Wednesday, January 1, 2014

Средновековни Словенски Ракописи во Македонија - Вруточко четвороевангелие 13-14 век (трет дел)



Пергамент: Тенок, добро обработен пергамент, 17,9 х 11,5 см., 157 листови. Во ракописот постои оригинална кирилска пагинација. Целиот ракопис содржи 19 кватерниони од кои секој имал по 10 листа. Бројот на кватернионот е означен на првата страна на секој прв лист, и кирилска сигнатура на секој лист но недоследна. Скоро една третина од ракописот недостасува. При подоцнежното подврзување во XVIII или XIX век, ракописот е измешан, така што тешко може да се следи редоследот на текстот.
Ракописот почнува со четврта глава, 13 стих од евангелието на Марко, а неколку сочувани листови од евангелието по Матеј се наоѓаат зад деловите на евангелието на Јован. Десеттиот кватернион се наоѓа за XIX кватернион, а овај зад XI, после кој доаѓаат два листа од кватернион IV.
Писмо: По 22 реда на полна страница. Убаво уставно писмо од босански тип. Правописот е со малиот ер. Се среќаваат почетни букви и со зелено мастило.
Водени знаци: N/A
Орнаментика: Првите листови на евангелијата по матеј, Марко и Лука се искинати и не се знае дали орнаменти и иницијали имало. Сочувани се само следниве орнаменти: на л. 125‛ (пред описот на главите по Јован) правоаголно знаменце (9 х 4,4 см.) со четворолиниски рамки, со три круга внатре исполнети со осмокраки ѕвезди. На л. 126‛ даден е симболот на евангелистот Јован - орел во лет со ореол околу главата. Ореолот е врамен во правоаголна рамка 12,8 х 8,9 см. На л. 127 пред почетокот на евангелието по Јован се наоѓа знаменце 9,5 х 6,3 см. со рамки од двојни плетенки и чворови, а во средината на зелено поле цртеж во форма на пеперутка. Во ист стил, почетната буква И висока 4,5 см. украсена со плетенки со доза на иницијалност. Во сите орнаменти и во иницијалот употребено е киновер, црно мастило, жолта и зелена боја.
Повез: Картон завиткан во кафена кожа. Кожата е орнаментирана со рамки и резетки како во рамките така и во средината на предната и задната корица.
Содржина: Четвороевангелие.
Потекло: Од записите може да се види дека овој ракопис во XVIII век се наоѓал во манастирот Св. Троица кај Плевље. Нешто подоцна се наоѓал во манастирот Св. Архангел Михаил, а во XIX век се наоѓал во с. Вруток - Гостиварско.
Локација: Ракописот после долго лутање од 1990 се наоѓа во НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје каде е регистриран, микрофилмуван и можеби ќе остане депониран.


No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.