Thursday, July 28, 2011

Јане влегува во Солун

Jaне Сандански

Сандански формирал одред од 300 души и заедно со војводите Стоју Хаџиев, Димитар Арнаудов, Ѓорги Казепов, Крсто Чапрашиков, Иван Чонтев и четата на Александар Бујнов кој останал на лекување во Неврокоп, на мазги и на коњи тргнале за Солун како претходница на бугарската 7. дивизија. Одредот од 300 Македонци предводен од Сандански заедно со бугарската коњаничка група на мајорот Цонев, на 28 октомври 1912 година влегол во Солун. Истовремено, влегле и грчки трупи предводени од престолонаследникот Константин, а потоа влегла главнината на бугарската војска. Со главнината на бугарската армија, покрај командата на 7. Рилска дивизија пристигнале и кнезовите Борис и Кирил. Во нивното обезбедување, покрај бугарската војска, учествувале четите на Тодор Александров, на Михаил Думбалаков, на Георги Мончев, на Дончо Златков и четници на Јане Сандански. Во Солун особено бил свечено пречекан Сандански, кој имал изграден авторитет уште во Младотурската револуција како борец за слобода и за рамноправност прокламирани во неговиот манифест. Поради тоа, народот го пречекал со аплаузи и со повици Да живее Сандански!, а од грчкото население со Зито Сандански!
На една прослава организирана од генералот Георги Тодоров, началник на Штабот на 7. Рилска дивизија, се држеле здравици за ослободувањето на Македонија и за нејзиното приклучување кон татковината Бугарија. На таквите здравици станал и Сандански и наздравил со зборовите: Пијам за слободна и автономна Македонија, за која се бореа и дадоа скапи жртви обединетите балкански народи. Како полеани со студен туш, бугарските офицери со пцости и со закани му се нафрлиле на Сандански, а некои му се заканиле дека за таквите зборови ќе го исечат со своите сабји. Сандански навидум спокоен, си заминал со сознанието дека протерувањето на турските сили за Македонија не значело ослободување, дека македонскиот народ е измамен, дека следи распарчување и нова окупација на Македонија.
Силите на Јане Сандански во бројна состојба од 2.000 души биле организирани во еден одред - одред од 300 Македонци предводен од Сандански, заедно со бугарската коњаничка група на мајорот Цонев, на 28 октомври 1912 година влегол во Солун и таму имал свечен и шумен пречек од населението - македонско и грчко.


"Ние треба да работиме за будење на сознанието кај македонските маси дека се тие самостоен народ, дека имаат право на слободен живот и дека треба да се борат за извојување на својата слобода, без да се потпираат на туѓа помош, зашто оние што би дошле да не ослободат, ќе дојдат всушност, да не поробат" - Jaне Сандански, 1902 г.

Според военостратегиските планови на Бугарија и на Турција, на 18 октомври во 1912 година на територијата на Источна Македонија, по долините на Струма и на Места биле дислоцирани бугарската 7. дивизија, наречена Рилска, со правец на движење од Горна Џумаја кон бугарско-турската граница и понатаму кон Егејското Море, а на спротивната страна турската Струмска армиска група на Али Надир-паша, стационирана по долините на Места и на Струма, составена од 14. Низамска и од 8. Серска редифска дивизија, со задача да го спречи пробивањето на бугарската армија. Силите на Јане Сандански во бројна состојба од 2.000 души биле организирани во еден одред. Потоа одредот бил преформиран во чети и во седум оперативни групи.

Покрај овие, под раководството на Сандански се ставиле бројни формации на селската милиција и самоиницијативно формирани месни (селски и градски) чети. Во реонот меѓу Мелник и Свети Врач (денес Сандански) на војводата Александар Бујнов, му се приклучиле уште 400 мелничани и 300 души од Свети Врач и од селата Плоски и Поленице и околу 70 души од селата Хрсово и Капатово. Главниот оперативен штаб на силите на Серската организација го сочинувале Јане Сандански, како главен раководител, и војводите Тодор Паница, Александар Бујнов и Георги Скрижовски. Овие сили во организацијата и извршувањето на борбените дејства биле целосно самостојни.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.