Monday, August 11, 2014

Средновековни Словенски Ракописи во Македонија - Фрагмент од монашки правила втора половина на 16 век



Хартија: 19 х 12 см., 1 лист. Горниот десен и долниот десен агол се отсечени.
Писмо: 20 реда на предната и 14 реда на задната страна бидејќи не е допишана до крајот. Во една колона полуустав.Ъ и ѣ се напишани со високи стебла, т троного, употребени се две форми на е (обично и широко), ж со три потези соединети на горниот дел, ѱ е напишано високо над редот соединето во коренот. Редакцијата е српска, од ресавската правописна школа, употребени се двата ера, големиот Ъ обично во предлозите и префиксите, а малиот ь на крајот од зборот. Од надредните знаци употребено е акцентот и кендемата. Интерпункцијата е со точка и запирка. Насловите и почетните букви се напишани со црвено, а останатиот текст со црно мастило. Ракописот е сличен, можеби од исти писар како ракописот НУБ Мс 99.
Водени знаци: Нема.
Орнаментика: Нема.
Повез: Нема.
Содржина: Фрагмент од монашки правила.
Потекло: Ракописот е најден во с. Клепач - Прилепско.
Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје

Средновековни Словенски Ракописи во Македонија - Фрагмент од четвороевангелие четврта четвртина на 16 век



Хартија: 30 х 21,5 см. 3 листа. Листовите се извлечени од цел ракопис.
Писмо: На л. 1 24 реда, 1‛ 26 реда, а останатите по 22 реда. Убаво полууставно писмо со форми од XVI век. Двоеров безјусов правопис. Еровите се употребуваат без правило. Во префиксите и предлозите покрај големиот ер се употребува и малиот ер. На крајот од зборот покрај малиот ер се употребува и големиот ер (на пр. вь немЪ и др.). Има вокализација на полугласот е. Употребено е Ѕ (Ѕьмїе). Од надредните знаци се среќаваат акценти и спиритуси. Интерпункцијата е изразена со точка и запирка. Насловите и иницијалите црвени, но има измешани и црвени и сини, а текстот со црно мастило.
Водени знаци: Сидро во круг со ѕвезда одозгора и контрамарка „Р-Ѕ“ со детелина внатре.
Орнаментика: На л. 1 насловот и почетната буква „ї“ иницијални, л. 3‛ буквата „Р“ иницијална.
Повез: Нема. Се чува во папка.
Содржина: Фрагмент од четвороевангелие
Потекло: Фрагментот го подари на НУБ „Св. Климент Охридски“ Алексоска Ратка од Кичево. Најверојатно листовите се од Кичевското четвороевангелие што се чува во Историскиот архив во Охрид под сигнатура М 296.
Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје

Средновековни Словенски Ракописи во Македонија - Фрагмент од четвороевангелие крај на 15 или почеток на 16 век



Хартија: 22,5 х 14,5 см., еден лист. Листот е оштетен на горната страна - недостасува парче.
Писмо: По 22 реда, во една колона, убав полуустав од втората половина на XV век. Македонска редакција, двоеров правопис. Носовките се мешаат, на пр. прїидошѫ, рекошѫ наместо прїидошѧ, рекошѧ и др. (аорис III л. мн.). Употребата на ѫ наместо ѧ се среќава и во јотирана позиција. На пр. моѫ наместо моѧ (акузатив мн.) и др. Се среќава и вдвојување на носовките пр. вльшѫѧ сѧ и др. Употребата на двата ера е без правило. Покрај губење на еровите во слаба позиција се среќава и вокализацијата на истите ъ>о, ь>е. Јотацијата не е систематска. Присутен е и африкатот ѕ пр. ѕвѣздѫ и др. Се среќава десетерично ї пред вокали. Акцентот е застапен но не редовно, се среќава и кендема. Од интерпункциските знаци употребена е точката и запирката. Упатствата и почетните букви се напишани со црвено мастило.
Водени знаци: На хартијата нема воден знак.
Орнаментика: Нема.
Повез: Нема.
Содржина: Фрагмент од четвороевангелие (од Матеј, глава 1, зачало 2 до зачало 3)
Потекло: Ракописот е најден во печатена книга од Дечанскиот манастир.
Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје

Средновековни Словенски Ракописи во Македонија - Два листа од псалтир втора половина на 16 век



