Крушевскиот манифест е манифест што го објавила револуционерната власт во Крушево за време на Илинденското востание. Напишан е на 6 август, а негов автор е Никола Киров Мајски, иако одредени историски извори како автор го наведуваат Никола Карев. Напишан е на македонски јазик (крушевски дијалект), а потоа, преведен на турски јазик, е испратен во 17 примероци до околните села со чисто или мешано муслиманско население.
Во него околното муслиманско население братски се повикува да ја поддржи и да ја помогне светата борба на сите обесправени во Македонија. Манифестот наидува на добар прием од страна на муслиманското население, а кметот на селото Алданци возвратил со порака во која изразува разбирање за мотивите на востаниците.
Текстот на Манифестот прв пат е објавен во драмата „Илинден“ на Никола Киров Мајски во 1923 година.
Крушевскиот манифест се обраќа кон нехристијанското месно население во 
востанатите региони. Иако е напишан во форма на обраќање до муслиманите -
 Турци, Торбеши и Арнаути (Албанци), Манифестот едновремено дава и јасна
 слика за мотивите и целите на востанието, неговиот револуционерен, 
национално-ослободителен и социјален карактер. 
Содржината на Крушевскиот манифест:
Браќа земљаци и мили комшии!
Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и
 неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, 
не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за 
чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и 
вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија 
да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со 
пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода.
Вие мошне арно знајте оти ние не сне лоши и разбирате оти от мака си 
ја кладофне главата в торба, за да заживејме како браќа на оваја земја, 
ние ве имаме како сфои и сакаме до крај да останиме сфои.
Ние не дигнафне пушка протиф вас - това би било страм за нас; ние не 
дигнафне пушка протиф мирнио, трудољубивио и чеснио турски нарот, шчо се
 прерануат, како нас со крваф пот - тој јет наш брат и со него сне 
живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да 
грабиме, да палиме и да крадиме - доста ни сет зулумите на безбројните 
деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да 
порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мјаки и сестри, жени и ќерки; 
требит да знајте оти вашио имот, вашио живот, вашата вера и вашата чес 
ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите. Анџак, за да си 
завардиме имото, живото, верата и честа, ние сне зеле пушка.
Ние не сне муртати на сфојата земја, шчо не родила, ние не сне арамии
 и јанкесеџии, а ревољуционери пот клетва да умриме за правото и за 
слободата; ние се бунтуваме протиф тиранијата и протиф ропството: ние се
 бориме и ќе се бориме протиф муртатите, протиф арамиите, протиф 
зулумќарите и јанкесеџите, протиф насилниците на нашата чес и на нашата 
вера и протиф тие шчо смучат нашата пот, и експлоатират нашио труд. От 
нас, и от нашите села да не се плашите - никому зијан не ќа сториме.
Ние не само ве имаме како сфои браќа, туку и ве жаљаме како сфои 
браќа, бидејќи разбираме оти и вие сте робје како нас, робје на царо и 
на царските бегој, ефендии и паши, робје на богатите и на силните, робје
 на насилниците и на зулумќарите, шчо ја запалија царшчината од четирите
 страни и шчо не натераа нас да дигниме глава за право, за слобода и за 
чоечки живот. За право, за слобода и за чоечки живот ве каниме и вас да 
дојдите заедно да водиме борба!
Елате, браќа мусљумани, при нас да тргниме протиф вашите и наши 
душмани! Елате под бајрако на „Афтономна Македонија”! Македонија јет 
заедничка наша мајка и викат за помош. Елате да скршиме синџирите на 
ропството, да се куртулиме от маки и страданија, и да пресушиме реките 
от крвој и солзи!
Елате при нас, браќа да си слејме душите и срцата и да се спасиме, та
 ние и нашата чељат и пречељат да живејат мирно, да си работат спокојно и
 да напредуат!...
Мили наши комшии! Како Турци, Арнаути и мусљумани, разбираме, вие се 
си мислите, оти царстфото јет ваше и оти вие не сте робје, шчом на 
царскио бајрак немат крст, а имат ѕвезда и месечина. Оти не јет така и 
оти грешите, вие брго ќе се сетите и ќа го разберите. Ама ако ви јет 
намуз да дојдите при нас и да се објавите протиф царската тиранија, ние,
 вашите по таткојна и по страданија браќа, немат да се докачиме и не ќа 
ве мразиме. Ние сами ќа се бориме и за нас и за вас, ако јет потребно, 
до еден ќа умриме пот бајрако за нашата и ваша слобода и за нашето и 
ваше право. “Слобода или смрт” јет писано на нашите чела и на нашио 
крваф бајрак. Ние веќе го дигнафне тој бајрак и немат враќање. Ако и вие
 нe имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да 
живејте со нас, како шчо сте живејале досега и ако сте верни и достојни 
синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо - а 
тоа јет голема помшт. да не се заортачите со душманите, да не дојдите со
 пушка протиф нас и да не прајте зулуми по рисјанските села!
Нека Господ Бог да благослојт светата борба за правото и слободата!
Нека сет живи борците за слободата и сите чесни и добри македонски синој!
Ура! За „Афтономна Македонија”!