Tuesday, January 29, 2013

Поема од Ристо Шишков

Земи ги очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
златни синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски,
од Грамос и Вичо планина
роден во време опасно,
време комунистичко.
Комунистиве глава кренаа
и мене в зандана турија
за моја жална
Македонија.
Комунистиве ми даваат
рубата комитска
да се претворам во
Турунџе
да се претворам во Гули
војвода
за да си ладам душава
душава моја изгорена.
Не сум ти јас Турунџе
ниту сум Гули војвода
јас сум си самиот комита-
Ристо Беломорски
Дај ми го шмајзерот
јас да си одам в планина
там да си најдам дружина
дружина одбор комити.
На Грамос
ќе најдам Делчета
на Пирин ќе најдам
Сандански
на Бигла ќе најдам Јордан
Пиперка.
Дружба да дружам
со комити
дружба да дружам,
бој да си бијам
бој да си бијам со три ламји со три аждаи
со варварите, татарите и србоманите
што ми грабнаа убава девојка,
ја грабнаа и оковаа со три синџири.
Роб робува убава девојка
роб робува седумдесет години.
Дај ми ја сабјата
сабјата дипленица
да си искинам синџири
седумдесетгодишни
да си ослободам девојка робинка
девојка робинка – лична
Македонија.
Земи ги очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
остри синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски
од Грамос и Вичо планина.

Печал

Нема ли живот, нема ли
љубов за живот голема
љубов за живот човечна
у виа гради аргатски?

Нема ли срце, нема ли
срце  –  на срца срцето,
срце  –  ширини широко
срце  –  длбини длбоко  –
цел свет да збере, па да е
за виа гради малечко?

Нема ли бел ден, нема ли
ден да е над деновите,
ден да е на аргатите  –
ден слнце вишен високо
ден  –  море ширен широко,
слнце да запре, да стои
и времето зачудено:

срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвора
и шири ширно широко  –
целиот свет да загрне!

Коста Кочо Солев Рацин 

Македонски народни песни запишани од Јосиф Чешмеџиев

Магда


Огрејала месечина, леле,
крај кулата, при булите.
Сите були ју фереџе,
мома Магда ју елеци.
Па е Магда најубава, леле,
најјубава, најгиздава.
Сите були набелени,
набелени, нацрвени.
мома Магда, ни белена, леле,
ни белена, ни црвена.
па е Магда најјубава,
најјубава, најгиздава.
Сите були ју кондури, леле,
мома Магда ју опинци,
па е Магда најјубава,
најјубава, најгиздава.
Сите були ју кавраци, леле,
мома Магда ју шамија.
Па е Магда најјубава,
најјубава, најгиздава.


Жаљба за младост


Да знаиш, моме, да знаиш,
како је жаљба за младост,
на порти би ме чекало,
от којна би ме сметнало,
на раце би ме кренало,
по скала би ме качило,
в одаја би ме внесило,
ноѕеве би ми измило,
постеља би ми послало,
до мене би си легнало.

Стари Јано, Лазаре, вино пиет
Стари Јано, Лазаре, вино пијат,
вино пијат, во башчите,
во башчите, под вишните.
Просто стоет – девет синој,
му служеет златна чаша,.
Ми долета едно пиле,
ми нараси – златна чаша.
Прогоори – стари Јано,
-  Ај синои, мили синои,
земите си – лак и стрела,
ударите това пиле,
што нар’си – златна чаша.
Отгоори – лапо пиле:
„Не сум пиле – за стрељање,
тук ме прати цар Александар.
Ти си имаш мила ќерка,
тој си имат – мили сина,
вие да се сосватите.“


Девојче море девојче


Девојче, море девојче,
шчо ти је бело грлото –
како на фиљџан д’ното?
Фиљџанот полн со ракија,
подај го да се напијам.
Подај го да се напијам
да пијам да се опијам,
да пијам да се опијам,
меракот да ми поминит.

На срце му љута змија
На срце ме пие, мила мамо,
една љута змија.
Та не се е била, мила мамо,
таја љута змија,
туку се е севда, мила мамо,
севда црноока.
Севдината снага мила мамо,
штица бичкиџиска,
севдиното лице, мила мамо,
мило јасно с’нце,
севдиното чело, мила мамо,
това рамно поле,
Севдините веѓи, мила мамо,
црни пијавици.


Абре лудо, аџамијо


А бре лудо, аџамијо,
абре левен, јабанџијо,
што ми идеш по бел дена,
по бел дена – право пладне?
Што не чекаш мрак да падне?
Дал е Господ темни ноќи,
темни ноќи криви друми-
да не слушам лоши думи.
лоши думи, присмехулки,
от момите по вратите,
од жените по ма’лите,
от мажите по ме’аните.


Кукни кукувице


(Љубима песна на Гоце Делчев)
Ајде мори, кукни, кукни,
сињо пиле кукувице, мори,
кукни да не кукнеш!
Ајде море ја да дојдам,
сињо пиле кукувице, мори,
таја рана пролет!
Ајде море да си соберам,
сињо пиле кукувице мори,
се одбор јунаци.
Ајде море да си слегнам,
сињо пиле кукувице мори,
у Солунско поле.

Wednesday, January 23, 2013

Сонет за скрбта

Лисја што лудиот ги завеал ветер,
Онемен камен во понор на болка,
Облак што лета во туѓиот етер,
Солзи што лее и вечно што талка -

Тоа е човекот бегалец тажен
Секогаш в срце тој скрбта ја носи,
Знак на олелија - светот наш лажен,
Непребол вечен, ах срце му коси.

Патопис, ах ако можеше некој
За оваа да напише тажна историја -
Фар тој ќе запали в светот за секој.

Секој за драмата сè нека знае,
Жестока тоа е дискриминација
За искорнатите - неправда зјае.