Хартија: Л. 1: 16,5 х 12 см. Листот на десната маргина е оштетен, недостасува горниот десен агол каде што се оштетени првите четири реда. Л. 2: 19 х 12,2 см. На двата листа нема сочувани водени знаци.
Писмо: По 19 реда во полна страница (л. 2‛ има 13 реда бидејќи не е допишан до крај), во една колона, полуустав. Ъ и Ѣ се напипани со високи стебла, т троного, употребува две форми на е (обично и широко) и ж со три потеза соединети на горниот дел. Редакцијата е српска , од ресавската правописна школа, употребени се двата ера, големиот ер обично се употребува во предлозите и префиксите, а малиот ер на крајотод зборот. Од надредните знаци употребен е акцентот и кендемата. Интерпункцијата е со точка. Употребено е темно црвено мастило во насловите и почетните букви, а останатиот текст е со темно кафено мастило.
Водени знаци: Нема.
Орнаментика: Нема, освен две почетни букви што се напишани со црвено мастило и се поголеми, со мала доза на иницијалност.
Содржина: Фрагмент од псалтир
Потекло: Ракописот е најден во с. Клепач - Прилепско.
Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје

Thursday, July 31, 2014

Средновековни Словенски Ракописи во Македонија - Бенчевско четвороевангелие почеток на 16 век (осми дел)



Хартија: 21,5 х 15 см., 360 листа. Размер на текстовното поле 15 х 8,5 см. Тетратките се по осум листови, нумерирани со кирилски броеви во почеетокот и на крајот од секоја свеска. Хартијата е дебела. Во 18 век оштетените листови се извадени и заштитени, направено е еден вид на примитивна конзервација.
Писмо: Убаво полууставно писмо, по 18 реда во полна страница, во една колона. Правописот е двоеров со ресавски принципи. Големиот ер обично се употребува во предлозите и префиксите, а малиот ер на крајот. Употребен е фонемот ѕ. Од интерпукциските знаци употребена е точката и запирката. Застапени се доста напредни знаци како акцентот којшто е недоследен, потоа кендемата, паерокот и разни знаци за скратување. Насловите и почетните букви се напишани со црвено мастило, а останатиот текст со црно мастило.
Водени знаци: 1. „Кардиналска шапка“ од типот Бриќе бр. 3457 со контрамарка „V“ од 1504 година. 2. „Камбана“ од типот Бриќе бр. 3405 од 1518 година.
Орнаментика: Богата. Пред секое евангелие се наоѓа минијатура на евангелистот, вметнати отпосле во ракописот. Така на л. 7 се наоѓа минијатура на Матеја, на л. 102 на Марко, на л. 163 на Лука и на л. 264 на Јован. Минијатурите се изработени со врвна мајсторска прецизност и имаат голема уметничка вредност. После листовите на коишто се застапени минијатурите има големи знаменца во неовизантиски и балкански стил. На л. 8 големо правоаголно знаменце со преплети и флорални елементи што излегуваат надвор од правоаголната рамка. Знаменцето е нацртано со бледо зелена, црвена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „К“. На л. 103 големо правоаголно знаменце со преплет и флорални елементи, како во рамка така и надвор од неа. Употребена е бледо сина, црвена, зелена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „З“. На л. 169 се наоѓа големо правоаголно знаменце со преплети и флорални елементи. Употребена е црвена, зелена и кафена боја што ближи до позлата. Во сличен стил и колорит е нацртана и почетната буква „П“. На л. 265 има големи правоаголни знаменца со преплети и флорални елементи. Употребена е бледо зелена, црвена и кафена боја што ближи до позлата. Во ист стил и колорит е нацртана и почетната буква „В“. Освен четирите минијатури на л. 7, 102, 163 и 264, како и големите правоаголни знаменца, се среќаваат и помали знаменца нацртани со преплет и тоа на л. 2, потоа на л. 9 тесно знаменце во балкански стил со кругови и преплет. Слично се среќаваат и на л. 98, 100, 159, 161, 261 и 262.
Повез: Оригиналениот повез е сочуван. Две даски обложени со орнаментирана кожа. Се среќаваат правоаглести рамки со кругчиња на аглите. Во средината орнаментиран крст со постамент. Има остатоци од копчиња за закачување.
Содржина: Четвороевангелие
Потекло: Ракописот е најден во с. Бенче - Македонски Брод
Локација: НУ-НУБ „Св. Климент Охридски“-Скопје

Средновековни Словенски Ракописи во Македонија - Бенчевско четвороевангелие почеток на 16 век (седми дел)