Tuesday, December 31, 2013

Заплакало е Мариово


Заплакало е Мариово, заплакало,
за тој ми, Ѓорѓи, Ѓорѓи Сугарев:
Каде си, Ѓорѓи, сега да дојдиш, леле,
да дојдиш, од душманите да нè куртулиш.
 

Тогај извикна, Ѓорѓи Сугарев, провикна
од демирхисарските балкани:
Еве сум, народ, народ поробен, леле,
измачен, сега за скоро јас ќе дојдам. 

Сега за скоро јас ќе дојдам, леле,
ќе дојдам, со триесет млади момчиња.
Кога ми тргна Ѓорѓи заврви, заврви,
за тоа село Паралово.
 

Бог да ги бие шпионите, Параловци,
Ѓорѓија што ми го предадоа.
 

Слушај бре, Ѓорѓи, Ѓорѓи Сугарев, послушај,
ако да сакаш жив да куртулиш,
накачи горе кај чукарите, кај манастирот,
ако да сакаш жив да куртулиш.
 

Тогаш се Ѓорѓи, Ѓорѓи излага, се прелага,
накачи горе кај чукарите.
Кога ќе види, што ќе види, Ѓорѓи Сугарев,
од сите страни Ѓорѓи сардисан.
 

Тогај извикна Ѓорѓи Сугаре, провикна
на неговата верна дружина:
Клавајте гуните пусии, леле, пусии,
зошто се камен тешко најдува.
 

Згрмеја пушки, пушки аскерски, крвави,
сета дружина му ја избијаа.
Тогај извади нагант револвер Ѓорѓи Сугарев,
самиот крвта си ја пролеа.
Самиот крвта си ја пролеа Ѓорѓи Сугарев,
жив на душмани не се предаде!

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.