Разбранети сртови далечни

Разбранети сртови далечни
Треперат во бескјрајот син
Небаре бранови пенливи
Во синевината прозрачна се креваат
- Тоа гривите свои ги нацртале
Планините високи вити
Во длабочината небесна
Величави вечни

Ах како се врежани во мене
тие сртови безбројни
Разбранети разиграни
Во моите сеќавања
И сказни ми шепотат тие
И легенди живи
На мотиви мили
Егејски.

Васко Караџа

Ветрови

О, ветрови уривачки
Што ги растуривте
Виденијата на надежите
О ветрови истребувачки
Што нù ги исушивте
Бакнежите на пролетта,
Што нè искорнавте
Што нè истребивте
Откако го разгоривте
Пламенот на некој знак,
За да се потврди пак
Мислата на мудроста стара:
„Само малата тага зборува -
Големата е безмолвна“

О, таго наша бескрајна
Што срцата ранети ги кинеш
А солзите пресушуваат
Заедно со ’ртулците
Во циметовата светлина
Таму каде што останаа
Понекои завеани траги
Од една вечна љубов
За сè што е возвишено
Ах, љубов нерасцутена,
Љубов изневерена...

Васко Караџа

Во брановите на носталгијата

О, бранови бурни, нескротливи
Бранови на нашата носталгија
Неутешна и незгаслива,
За родните ни огништа
Што ги ограбија безмилосно
На носталгијата за изгубените татковини
За нашите со цвеќа засеани ридишта
За планините, за шумите и имотите,
За бистрите извори и полјаните
За нашите светилишта
За нашите свети обичаи
За нашите празници, за ората
О, бранови вечни нескротливи
До кога ли безжалосно ќе нè бие
Вашата горчлива пена изморени и истоштени
Во нашите потонати надежи..
Сожалете нè на крајот од краиштата
И однесете нè во родните места
Да си поплачиме барем за малку
Во една тишина скаменета
Врз раните на неостварените соништа.

Васко Караџа

Thursday, January 17, 2013

Два ангела од Света Гора

Летале ми два голоби,
летале шчо ми летале
од Света Гора манастир;
та шчо ми тије паднале,   
широко море, глобоко,
на Котовата гемија.
Сиви голоби зборвеет:
-Гемиџи, Кото, гемиџи,
силен ќе ветер повеит,
луни фуртуни ќе фатат,
гемија ќе т' се превртит!-
Кото гемиџи им велит:
-Слушајте, сиви голоби:
ако ми ветер повеит,
луни фуртуни ми фатат,
гемија ми ја бак'рна,
диреѕи је се железни,
синџири је се стребрени,
платната је се мушама!-
Како ми голоби рекле,
така ми ветер повеа,
луни, фуртуни фатија.
Голоби ми се кренале,
Света си гора отишле,
на најголемиот манастир.
Не ми се биле голоби,
туку ми биле ангели
од вишни Бога пратени.

Кузман Шапкарев

Народни песни на Македонците во Албанија

Море лудо море младо!
Женено си, ели не си?
Ако не си оженено,
ожени се, з’ј ме мене,
ние јоба ујдисавме:
кноки, кноки, та восоки,
бели, бели та червени;
и промените ујдисани:
твојо фустан, мојо чултар,
твојте токи, мојте павти,
твојто елек, мојо минтан,
твојо појас, мојо колан.
(Лабаница)

Да тресниш, мајко, да пукниш,
зашто ме роди калешо,
не мож да ида на вода
от тије пусти беќари,
на кланца вода студена,
љута ракија пијее,
от мене мезе сакае
од мојте бели грандушки.
(Косенец)

Сакам девојка от селото,
сакам но не ми ја даве.
Сенна на пото да чекам
на ена тесна улица,
на ена черна т’мница.
Поминви Ринка Попова,
от лозјето ми гредише,
п’лна шамија со грозје.
Подај ми Ринко, тро грозје!
И та сизмами му даде.
Тој не му фати грозјето,
туку му фати рочето,
рочето бело, червено;
Ринка му рече полека:
- Стојане млади Стојанчо,
пушчи ми мило роката,
па ми ти фати срцето.
(Нестрам).

Македонцим ув прилог

Татковина ја ово место мило Македонцим,
кралевина била под краљом Филипом,
старо царство, јесте од цара Александра,
наш цар македонски, познат Александар велики ув вселену.
Он је наше царство во Полостров Балкански
је го оставил все горским Славјаним.
Чујте, браќа наши јевропски христијани,
да ја наша судбина нами досадила
мије хоштеме нашу домовину.
Ево днеска в македонскеј кралевини наши браќа тужат
зашто само назе под ропство оставајет
зато и мије хоштеме своју домовину!
Братије наши Македонци од православну веру,
да се сви сложиме, јуначки бориме,
како наши стари под цар Александром,
повтор спомен своим имјам по нас оставиме!
Историју стару да ју оживиме,
мије глејте сега да ју исполниме.

Ѓорѓија Пулевски

Wednesday, January 16, 2013

Слава славит Кралевиќе Марко

Слава славит Кралевиќе Марко,
слава славит светаго Ѓорѓија.
Дошле триста попој и двесте калуѓери
и триста стари патријарси.
и му велет на Кралевиќе Марко,
ејгииди Кралевиќе Марко,
све си имаш, с'де риба от Охрида немаш.
И си киниса Кралевиќе Марко,
во града Охрида да ојт.
Си зеде пушка и сабја.
Мајка му велит:
- Немој сине, не земај оружје.
Нас ќе ни поможит свети Ѓоршија.
Си киниса Кралевиќе Марко
во Охрида града риба да си купит.
и го најде едно Турче:
- К'де одиш незнаен делија?
- Што ме питаш, шо те тебе брига.
Турчето го врза Кралевиќе Марка,
и го однесе во града Охрида.
Се молеле охриѓани:
- Не губи го Кралевиќе Марко,
не ќе ни родит нити жито, нити вино,
нито трева по полето.
А Марко му велит:
- Немој да ме носиш
прет јанино кафе, три години сум јало,
пило, нишчо не сум платило.
И тој сега за инет го однесе...
А кога го виде Јана девојка:
- Добро ми го донесе ов'ј пријет'л,
три години јало, пило, нишчо не платило,
сега ќе ми платит.
И се опијани она црно Турче и си заспа,
му зеде Јана клучој от појаси и го отклучи Кралевиќе Марко.
Си однесе она Турче дома.
И им велит на онје гости:
- Ево риба од Охрида.
  
