Wednesday, January 23, 2013

Сонет за скрбта

Лисја што лудиот ги завеал ветер,
Онемен камен во понор на болка,
Облак што лета во туѓиот етер,
Солзи што лее и вечно што талка -

Тоа е човекот бегалец тажен
Секогаш в срце тој скрбта ја носи,
Знак на олелија - светот наш лажен,
Непребол вечен, ах срце му коси.

Патопис, ах ако можеше некој
За оваа да напише тажна историја -
Фар тој ќе запали в светот за секој.

Секој за драмата сè нека знае,
Жестока тоа е дискриминација
За искорнатите - неправда зјае.

Разбранети сртови далечни

Разбранети сртови далечни
Треперат во бескјрајот син
Небаре бранови пенливи
Во синевината прозрачна се креваат
- Тоа гривите свои ги нацртале
Планините високи вити
Во длабочината небесна
Величави вечни

Ах како се врежани во мене
тие сртови безбројни
Разбранети разиграни
Во моите сеќавања
И сказни ми шепотат тие
И легенди живи
На мотиви мили
Егејски.

Васко Караџа

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.