Thursday, December 27, 2012

Сердарот

Писок и плач се слушаат од Галичник во Река.
Каква ли несреќа ги збра
И мажите и жените, што сите в тажна ека
ја плачат судбата си зла?

Даљ нивите житородни град пустошен ги фатил,             
иљ скакулци ги покрил рој,
Иљ султанот даночници ним пред време им пратил
да збира тежок данок тој?

Ни нивите житородни град пустошен ги фатил,
ни скакулци ги покрил рој,                                            
Ни султанот даночници ним пред време им пратил,
да збира тежок данок тој;

Но Кузман падна јунакот наш убиен од Геги,
мартолозот ни прочут в бој,
Та ќе ги гази разбојник од сега наш’те меѓи,                       
што да ги брани нема кој.

Земјоделци, Деметрини прислужници, сè така
говореле за гласот зол;
А жените си кинеле образите од мака
и коси корнеле од бол.                                                    
А гласот голем растел сè и високо се дигнал,
ко брзокрил Борéј. За час
До селата им соседни се пренесол и стигнал
несреќниот и зловешт глас.

На веста грозна сираче и вдовица си пуста                         
заплакале во својот дом;
А орачот вчас останал со зината си уста,
ко погоден од огнен гром.

Одненадеж стропотиле ноѕе од народ силно,
И Албанци торжествено
На рацете го носеле мртвото тело милно  –
четворица мажествено.

Испотени пред портата телото оставајќи,                         
и мажи и жени наедно,
И народ од соседните им села помагајќи,
го внесле трупот заедно.

Пискотници од секаде жалостиво одѕиваа
и офкања од тежок бол,                                               
Ко сите да го плачеле најмилото, што имаа
на земјата, свој живот гол.

Крај телото од Кузмана и коњот, жаљба жива,
си вискал облеан во крв,
Па претажно кон јунакот свивајќи својта грива,             
ја копал земјата  –  ат прв.

Со чекор треплив мајката в неизвесност зар полна,
се двоуми за еден миг,
Но рипна, кога плачот општ го чу и веста болна;
го спомна сонот в страшен крик;                               

Ко лавица првостинка, што лавчето ù го гонат,
да ù го грабнат плодот прв;
Та тогаш и најтврдите од очи солѕи ронат:
го стигна жаљта својот врф;

Плакојте се одѕивале низ целото им село,                   
а Неда туљбенот си вчас
Од главата го исфрли и откри коси и чело,
та плачот растел в сиот глас...

Албанците гологлави со сочувство жалејќи,
пристапиле со изглед благ,
И рацете на градите прекрстени држејќи.
Најстариот од сред ниф пак:                                      

„И ако плачеш“, рекол тој, „о мајко, в пусто не е,
от’ изгуби ти таков син,
Што песни за подвизите потомството ќе пее
на син ти, зашто бил ко џин;

За делата му јуначки ќе си го прославуваат                    
придружници на Арес смел,
А тебе, мајко јуначка, ќе ми те возвишуваат
поетите од светот цел.

Па ти, ак’ сакаш, послушај: Смири ја жаљта врела,
што за него ќе зборам јас,                                          
А добро е да слушаат за славните му дела,
молчејќи сите и без глас...“

Григор Прличев

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.