„Песни за Крале Марко“

За Македонските хагади

- О диаче учениј
у школом избраниј.
Кажи мене что сут
на земли?
- Честниј оче духовниј,
кажа ќе ти, что сут
на земли:
Един син Мариин,
Исус Христос над всеми царствуем,
Два табла Моисеови,
три јерарха великиј,
четири евангелисти,
пет рани Христови,
шест собор Боородичне,
сед’м тајни црковниј,
ос’м милостиниј Божиј,
девјат чини ангелстиј,
десјат заповеди Божиј
единадесјат небеса,
дванадесјат апостоли.
Од еден ракописен Молитвеник од 19 век.

***

- Еј ти ѓаче, учениче,
наш колани избрани,
кажи мене што е едно?
-Ќе ти кажу чесно дуовниче:
дванаесет апостоли,
единаесе небеси,
десет Божи заповест,
девет чина ангели,
осум гласа Божи,
сед’м црков тајни,
шес’ собора велики,
пет рани христови,
четири евангелиета,
три рала велики,
два табура Мојсеја,
един син Мариин,
Исус Христос над всеми,
над наме царствует.
Од Кратовско, Запишал Ефрем Каранов.

***

1. Да клаеме ушче едно,
да станат два пати:
две очи мома има,
еден ми е булбул,
шчо ми рано пеит,
рано во мај месец.
2. Да клаеме ушче едно,
да станат три пати,
три нодзи пиростија,
две очи мома има,
еден ми е булбул...
Итн.
3. Да клаеме ушче едно,
да станат четири пати,
четири нодзи крава има,
три нодзи пиростија,
две очи мома има.
Итн.
4. да клаеме ушче едно,
да станат пет пати:
пет прсти рака има.
Итн.
5. Да клаеме ушче едно,
да станат шест пати.
шест месеци пол година.
Итн.
6. Да клаеме ушче едно,
да станат седом пати.
седом дена в неделјата.
Итн.
7. Да клаеме ушче едно
да станат осом пати:
осом моми на орото.
Итн.
8. Да клаеме ушче едно,
да станат девет пати,
девет мина на чужбина,
осом моми на орото,
седом дена в неделјата,
шест месеци пол година,
пет прсти рака има,
четири нодзи крава има,
три нодзи пиростија,
две очи мома има,
еден ми е булбул,
што ми рано пеит,
рано во мај месец.
 
Лудвик Куба

Русалка девојка и троица јунаци

Рано рана траица јунаци,
рано рана оште от вечера;
че си ида на Аин планина,
да си мета пребела камења;
едно ми је Реља крилатина,
друго ми с Марко добар јунак,
фоќото по Момчил вреден јунак.
Та справили нијни добри коње,
та ојдоа на крај на клисура.
Соседнаа от добрите коње,
седнаа ок коње да шетаа,
та шетаа нијни добри коње
и гледаа на горе, на доле,
најповеќе у Аин планина.
Тамо ми се туку нешто сјеи -
да је с’лнце? Оште с’лнце нема;
да са леди - стопили би са;
да лебеди - отлетели би си.
Појдоа си троица јунаци -
ни са леди, ни са си лебеди;
ни је с’лнце зидом зазидано,
нело ми је Русалка девојка -
на глава ју перо от вуина,
ем је перо, ем је половина.
Ка ги виде Русалка девојка,
сивна перо, у трава го врли,
та се скрила зад ела китата.
Јунаци се на перо чуда -
зашто ли је перо одвоила?
Земаа си, че да го дижаја:
зави р’це Марко да го взема,
та го дигна до свилни појаси;
па не може горе да го дигне,
он го в’рли у трава зелена;
ем го в’рли Марко, ем го к’лне:
"Пусто да е перо от вуина,
што је тежко, море, не диже се!
Ка го носи гиздава девојка?!"
Па го в’рли у трава зелена
Та го взема Момчил вреден јунак,
па го дигна до белото г’рло,
па на перо потио говори:
"Што си тешко, бог да те убие!"
Та го в’рли у трава зелена.
Па го взема Реља крилатина,
па го дигна до бели рамења,
па не може на коњ да го качи.
Па го в’рли у трава зелена
и на перо потио говори:
"Што је тешко перо от вуина!
Ка го носи гиздава девојка?
Ка го носи, бог да а убие!"
Разлути се Русалка девојка,
та си взема строостром камџиа,
та ги скара низ гора зелена,
откара ги Дома на дворове,
затвори ги у кале алатцко,
затвори ги на ден на Великден,
затвори ги, та ги забовари,
та лежаа до ден до Спасовден.
Кога беше на ден на Спасовден,
рано рани Русалка девојка,
разгледа а нојна стара мајка,
та па си у потои говори:
- Мила ќерко, Русалко девојко,
да зашто си рано подранила?
Ја она ју потои говори:
- Фала тебе, моја стара мајко!
Каков с’м си горок сон видела!
Отишла с’м по гора зелена,
на срешта ми до три љути змии -
две утепа, една ме изеде.
- Мила ќерко, Русалко девојко,
ти си много маки разплакала
и мене че некој да разплачи.
Стани, иди у честните цркви,
ега ми се тој сонок разтури.
И Русалка у цркви отишла.
Кога си је из цркви излела,
русалки са оро заиграле.
јунак нема оро да ју води.
Она ојде јунаци изведе,
да си вода хоро, ситно хоро.
Не умеа хоро да си вода.
Посрами се Русалка девојка,
посрами се, та па се разљути,
накара ги у кале алатцко;
накарала ги и затворила ги.
Проговора Реља крилатина:
- Фала тебе, Русалко девојко!
Ие затварај ни, не забоварај ни.
Не сме дошли туа да лежиме,
нел сме дошли тебе да гледаме.
Ние сме си троица јунаци,
кој ти драго, тогова заљуби!
Измами се Русалка девојка,
не сети се, бог да а убие,
да че да је па врла измама.
На јунаци потио говори:
- Че те љубим, Реља крилатина!
А он си у потио говори:
- Таком бога, Русалко девојко!
Љубил би те, ама па не смеем,
оти си си мома џебелијка,
че си дојдем вечер довечера,
па не знаем дека ти се џубе раздвојаше;
преведи се през добрата коња,
добра коња, пребели рамења!
Не сети се, бог да а убие,
да че да је на врла измама
преведе се през добрата коња,
добра коња, пребели рамења.
Ној ју се џубе раздвоило,
раздвоило тнки половини.
Он изваде тој златни мајмуди,
удари ја т’нки половини
и оца је слаба половини
и она се на две раздвоила.
Појдоа си троица јунаци.

