Tuesday, July 26, 2011

Пандо Кљашев

Пандо Кљашев

Пандо Кљашев е македонски револуционер, војвода и раковидетел на ВМОРО.
Пандо Кљашев е роден на 29 септември 1882 година во револуционерното село Смрдеш, Костурско. Во своето село Кљашев учел до четврто одделение во егзархиско училиште, а потоа образованието го продолжил во Костур, Солун и во Битола, каде во учебната 1899-1900 г. завршил гимназија. Првото запознавање со Организација било во Солун во 1898-1899 г. Во тој период почнал да го гради сопствениот револуционерен идеал. За време на распустот го напуштил Солун и заминал за Битола каде го завршил последниот клас, имал среќа да учи од Даме Груев и од Михаил Герџиков, кои тогаш биле учители во Битола.
Првото дејствување на терен како агитатор на Организацијата го имал во родното село летото 1900 г. Во тој период веќе биле поставени темелите на МРО во Костурско.


Во 1900-1901 г. Кљашев бил поставен за учител во с. Смрдеш, по што почнал активно да учествува во градењето и во ширењето на Организацијата. Во 1900 г. во овој реон била формирана и првата организациона чета на чело со војводата Коте Христов од с. Руља, со кого подоцна Кљашев и останатото костурско раководство биле во постојан конфликт поради неговиот разбојнички карактер и шпионската соработка со грчкиот костурски митрополит Каравангелис.
Друга битка со аскерот, во која учествувал Кљашев, имало на 19 мај истата година во с. Трсје, Леринско. Покрај костурската чета на чело со Чакаларов и Кљашев во овој судир учествувала и четата на леринскиот војвода Марко. Здружените чети имале околу 50 четници и без жртви успеале да се извлечат од селото, но околу 120 селани биле однесени во Лерин, a 90 пушки му биле предадени на аскерот. На 20 јули Кљашев заминал за Битола за да го консултира Окружното раководство т.е. Атанас Лозанчев, како да се однесуваат костурчани доколку леринската афера, која била во тек, се префрли на нивен терен, a се интересирал и дали е на повидок востанието. По враќањето од Битола, Пандо се сретнал со Чакаларов и со Москов и им најавил дека востанието се ближи, па решиле дека е најдобро во секое село од подобрите "работници" да се формираат чети на чело со селски војвода. Оваа одлука прво ја спроведеле во с. Вишени, a такви чети се формирале и во другите села.


Борба против врховистите:
Во септември 1902 г, костурското раководство се нашло пред нов предизвик, во нивниот реон од Бугарија дошол полковникот Јанков, родум од с. Загоричани, со чета испратена од Врховниот комитет да крева "востание". Тоа требало да биде синхронизирано со т.н. Горноџумајско востание. Најзаслужни што оваа акција имала поинаков тек и со ограничени размери, биле Пандо Кљашев и Васил Чакаларов. Двајцата постојано вршеле контраагитација по селата кои ги посетувал Јанков, им објаснувале на селаните дека ќе има востание, но не кога сака Бугарија и Цончев, туку кога за тоа ќе се подготви македонскиот народ и кога ќе одлучи Организацијата.
Покрај Кљашев, во Костурско, од старите војводи дејствувале Митре Влашето, Атанас Кршкаков и други помалку познати. Почнала да се обновува организационата мрежа, селската милиција, која многу успешно се спротивставувала на андартските напади и успеала да им нанесе големи загуби. Сепак, овој дел од Македонија најмногу настрадал од Грците (крвавата свадба во с. Зеленич, ноември 1904 г. и колежот во с. Загорични, 25.3.1905 г, национален празник на Грција.На 25 март 1905 година четите на Георгиос Цондос, Евтимиос Каудис, Георгиос Макрис, Павлос Гипарис и капетан Болакас, со околу 300 андари, го напаѓаат Загоричани и извршуваат страшно клање, во кое загинуваат околу 100 души , а целото село е изгорено.На 18 април Вардас и Захариас Пападас фаќаат 45 жители на село Сребрено и убиват двајца мажи и две жени.). Во 1906 г. Кљашев бил избран за член на Битолскиот окружен комитет. Тој постојано се движел и агитирал низ Костурско. Смртта го затекнала при една обколка низ костурските села, заедно со 14 соборци херојски, загинал во битка со османлискиот аскер над с. Дреновени на 13 август 1907 година.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.