Tuesday, September 3, 2013

Meтoдиja Шаторов Шарло

Meтoдиja Шаторов Шарло

“3авојувачката политика на бугарскиот империјализам во лицето на македонското националноослободително движење секогаш имало свој сериозен противник – зашто тоа националноослободително движење е антитеза на анексионистичката политика на велико-бугарските шовинистички средини во однос на Македонија.” – Meтoдиja Шаторов Шарло,1937 г.

  
“…Maкедонската нација се создала исторически, а неје плот на оваи или онаи… Макeдонскиот нарот води вејке 50 години организирана борба за своето постојувајне и така, Maкедонците сет отделена националност со свои јазик, култура, економическо и географическо цело исторически создадено со револуциона борба, со македонско национално освободително движеније.”
- “…Господата од Белград и Софиа спорат за Македониа, а македонскиот народ ич не го питат. Тиа поробители на Македониа имаат тепегјозлук да зборуат оти македонскио народ бил српски, бил бугарски и оти Македонците немале историа, јазик и др. Македонските поробители лажат. Во сушност македонците не сет нити Срби, нити Бугари а сет само Македонци.”



Методија Шаторов - Шарло, роден на 10 јануари 1897 година во Прилеп, cин на ситен дуќанџија. завршил гимназија и учителска школа… Во септември 1918 година емигрирал во Бугарија и станал член на Бугарската социјалдемократска партија, а во исто време се вклучил во политичките активности на македонската емиграција во Софија, непрекинато учествувајќи во националнореволуционерното движење на македонската левица. Во 1920 година станал член на Бугарската комунистичка партија и поради неговите активности повеќепати бил апсен и испрашуван од бугарската полиција.
Од 1925 година бил вклучен во Внатрешната македонска револуционерна организација (Обединета), а во август 1926 година бил избран за член на Комисијата за нелегални работи и член на Обласниот комитет на ВМРО (Обединета) за Пиринска Македонија. Во 1928 година, по своето враќање од Германија, ја раководел ВМРО (Обединета) во Пиринска Македонија, а во 1934 година, по враќањето од Советскиот Сојуз, повторно се вклучил во работата на ВМРО (Обединета).
Како еден од поистакнатите и најангажирани раководители на ВМРО (Обединета) во Бугарија, Методија Шаторов бил задолжен да работи по „македонска линија“ во Задграничното биро на ЦК на БКП. Така, Шаторов најрано од сите македонски револуционери и комунистички дејци ја истакнал идејата за создавање посебна македонска национална организација или партија.

Според досието на Методија Шаторов, заведено во Државната безбедност на Дирекцијата на полицијата на Бугарија од 1924 година, тој бил окарактеризиран како „активен комунистички функционер“, кој „работел во националноослободителното движење среде македонската емиграција во Бугарија“. Повторно бил апсен и осудуван, и откако бил ослободен од затвор, во 1930 година ја напуштил Бугарија и престојувал во Прага, Виена, а подоцна и во Германија.
Од 1930 година Методија Шаторов работел во телата на Коминтерната во Москва по прашањето на националнореволуционерното движење на балканските народи, каде што бил задолжен да работи по ,,македонска линија“. Учествувајќи во дискусиите во телата на Коминтерната за идниот статус на Македонската организација, се залагал за создавање „посебна македонска национална организација или партија“ што ќе дејствува по „македонските работи“.



Во ноември 1939 година Шаторов се вратил во Македонија, во Прилеп. Во април 1940 година бил избран за секретар на Покраинскиот комитет на КПЈ за Македонија. Тој веднаш го сменил името на Партијата, од Покраински комитет на КПЈ за Македонија во Покраински комитет на КП во Македонија.
Во резолуциите и повиците на ПК на КП во Македонија Методија Шаторов ја пропагира македонската национална платформа, чија цел е создавање македонска држава, а во меѓупартиската преписка првпат почнува да се употребува македонскиот јазик.
На Петтата земска конференција на КПЈ одржана во Загреб во 1940 година Методија Шаторов, како единствен член на ЦК на КПЈ од Македонија, им се спротивставил на другите делегати во врска со националното прашање и прашањето за враќањето на српските колонисти во Србија.
Во мај 1941 година, во познатото писмо до „Стојана“, Шаторов ги изнел своите актуелни полички ставови, ја осудил окупацијата на Македонија од германските, италијанските и од бугарските фашистички војски и ги повикал македонскиот народ и народностите во Македонија во заедничка борба за слобода: „Да се обединат сите Македонци и други народности во Македонија за општо свое право за слобода и рамноправност, но не цепење на македонската земја и македонскиот народ“. Во истата година, во писмото до ЦК на БКП, тој побарал „издигнување на актуелното прашање, како задача за непосредно решение: Македонија да биде откината од Бугарија и да биде оформена како независна македонска држава“.