Кузман Шапкарев

Sunday, January 13, 2013

Прогонет јазик

Заседи му поставуваа
На јазикот мајчин
Во утра и самраци
Зад грмушки и зад авлии
Под дрвја бујнозелени
И прозорци натажени

Ѕун на погромно ехо
Ведрини затемнуваше
И песните приспивни
И песните свадбени
Ги заглушуваше
Со тетор чудовишен
Над живиот збор

Беспредел горчина зацари
Во крајот егејски тогаш
Кога ритери мрачни
Со закон го забранија
Јазикот мајчин.

Васко Караџа

Јас Методи Патче од Охрида

Јас Методи Патче од Охрида
ослободен од битолски затвор
па си тргнав за Охрида града
там не најдов ни мајка, ни татко
там си најдов верната бисерка
верната бисерка, маликерка.
Па си тргнав за Прилепа града
за Прилепа село Кадиново
там си најдов верната дружина
верната дружина, договорна.
Говор држи Методија Патче
напред браќа, борба да водиме.
Се зададе силната потера
силната потера, кавалерија
поарџија сите си куршуми
оставија само еден куршум.
Говор држи Методија Патче
ајде браќа да се убиеме.
Навртија пушки под брадите
прв се уби Методија Патче
а по него целата дружина.

Македонски народни песни

Кој ќе ни помогне

Слобода сакаме -
Народот вика така
Кој да го слушне кутриот народ,
Бугарија ли? Тракија?
Дали учената Европа,
Којашто гробот ни го копа?
Или пак сениште од некој храм
Спас ќе ни донесе нам?
Бугарија и Тракија
Од друго вино се опија;
А од просветената Европа
Без „Батак“ не ни тропа
И нигде никому чуда
За спас не му се нудат,
Затоа: кутрете - чинете
И - сами накај правдините!

Атанас Раздолов

Кон Струма

Ој ти Струма, тивкотечна!
Љубов вечна и срдечна
Прими, потем препрати ја
До браќа ми поробени -
Препрати ја, позлати ја
Со зборови позлатени:
„Со молење престанете!“
Сите простум застанете.
Дојде кова, дојде време
Ние да се совземеме,
Да застанеме на пат
На тој душман што ко ат
Преку леи и тумбази
Слобода ни ја гази.
Дружно да се поткренеме,
Да викнеме: дојде време!
И додека „Ај“ се зборне,
Враг да сотреме од корен!

Атанас Раздолов

Напред

Станете борци, кренете глава!
Станете против враг вековит!
Борбата задача нам ни дава
Да биде урнат азискиот ѕид.
Владици, попови со црни капи
Слобода да ни донесат нема;
Нема со топови турскиот катил
Да нè застрашува во наша земја.
Затоа напред и „Напред“ да гласи,
Борба да јачи низ нашиот крај:
Нека слободата да го краси
Нашиот единствен земен рај.
Да ни е света револуцијата и чиста,
На сите да ни донесе спас;
Славата нејзина да нè заштитува, да блиста!
За воскрес наш да втаса час!
Затоа напред, јуначки напред,
Без малодушности, без трошка страв.
Ропското грдо да се запре
И да се пеплоса, да стане прав!
Та, друго ништо не се ни може!
Зарем на тиранот ќе му се жалиме?
Да го парчосаме турското ноже!
Така слободата ќе ја спечалиме.

Атанас Раздолов

Saturday, January 12, 2013

Александар на поаѓање во поход

Никогаш веќе нема да те видам на чардаците,
ниту како наведната собираш летина.
Никогаш нема да го чујам
клепањето на косата
ниту клепањето на воденичкиот камен во реката.
Никогаш веќе нема да се вратат
ни деновите ни месеците ни годините
пред куќата во дворот на чардаците и амбарите.
Никогаш веќе нема да се качи невеста на коња
кога гласот од свирките го порабуваше со топлина  небото
нашето сито и решето на дождовите
ниту пак кога искра од огнило го осветлуваше
ликот на родителот
во пролетната квечерина на громот
мирисот на тратот, смреките, матерката.
Никогаш повеќе нема да се соберат
освен во песната и сеќавањата сите слики
на едно дете, на едно момче крал
освен љубовта, девојката во сонот и тревите
земјата на патот и во постелата
освен жената и земјата
огнот и млекото на пролетта
што ги отвара патиштата
А мене не ми се умира.

