Wednesday, September 11, 2013

Михаил Герџиков


Михаил Герџиков бил револуционер и анархист од Бугарија, основач и раководител на Македонскиот таен револуционерен комитет, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација, подоцна деец на ВМРО (Обединета).


Средно образование учел во бугарската гимназија во Пловдив. Во 1897 година заминал во Швајцарија, каде студирал правни науки во Лозана и Женева. Тој бил еден од најистакнатите претставници на анархистичкиот Македонски таен револуционерен комитет.


Во учебната 1899/1900 година под името Тодор Луканов бил учител во гимназијата во Битола и станува член на ТМОРО. Во 1900 година е испратен во Солун за да му помогне на ЦК ТМОРО во изградувањето комитетска мрежа во Одринско. Кога е откриен од турските власти, во октомври 1900 година станал четник во четата на Христо Чернопеев во Кукуш.


По решение на ЦК определен бил за претставник на Организацијата во Одринскиот револуционерен округ, а подоцна и за ревизор на четите во источниот дел на Одринско. Во текот на Преображенското востание во 1903 година практично раководел со Бојното тело и по негова команда со четите на Иван Варналиев и Христо Силјанов бил заземен градот Василико.
Анархист по убедување, Герџиков во македонското револуционерно движење бил голем противник на Борис Сарафов. По директива на задграничните претставници на Организацијата во Софија, дури лично престојувал во Белград кон крајот на 1903 година за да ги следи активностите на Борис Сарафов. По востанието тесно соработувал со левите сили во револуционерното движење.

Михаил Герџиков (трет од лево, заден ред) со Гоце Делчев (втор од лево), баба Дона и група револуционери, Ќустендил, 1902 год.
Подоцна, во 1919 година во Софија учествувал во издавањето на списанието Билтен. Тој е еден од потписниците на познатиот Апел од 1919 година во кој се пласира идејата за автономна Македонија. Во јуни 1919 година учествува во основањето на Федерацијата на анархокомунисти во Бугарија.


По превратот од 1923 година тој бил принуден да ја напушти Бугарија и заминал во Истанбул, а оттаму во Виена и Берлин.
По формирањето на ВМРО (Обединета), Герџиков станал нејзин член. Но, поради нејзиното потпаѓање под комунистичко влијание, во 1929 година се отцепил од неа и формирал нова национална фракција во Истанбул.


По Втората светска војна како анархист е репресиран од комунистичкиот режим. Умрел во 1947 година во Софија.
Неговите спомени во 1995 година биле издадени и во Македонија.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.