Под негово раководство ПК на КП во Македонија презеде низа активности за организационо средување, зацврстување и проширување на партиската организација и за нејзино идејнополитичко издигнување. Во многубројните прогласи, апели и повици упатени до македонскиот народ и до народностите во Македонија е изложена целокупната програмска и практична акција на Покраинскиот комитет во тогашните услови: пред сè борба за одбрана и афирмација на македонскиот национален идентитет, борба против врзувањето на Кралството Југославија за кој и да е империјалистички блок и против негово вовлекување во војна, сојуз со СССР, борба за демократски национални и социјални права на работниците и на национално угнетените маси во Кралството Југославија, а во тој контекст и во Вардарска Македонија. Од содржината на овие прогласи, апели и повици се гледаат ставовите на Методија Шаторов за македонското национално прашање, борбата за создавање посебна македонска држава, односот кон окупаторите на Македонија, особено кон бугарскиот окупатор, потребата од оружен отпор на македонскиот народ и др.
Во својство секретар на ПК на КП во Македонија, Методија Шаторов покажал голема активност во организирањето на македонскиот народ во борбата за национално ослободување од тројното ропство и за организирање самостојна суверена држава. Основен предуслов во тоа гледал во организирањето на самостојна Комунистичка партија на Македонија, која ќе ги обедини комунистите и другите македонски прогресивни сили во борбата за национално ослободување на целиот македонски простор, со цел да ги отстранат штетните остатоци од распарченоста на македонската земја, кои предизвикаа тешки последици врз македонското национално револуционерно движење.



На Покраинската конференција на КП во Македонија од 8 септември 1940 година беа разгледани клучните прашања од општествениот, меѓународниот и внатрешнополитичкиот живот, пред сè од интерес за „развој на борбата на македонскиот народ за подобар живот, демократизација и национално ослободување“. На Конференцијата беше донесена резолуцијата позната како „Македонска платформа“, во која, меѓу другото, е истакнато дека „големо значење за комунистичките организации се разбирањето и спроведувањето на револуционерната политика и политиката на националното прашање, затоа што тоа се јавува како прашање над прашањата“.
Понатаму се вели: „Само слободна и независна Македонија може да им гарантира слобода на сите потиснати и поробени во Македонија“. Со тоа комунистичкото движење во Вардарска Македонија, предводено од Покраинскиот комитет, првпат настапува со изградени основни програмски цели за решавање на македонското национално прашање преку борба на македонскиот народ за докажување на неговиот национален идентитет, за рамноправност со другите народи на Балканот, за своја слободна и суверена држава.
Таквите ставови на Шарло не соодветствуваа на тогашната политичка состојба, на плановите на големите сили и тој беше обвинет:

1) по неовластеното приклучување на нашата партиска организација кон БРП(к); 
2) по директивата за предавање на оружјето на окупаторот; 
3) по ставот спрема колонистите; 
4) по прашањето за распуштањето на ПК; 
5) по прашањето за Првомајскиот проглас на ЦК на КПЈ од 1941 година.

Врз основа на овие и некои други обвинувања, во средината на септември 1941 година Покраинскиот комитет бил суспендиран, а Методија Шаторов бил сменет од должноста политички секретар и исклучен од Партијата. Причината за сменувањето на Методија Шаторов од должноста политички секретар на Покраинскиот комитет лежела во неговата македонска платформа, која се потпира врз правото на самоопределување до отцепување на секој народ посебно, односно врз правото за сопствена суверена држава на Балканот.
Извештајот на Методија Шаторов-Шарло го има датумот 16.9.1941 година. Документот започнува со констатацијата дека „на состанокот што го одржа бирото на ПК за Македонија известен сум дека по одлука на ЦК на КПЈ сум исклучен од редовите на Партијата и ПК поради грешки, престапи и саботажи во однос на партиската дисциплина и некои други прашања“. Во продолжение на извештајот Шарло констатира дека „точките по кои сум обвинет добро ви се познати, па затоа сметам за потребно да дадам објаснувања за мојата работа во ПК на Македонија и да го молам секретаријатот на Исполкомот на КИ да ги разгледа мојот извештај и другите реагирања. Исто така, ги молам централните комитети на двете партии да го разгледаат мојот извештај, кој ќе стаса до нивните раце, да одредат комисија што ќе ја провери точноста на обвинувањата и да утврди колку сум јас крив, а колку Бирото на ПК на Македонија“.
„Исклучен сум заради: а/ заради свесно саботерско држање и одбивање на директивите на ЦКЈ; б/ заради поништување на повикот издаден од страна на ЦКЈ со кој се повикуваат масите на борба и акција; в/ заради директивата издадена од мене да се предава оружјето на германските и бугарските окупатори, и да остане партијата и масите да водат војна со голи раце; г/ заради гонење на српските другари и заземање на национал-шовинистички позиции; д/ заради одбивање да се јавам во Белград за разгледување на македонското прашање; е/ не сум организирал саботажни и четнички акции, туку свесно сум саботирал и побегнал во Софија и на тој начин сум ја одбегнал нивната контрола; ж/ заради тоа што сум издејствувал некакво ‘божемно’ поврзување со бугарската партија; з/ заради паролата Советска Македонија.“
За сите погоре изнесени обвиненија Методија Шаторов-Шарло дава исцрпни образложенија.