Радован Павловски

Илинденска

Вината не беше наша
таа кај друг се крие,
и туѓи прсти тогаш
стотонска вина сторија!
Но, штом ќе дојде ден
и штом ќе треба, ние
за сè ќе ѝ раскажеме
на мајката историјата.

Започнаа со раце гнасни
на народот во душа да му џбараат,
но, гневот беше толку нараснат,
та, не се сфати волчката им нарав
и музките на ѕверови во овчи кожи,
престапничко и плитко лицемерење.
Но, идат дни, а тогаш и ќе може
со грски кал по сурат да ги пернеме.

Се почна бунтот.
И не беше обичај
да изостанеме.-
Не се предадовме!
Туку,
со крвта
на народот обичен
во Илинден наша
содржина кладовме!
Што ли ќе речете за таа новост?
Ќе барате ли тука руски рубли?
В Крушево уште феудалот гнетеше
и колкав скок?-
Изградија република!
А беа исто млади колку нас,
сè такви, какви што сме ние.
Се бореа,
умираа без глас,
како што утре
ќе умреме
и ние.

Многумина ги нема, но, не липам јас, чу ли?
Ќе дојдат други, среде дим и жареж.
Глеј в овој тука! Знај: тој е Питу Гули,
а ти? Ти секако си Карев...
И ако требаат пароли - в ред!
До месецот ќе кренеме плакати.
Слободна сакаме,
и без,
и без протекторати...

Никола Ј. Вапцаров

Бела Јана дворје ми метеше

Бела Јана дворје ми метеше,
A Стојан си коња потпрааше;
Стојан Јане тога је велеше:
„А егиди Јано, бела Јано!
Како се сакафме, така ce зедофме,
Kyќa немафме, куќа купифме,
Коњи немафме, коњи купифме,
Овци немафме, овци купифме
Овци купифме со се` овчари;
Се` што немафме госпот ни даде,
Чедо от срце госпот не даде,
Аљ је от бога, аљ је от луѓе?”
Тога мy рече убаа Јана:
„Дејди Стојане, мој господине!
Лељ ме опитвиш, јас ке ти кажам,
Како ја знаам и ти да знаиш,
Ни је от бога, ни је от луѓе,
Тук' ми је ова мајкина клетва.
Кога сум било лудо малоо,
Ја сум си било љуто проклето.
Ta ме повила мојата мајка
И ме лељала и ме к'лнала,
Ta што ми рекла најлоша клетва
„Да ми поспиеш, мала Јанико,
Да ми поспиеш, да ми порастиш,
Да ми се сториш добра девојка,
Стопан да најдиш как што ке сакаш,
Се` што ке немаш госпот да даит.
Да ми ce сториш мошне богата,
Чедо от срце, керко, да немаш
Зашто ми дааш големи м'ки,
Дење и ноќе, керко, ми плачиш.
Ког' ке засвирит риба летница
Риба летница пo црно мope,
Ко' ке запеит камен станоит
Камен станоит на Нико-поле,
Ти тога чедо да си добиеш.” -
Тога ми рече убаа Јана:
„Ејди Стојане, мој господине!
Олку си имаф збор да ти кажа,
Сакаш ме тераш, сакаш ме држиш,
Јас ти и казаф моите греои.”
Стојан је назот зборат вратило:
„Егиди Јано, млада невесто!
Многу без чедо, Јано, и ниe,
Ке поминеме и ние вака,
Јас ти се мољам, ти да не жаљаш;
Никоја мајка чедо не к'лнит,
Чедо не к'лнит, чедо да немат,
Туку ни било касмет от бога.”

Зборник на Миладиновци

Дојчин јунак, Сирак Јанко и Крали Марко, Солунски чувачи

Се собрале, се набрале,
До три Бана, до три Кралја,
Во град Солун, на Солунски,
На Солунски седум кули.
Едниот је Дојчин јунак,
Дојчин јунак од Солуна;
А вториот сирак Јанко,
Сирак Јанко од Јанина;
А трекиот Крали Марко,
Крали Марко од Прилепа;
Јадат, пијат, се веселат,
Со нојбет си градот чуват.
Сите редот одредоха,
Редот дојде на Дојчина,
Та си узе златна вигла,
Та разгледа горе долу,
По патишта, по друмишта,
И по поле и по море.
Кога гледат по морето,
Зададел се шарен кораб,
Внатре седе еден турски
Еден турски челебиа,
Еден Турчин чужја вера,
Не си иде на скелето,
Право тегле на Беш чинар;
Там излезе од коработ,
И отвори бели чадар.
Как си виде Дојчин јунак,
Та си вјахна брза коња,
Та си слезе на Беш чинар;
Од далеку се предвикна,
На Турчина му говоре:
„Море турски челебиа,
Море Турчин чужја вера!
Заш’ не идеш на скелето,
Да си платиш тешки ѓумрук,
Тук си дошол на Беш чинар?“
Турчин веле и говоре:
„Ја не дојдоф да ви плаштам,
Да ви плаштам тешки ѓумрук;
Тук сум дошол од Султана,
Да повелјам град Солуна.“
На Дојчин му жал паднало,
Та си крена боздогана,
Та си фрли по Турчина;
И боздоган му утече,
И не погоди Турчина.
Тога Турчин се предвикна:
„Излезите од коработ
Да фатиме Дојчин јунак!
Дојчин назад се поврна,
Дробни солзи си пророни,
Отиде на седум кули,
На дружина им говори:
„Што седите, што гледате?
Дошла турска челебиа,
Челебиа чужја вера;
Што чиниме да чиниме,
Град Солуна да чуваме.“

Зборник на Миладиновци

Friday, January 11, 2013

Убави зборови

Ај,да измислуваме убави зборови!
Еве вака:
Да биде радост наместо мака.

Се што е насилно,свирепо грубо-
нека го носи името-љубов!

