Thursday, August 29, 2013

Атанас Христов Џолев - Спомени

Атанас Христов Џолев – Насо бил македонски револуционер, четник во ВМРО (Aвтономистичка).
Роден е во 1898 година во село Моноспитово, Струмичко, во семејство на земјоделци.Татко му Христо Џолев и дедо му Велко Џолев се ВМОРО револуционери. Завршува седми клас и во револуционерното дело се вклучува како член на селската милиција на ВМРО, во 1923 година пребегнува во Бугарија. Таму е четник во четата на Георги В‘ндев, а по препорака на Александар Василев - Алеко пашата, тој е назначен и за секретар на Штерјо Влахов.
Во своите Спомени кои ги пишува подоцна во Софија, Џолев вели дека идеалот на ВМРО во времето на Тодор Александров бил автономна самостојна Македонија, и дека со масовното ликвидирање на главните носители на тој национален идеал Серчаните, од страна на Иван Ванчо Михајлов, се ставило крај на таа борба.
По крвопролевањата во Горна Џумаја, септември 1924 година постепено раскрстува со ванчомихајловистичката ВМРО, бидејќи таа:

“...паднала во рацете на бугарскиот врховизам, преку Иван Михајлов, Кирил Дрангов, Александар Протогеров и други послушници на бугарската влада на Александар Цанков...”.

Во Спомените, Атанас Џолев јасно ја нагласува својата македонска национална свест.Спомените се чуваат во Бугарските државни архиви, а се издадени во Македонија во 2006. Тука Џолев подробно ги опишува случувањата околу убиството на Тодор Александров и потоа. Пишува и за решеноста на Ванчо Михајлов да се пресмета со “Серчаните”-Санданисти во ВМРО, но и со сите неистомисленици и соперници кои биле убиени по негова наредба.


„Нашите македонски револуционери, во чии редови бев како обичен војник на Македонија, бевме прво за нејзино национално ослободување, зашто времето течеше и не можеше да се чека во Егејска Македонија нашите браќа Македонци да станат Грци, во Србија да станат Срби и во Пиринска Македонија да станат Бугари. За Македонците тогаш, национално поробени од трите балкански држави, беше важно слободно да се викаат Македонци, да говорат и да пишуваат на својот мајчин македонски јазик, а дали националистичките или социјалистичките раководители ќе им ја донесат слободата, не беше толку важно пред 50 години. Со тоа сакам да подвлечам дека историјата на македонскиот народ од пред 50 години треба да ѝ претходи на онаа од 1941 година до денес, за да се разбере и од идните поколенија на македонскиот народ дека нивните татковци, дедовци и прадедовци не живееле во летаргичен сон од 1903 до 1941 година.“

„Во рамките на целокупна Македонија, ВМРО се бореше подеднакво против трите завојувачки балкански држави, за целосно автономна и самостојна Македонија… Cо ликвидирањето на Санданистите, се стави крај на таа борба, а бугарскиот врховизам го приграби ВМРО, преку Иван Михајлов, Кирил Дрангов и други послушници на бугарската влада на Александар Цанков.”

„Вековнaтa желба и замисла на сите бугарски политички буржоаски партии до 1944 година беше Македонија да биде бугарска, дека не постои одделна македонска нација и дека ние Македонците сме биле само еден дел од бугарскиот народ. Тоа ние, вистинските Македонци, го сметаме за бугарска буржуаска лакомост за завладување на туѓи територии и за асимилирање на други, одамна поробени народи.“ 

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.