По првата точка од обвинението Шарло признава дека „оваа година“ имало само еден случај кога тој пројавил непослушност кон директивите на ЦКЈ, а тоа се однесувало на распуштањето на Партијата, но, според него, „моја партиска должност беше да предложам решение на тоа прашање, а не да се изврши сосема обратното“. Што се однесува на прашањето за предавањето на оружјето, Шарло во извештајот наведува: „Ова прашање исто така се злоупотребува. Директива за несобирање на оружје не сме давале. За оружјето што веќе беше собрано и складирано исто така не сме дале директива да се предава. За тоа можете да се информирате кај одговорниот другар од Скопје, одговорен во ПК за собирање оружје. Ние тоа оружје го набавивме купувајќи го нарочно кај Арнаутите“. Најзначајното прашање, кое особено го засегаше Методија Шаторов-Шарло, беше поврзувањето со Бугарската работничка партија. Тој ова прашање го образложува на следниот начин: „Македонија немаше врски со ЦК на КПЈ и не треба да се сомнева во тоа дека ние бевме повикани, а не дека ние баравме врски со ЦКБ и поради тоа обвинувањата на моја адреса не ги прифаќам“. Во точката 5 ќе каже: „И покрај сето тоа, ние не се поврзавме со ЦКБ сè додека ЦКЈ не ни даде одобрување, така што ние стварно го прашавме ЦКЈ за поврзувањето со ЦКБ и тоа го разгледувавме повеќе пати во ПК на Македонија во месец август, но тој (ЦКЈ) мислеше дека поврзувањето со ЦКБ ќе ги активира партиските организации. На другарите од ЦКЈ им напомнувам дека ние баравме од нив дозвола за поврзувањето со ЦКБ, тие ни порачаа дека ќе ни испратат јавка помеѓу двата централни комитети, т.е. и ние да воспоставиме врски заради што отидов во Софија на 24.5. а се вратив на 1.6.“.
Како што се гледа од образложението, Шарло не ги признава обвинувањата и наведува факти во своја одбрана, а воедно го обвинува ЦК на КПЈ дека во овој случај постапил неправилно. На крајот, Шарло заклучува: „Другари, јас мислам дека одлуката на ЦКЈ за моето исклучување е престрога и дека е диктирана од една страна од лошата партиска процена за мојата партиска работа, а од друга страна, таа е заснована на клеветите на другарот Митре (Лазар Колишевски) и на одредени интелектуалци, кои во желбата да дојдат до партиски позиции бараа покритие за својата работа, и не се запреа ни пред фактите што ги изнесовме и затоа за мене е ужасно постоењето на другарот ‘Митре’, кој се служи со клевети во мое отсуство, тој не заслужува да биде член на Партијата, гледајќи сè што мене ми припиша, сè што е антипролетерско, антикомунистичко и антипартиско однесување... Лично за себе ги признавам своите грешки, но сметам дека исклучувањето е неправилно и за сторените грешки треба да бидам казнет, но не и исклучен. Ја молам КИ да се позанимава со моето исклучување затоа што ова е за мене големо прашање што сега јас сум исфрлен од Партијата и немам никаков партиски живот и како непартиски борец не можам да земам учество во револуционерната борба... Немав можност да дадам одговор на обвинувањата од Митрета... ЦКЈ ми го одзеде правото да се каам за сторените грешки, но не и за обвинувањата од страна на Митрета и неговите најгадни измислувања за мојата партиска работа и за неверувањето во победата на социјалистичката револуција.“
Откако бил отстранет од Партијата, Методија Шаторов сакал да замине во партизани, но не добил врска и за да не биде ликвидиран од партизанскиот суд, се вратил во Бугарија. Тука тој веднаш бил вклучен во партиските активности на БКП. Активно учествувал во организирањето и раководењето на партизанското движење во Бугарија. Загинал во февруари 1944 год., во мошне сомнителни околности, при еден судир со бугарските воени и полициски сили кај Пазарџик, во областа Милеви Скали.
Методија Шаторов-Шарло се вбројува во редот на најистакнатите дејци на меѓународното работничко движење, на комунистичкото движење и на националнореволуционерното движење на македонскиот народ во рамките на активностите на ВМРО (Обединета). Тој е македонски патриот со развиено и непоколебливо македонско национално чувство, со изразена промакедонска активност за извојување на слободата на својата татковина.
Низ документите и материјалите се осознава вистинската личност на Методија Шаторов како беспрекорен, предан, дисциплиниран и бестрашен комунист, истакнат револуционер и деец на национално-револуционерното движење на македонскиот народ, како раководител на ВМРО (Обединета) и како интернационален деец на меѓународното работничко движење, кој поради неговата активна и континуирана комунистичка и промакедонска дејност постојано беше следен, апсен, затворан, интерниран и осудуван од бугарската полиција во Софија. Целите и задачите на неговата борба јасно може да се согледаат од следнава констатација: „Нашиот пат е единствениот што води кон национално и економско ослободување на македонскиот народ. ВМРО (Обединета) е единствената и вистинска македонска националнореволуционерна организација, во која членуваат револуционерни македонски сили без разлика на нивната партиска припадност. Таа има револуционерно-демократска идеологија и го држи знамето на македонската националност и борбата за слобода и независност“.
    

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.