Вистина ставаме наместо лага
смеа и веселба наместо тага.

Болката нека е ведрина сега,
а сите војни да станат шега.

Црното нека си остане боја,
но,да не тежи во душата твоја...

Солзите-мака в срце што носат
нека се претворат во капки роса.

Видое Подгорец

В хилјада и седемстотин шездесет и второ лето

Хилјада и седемстотин шездесет и второ лето
В Охрид од Цариграда дошел Салаор.
Се претставил пред Арсенја, наша патрика чеснаго,
И му рек'л слово горко, слово жалосно:
"Царска волја е да тргнеш денеска за в Цариграда,
На тебе од врли Грци голем поплак е."
Собрал Патрик свое стадо в црква свјатиј
-Климентова
Благослов му дал последен, р'це заплетил.
Д'лго време липал старец во м'лчанје всенародно
И по бела брада ронел с'лзи горешчи
"Слушајте ме мили чеда, јас ќе ида в Цариграда:
На мене од врли Грци голем поплак е.
Грцкиј Патрик ќе ни строши славна охридска
столица
И мене до смрт ќе држи в заточение.
Ќе прати владици Грци, лицем светци, срцем
в'лци.
Ќе ве дават, ќе ве стрижат, ќе м'лзат до крв
Меѓу народа ќе сејат несогласје и раздори,
Да се мрази син со татка и со брата брат.
И ќе викнете до Бога и крило не ќе најдете,
Смирени ќе наведете глави доземи.
Ќе ми бидете сираци; така било написано.
Елате ми да ви гушна за последен п'т.
Чрна т'га поразила старо, младо, м'жи, жени,
Вси со р'це заплетени с'лзи проливат.
Тој ги гушка, тие т'жни му целуват десна р'ка,
И од р'ка как од извор с'лзи се лејат.
Вјахнал Патрик брза коња и неволно уп'тил се.
Тога грмкиј плач народен небо процепил.
Умилил се чесниј Патрик, свалил шапка навезана,
Погледнал на сино небо, лјуто прок'лнал:
"Ох! послушај, милиј Боже! Хаир никога да немат
Стамче беј и Бујар Лигдо, Нејко челеби!"
Милостивиј Бог послушал патричка горешча клетва;
Слава нихна, семе нихно погубил со шум.
И сега во куќи нихни ткае пајак пајачина
И на пусти стрехи нихни хукат хутове.

Григор Прличев

Охридски џган

...Оној што целиот (град) го управува...
Не прифаќа одлични совети,
Туку од страв си ја затворил устата,
Изгледа дека е најлошиот и сега и порано,
И поголем пријател го смета оној
Кој место својата татковина...
....Може ли да ги поднесува срамните болни амбиции?
Оние простаци кои биле премногу од тифус инспирирани?
Оние демагози, онаа серија на расцепи?
Кој нема да се насмее, речете ми, ако не е комичар?
Кој нема да заплаче ако не е чувствителен?
Подобра работа не може човек да направи,
Да не земе место во оваа бркотија,
Да ги гледа но оддалеку и да не стои неактивен,
На својата поетска лира обожавателот и мистагот,
Пред да ги види резултатите на некаква нивна отпатност,
Со ритам ним да им ги палца лошотиите на нивната глава,
Личи овој денешен град Охрид.....
...Морето ги турка и не ги остава да влезат,
Секогаш, секогаш, Охрид ќе го наткрилуваат несреќи?
Во него секогаш ли ќе се случуваат потреси и безредија?
И секогаш ли во него ќе царува злото?
Секогаш ли ќе триумфира интригата и злосреќата?
Страдања, расцепи големи, расправии, групации?
И големи ползења и штетни ласкавости?
Ниски демагози, Садукејски банди?
Лудости и безумности!!!....
...На кој граѓанин срцето ќе остане незаинтересирано,
И на илјада парченца нема да се расцепи од жалост?
Место што требаше ним да им го свртиме грбот,
Без да гледаме со гостољубив поглед,
Место што требаше од куќите да ги изгонеме со дрво,
Како што готвачите го гонат кучето од кујната,
Ние ги запознавме со жената и сестрата ни,
И на тој начин ја употребуваат нашата скапоцена чест.
Не можам да ги разберам изворот и причините,
На ваквата општа парализа на Охрид...
...Несреќа! Царува кај сите морална расипаност,
И кај никого не постои ни најмала разлика.
Несреќа! Кај народот огромна неблагодарност,...
...Мнозина пријателството го држат на збор,
Но умот од сосем малечок број (луѓе) ги повраќа во душата
Дамона и Финтија, пријатели толку цврсти непристрасни и чисти...
...Јас сум сепак онај беден пријател на вистината.
И потоа непријател бескомпромисен на измамата и лошотијата...
...Се пресметувам со се во светот и со глупостите,
А состојбата на бедниот Охрид ја оплакувам.

Григор Прличев

Wednesday, January 9, 2013

Селска мака

Покрај ниви, покрај лаки,
покрај сниските брегови,
вода тече – вода влече
селски солзи, селски маки
селски таги и јадови.
Извор вода извираше
плодно поле наливаше –
амбар селски пуст остана!
Сонце светло ми светеше
гора ми се зеленеше –
в гора пиле песна пее.
Камен ли му в гради легна
стија ли го в коси стегна –
срце селско – векот тажно!
Кој ја сипе, кој ја роси
таја слана што покоси
по нивјето пшениците
по лозјето гроздовите?
Та се житце не зелени
та се грозје не румени,
та од пуста селска мака
аир нема дур од века?

Коста Кочо Солев Рацин 

Глас од Македонија

О, трајте, трајте, тирани ниедни!
Доста се тија лаги и злоба -
пакосен глас од устите гадни
над мојот народ у секоја доба.

