Tuesday, January 29, 2013

Поема од Ристо Шишков

Земи ги очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
златни синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски,
од Грамос и Вичо планина
роден во време опасно,
време комунистичко.
Комунистиве глава кренаа
и мене в зандана турија
за моја жална
Македонија.
Комунистиве ми даваат
рубата комитска
да се претворам во
Турунџе
да се претворам во Гули
војвода
за да си ладам душава
душава моја изгорена.
Не сум ти јас Турунџе
ниту сум Гули војвода
јас сум си самиот комита-
Ристо Беломорски
Дај ми го шмајзерот
јас да си одам в планина
там да си најдам дружина
дружина одбор комити.
На Грамос
ќе најдам Делчета
на Пирин ќе најдам
Сандански
на Бигла ќе најдам Јордан
Пиперка.
Дружба да дружам
со комити
дружба да дружам,
бој да си бијам
бој да си бијам со три ламји со три аждаи
со варварите, татарите и србоманите
што ми грабнаа убава девојка,
ја грабнаа и оковаа со три синџири.
Роб робува убава девојка
роб робува седумдесет години.
Дај ми ја сабјата
сабјата дипленица
да си искинам синџири
седумдесетгодишни
да си ослободам девојка робинка
девојка робинка – лична
Македонија.
Земи ги очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
остри синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски
од Грамос и Вичо планина.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.