до позлата. Во сличен стил и колорит е нацртана и почетната буква „П“. На л. 265 има големи правоаголни знаменца со преплети и флорални елементи. Употребена е бледо зелена, црвена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „В“. Освен четирите минијатури на л. 7, 102, 163 и 264, како и големите правоаголни знаменца, се среќаваат и помали знаменца нацртани со преплет и тоа на л. 2, потоа на л. 9 тесно знаменце во балкански стил со кругови и преплет. Слично се среќаваат и на л. 98, 100, 159, 161, 261 и 262.
Повез: Оригиналениот повез е сочуван. Две даски обложени со орнаментирана кожа. Се среќаваат правоаглести рамки со кругчиња на аглите. Во средината орнаментиран крст со постамент. Има остатоци од копчиња за закачување.
Содржина: Четвороевангелие
Потекло: Ракописот е најден во с. Бенче - Македонски Брод
Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје

Средновековни Словенски Ракописи во Македонија - Бенчевско четвороевангелие почеток на 16 век (седми дел)