Та ете веќе векови цели
писка и стенка од волци гости -
за брата вијат кој да го дели
за да му глода сувите коски.

Па нека сега сам да си реши
со своја волја судба и сева,
в животот еднаш сам да се теши,
д'издигне славно свој род без врева.

Та Шар и Пирин дружно да викнат
родната песна в небеса темни
и бурниот Егеј - на век да плиска
тешкиот глас на новите химни.

Коле Неделковски

Балада за непознатиот

Натаму – в поле битолско
чемрее врба проклета –
под врбата незнаен гроб,
в гроб лежи војник непознат.
Лежи од војна световна,
лежи – и веќе земјосал –
силно го тога изела
задека тука загинал.
Никој крај него немаше –
вишното небо врз него,
земјата скришна под него –
над гробот врба стушена.
А таде – в гори зелени
в сума гробишта лежеа
делии – одбор јунаци
за татковината паднати.
В полноќ се над ним дрвјата
од жалба силно свиваа –
горските бистри езерца
в силна светлина светеа.
И од ним – самовилите
една по една идеа –
од гроб до гроб го дигаа
јунак до јунак – на оро.
И кога сите минеа
покрај врбата стушена –
делии се запираа
незнаен брат си викаа:
“Ја стани, море, јабанец
на оро со самовили!
зора се зори – петлите
скоро ќе в село пропеат!”
А тој од гробот тепкаше
дума врз дума чемерна: –
“Минете, браќа, врвете,
Не сум ви лика – прилика!
Кој умрел за татковината
и за човечки правдини –
каде вас, братко, не гинел,
со вас до векот живеел.
Вие му песна пеете,
вие го со песна жалите –
така се сите раѓате
и така си умирате!
А тука – зожто паднав ја?
зошто ме куршум прониза,
зошто ме земја притисна –
за кого лудо загинав?
Кажете, браќа, кажете,
кажете – па поминете –
мене ме ништо не дига,
мојата смрт е – карасмрт!”
Делии глави веднеа,
немеа самовилите –
тешко на тија, горко им
така што гинат на војна!

Коста Кочо Солев Рацин   

Monday, January 7, 2013

Везилка

Везилке, кажи како да се роди
проста и строга македонска песна
од ова срце што со себе води
разговор ноќен во тревога бесна?
- Два конца парај од срцето, драги,
едниот црн е, а другиот црвен,
едниот буди морничави таги,
другиот копнеж и светол и стрвен.
Па со нив вези еднолична низа,
песна од копнеж и песна од мака,
ко јас што везам на ленена риза
ракав за бела невестинска рака.
Судбинско нешто се плело за века
од двете ниски, два созвучни збора,
едната буди темница што штрека,
другата буди вкрвавена зора.

2.

Везилке, крени наведена лика,
погледај в небо во претпладне златно:
се зари таму и чудесна блика
твојата везба на синото платно.
За тебе нема ни вечерен запад,
ти - морно око на трепетна срна.
две бои таму ти горат и капат,
две шарки твои - црвена и црна.
Зар не се плашиш јаркоста нивна,
и најмил спомен дека ќе ти згасат?
Зошто се губиш, ти строга, ти дивна,
дните ти минат, прокоби се гласат.
- И најмил спомен што в душа ми блесна
се гаси од нив ко цвеке без боја.
Но ти што ловиш звук на чудна песна,
ти си ја кажа судбината своја.

Блаже Коневски

Sunday, January 6, 2013

Бисера

Бисеро моме, Бисеро,
Шчо носиш бисер на грло?
Твоето грло хубаво
И от дробнаго бисера
Хилјада пати побело.
Бисеро моме, Бисеро?
Зашчо со бисер покриваш
Твоето грло хубаво?
Ја нејќу бисер да баца
Тука сака твоето грло.-
Бисеро моме Бисеро,
За кого низиш бисерот?
Ја дарој бисер не сака
Тук сака мома Бисера.

Константин Миладинов

Утрото над нас

Од  далечнините модри се веат
на сонцето златните далги,
од далечнините модри се леат
на утринта росните влаги.
Под долги, меки ширини рамни
магла се танка крева
и по селата мали - заспали
шумоли скришно врева.
Шумоли - в срце тага налева
за црноземните робjа,
шумоли скришно за мртви поља
за села и градови - гробjа.
Ех, тија долги ширини рамни!
Ех, тaja мака пуста!
Мртви и темни сурови гламњи
скршена гранка маслинка!
По тиja пот се човечка дими
и снага крвава цвили,
по тијa радост никого нема
а сонце радосно има!
Но тиja росни утрини пресни
копнат во гради и тлеат.
Копнат и како бура пеат
и како огин палат.

Коста Кочо Солев Рацин  

Tuesday, January 1, 2013

Проштавање

Не ли ти кажав, не ли ти кажав,
нели ти реков на проштавање?
Ич не ме чекај, ич не ме пекај
Белград е ламња, во Белград ја роб
снага по туѓи палати оставам,
снага во усни несити клавам,
и дома – дома не ќе се вратам,
не ќе ги пијам очите твои
не ќе ја гледам снагата твоја –
далеку негде сувата рака
по тебе, Вело, пустата мака
пуста ќе остане...
Знам оти ѓердан веќе не нижеш,
знам оти чеиз и ти не везеш,
знам, Вело, пусто остана сичко –
не ли си и ти аргатка клета?
Тутуни садиш, тутуни нижеш,
тутун таговно у монопол редиш,
ме споменуваш и ем си жалиш
денови – крепи тешки си редиш –
Величко, мори, другачко златна!
Но почуј, Вело, што ќе ти кажам!
Не ми се, Вело, жали и клети!
Подигни очи – очи засвети
нија очи, што душа горат!
Тој што ни, Вело, однесе сичко –
тој ни остави од темно темен
веков за мака – но и за борба.
Има на вој свет како нас многу!
Има ги, има – мачат се, копат,
копачи копат по темнината,
копачи копат и тунел дупат.
И има, има – радост голема
радост длабока во темнината:
да светиш, Вело, жар да се стопиш –
во борба гроб ти душа не зема!

Коста Кочо Солев Рацин 

Ленка

Откако Ленка остави
кошула тенка ленена
недовезена на разбој
и на наломи отиде
тутун да реди в монопол –
лицето и се измени
веѓи паднаја надолу
и усти свија кораво.

Не беше Ленка родена
за тија пусти тутуни!
Тутуни – жолти отрови
за гради – китки розови.

Прва година помина
грутка в срцето и легна,
втора година намина
болест ја в гради искина.
Трета година земјата
на Ленка покри снагата.

И ноќе кога месечко
гроб и’ со свила виеше.
Ветерчок тихо над неа
жална и тага рееше:
„Зошто ми, зошто остана
кошула недоткаена?
Кошула беше даровна...“

Коста Кочо Солев Рацин  

Тутуноберачите

На кантар студен со туч го мерат
а можат ли да го измерат,
нашиот тутун – нашава мака
нашава солена пот!

Од темни зори на утрини летни
до никоја доба на вечери зимни
тој гладно пие тагата наша
и потта и крвта и снагата ни.
Жолт – жолти прави лицата бледни
и жолта гостинка у градите носи.
По утрини росни, по мугрите пресни,
наведени ничкум по полињата родни
зачмаени ние го береме.

Лист по лист кини
лист по лист нижи
лист по лист превртуј, притискај,
лист по лист милно, таговно реди
и на долга низа од капки пот
и надеж со клетва и зелена јад,
со коров поглед на очите матни
по кревките лисја жолтозлатни
прикаса горка на живот клет
нанижи безгласна а така јасна.

Та не знаеш ли?

Денот ли дојде тој да се мери –
мерка му нема, а в градите длаби
без да се запре, без дно да најде
не тага а клетва, и в очи матни
и не сакајќи сама се дига фуријата.

Кантарот носи лисјето златно
а в гради луто далгите беснат
на жолтата мака – на жолтиот тутун
на жолтата пот на рацете ни!

Коста Кочо Солев Рацин 

На Струга дуќан да имам...

1.

Изгори, - мерак, изгори,
изгори - пепел се стори!
Сал не скоривај јадови
на стари, добри мајстори!
Времиња тешки дојдова
уште по тешки прокуди,
од ден на ден се умира
и душа бере с години.
Не пеј песната страдална –
в гората капат лисjата,
водите течат - ронат брег
и влечат млади јасики,
Чаршиите изумреа,
дуќаните запустеа –
пропадна сичко, прокопса
занает златен - 'рѓоса.

2.

Ние имавме чаршии
и рој - кошница пазари
и ред редени маази
полни, преполни со стока.
Слегнеш ли долу в чаршиjа,
минеш ли покраj дуќани –
пукот и врева - работа
и алтан полно чекмеџе!
Сами ковавме кондури
правевме бочви, мотики,
с нашите раце маjсторски
дигнавме бели градови.
Кој ни ги срина, кој ни ги
очумаве градовите?
Кој ни запусте, затвори
дуќани, куќи високи?

3.

Наквеуер доjди, наквечер,
наквечер - в прва темница,
мини го прагот раскапан
влези во трошна одаја,
на миндер седни накривен
со каракамен на гради:
каде е, каде радоста
каде е куќа весела?
Штамата чмае, штамата
дебнее пуста проклета,
како ли, боже, чумата
в косите, сичко стегнала.
По сокацитe чекорат
кондури с клинци ковани,
штамата сечат с ножови
и пиjат вино румено.
А в бафчи трендафилите
слушат ги – со темницата
шепотот севда без мерак,
шепотат – златни времиња!

4.

Прикаски си останаа
старите бочви со вино!
Прикаски болни, таговни
грутки во срце снеговни!
Раскапани, буѓосани
со обрачи 'рѓосани,
по темни изби мемливи
риjат ги црвци смрдливи.
Никоj не кова, не прави
старите бочви големи!
Старите бочви - преполни
со руіно вино црвено!
И ноќе - слушаш! - баботат
по бочвите саjбиите!
Деца се плашат - бегаат
сништа за стари времиња...

5.

Банки дигнаа палати
распнаа мрежи широки,
банки дигнаа палати
и кули танки, високи:
нагоре кула висока
надолу земjа длабока.
Од сичко носат кајмакот
од потта цедат го сокот,
од сичко носат кајмакот
маката нам оставаат!
Банки дигнаа палати,
банки на нови имами,
кондури друзи коваат
с мотики гроб ни копаат –
паjдоса, златен, 'рѓоса
нашиот чесен занает!

6.

Aj, на наломи излези
бело Фиданче писано,
прошетаj долу в чаршиjа
кога седам на ќепенцн!
Ако со око погледнам
око е - да го ископам,
ако со рака посигнам
рака е - да ja исечам.
Но ако срам ме залиса
оти сум жив закопан,
кажи ми, кажи, Фиданче
кaj да се кpиjaм со лице?
Majcтop бев и устабаша
мajcтop бев - станав чираче:
за борч продадов дуќанот
за борч продадов алатот –
с две раци сум, и тијa две
скапаjа се без работа!

7.

Тешката тага, тeшката,
тешката тешко засвири!
Севда е тешка, голема,
уште по тешка прокуда!
Наточи вино крваво!
Наточи на вepеcиja!
Донеси да ja коваме
на Крали Марко сабjата!
В горите лисjа капале –
в избитe веди м'cкajaт!
В поле над млади jаганца
ножеви остри л'скаjат.
На Струга дуќан да имам
на ќепенците да седам,
да видам, само да видам
и на ќепенкот да умрам!

Коста Кочо Солев Рацин