Friday, April 6, 2012

МАКЕДОНСКИОТ ФОЛКЛОР


Народните носии во Македонија имаат вековна традиција. Тие се дел од материјалната култура на македонскиот народ и претставуваат значајна гранка од народното уметничко творештво. Создавани како колективна придобивка на сиот македонски народ  тие во долга низа години се пренесувале од поколение на поколение и во својот развоен пат во себе вклопиле многу елементи од разните културни влијанија што се вкрстувале на овој дел од Балканот. На најстариот културен слој - старобалканскиот, како и на традициите на цивилизациите на  античка Македониjа .

Македонски народни носии
Во долготрајниот процес на оформување на народните носии во Македонија учествува сиот македонски народ - творец и создавач на народните носии. Во нивното оформување се одразени разните историски, општествени, економски и културни настани. Различните културни влијанија низ вековите, во различни историски епохи, се примани во народните носии, преработувани со творештвото на народното сознание, прилагодени на народниот бит и начин на живот, развиени и усовршени со народните естетски сфаќања. Така се создале народните носии во Македонија како израз на народните колективни, естетски и психички диспозиции.
Освен културно - историските прилики и творечкиот дух на народот, во оформувањето и обликувањето на народните носии во Македонија од значење се и географско - природните услови. Високите планински масиви, ритчестите падини и питомите котлини, со кои се одликува релјефот на Македонија, давале одредени услови за стопанисување, кое од своја страна нашло одраз во животот и културата на населението. Со посебни специфични форми, како во материјалната, така и во духовната култура, се издвојува културата на планинците, кои, главно, се занимаваат со сточарство, од културата на рамничарите, кои главно се ориентирани кон земјоделството. Во многу предели овие две култури се преплетуваат, создавајќи на тој начин поинакви форми на сложената култура на облекувањето, како и во целокупниот народен живот воопшто.




Сите овие чинители, кои учествувале во оформувањето на народните носии во Македонија и во создавањето на традиционалните форми на народното облекување, биле важни фактори за дефинитивното обликување на разновидните и типски различни форми на народните облеки и на народното облекување воопшто. Во оформувањето на нивните типски и декоративни обележја нашле одраз дамнешните епохи, како и времето во кое се создавани. Со сето свое богатство, изразено со бројноста и разновидноста на облеките, начинот на нивното украсување, во орнаменталните композиции и во колоритот, народните носии доаѓаат до нас преку сè уште зачуваните примероци употребувани во 19 и првите децении на 20 век.

Македонци во народна носија го играат “Тешкото“ оро

Народната облека, освен својата основна функција да го заштити човечкото тело во различните климатски услови, како и да го украси, од дамнешни времиња има и други многустрани значења и пораки. Покрај одредените магиско - обредни функции, преку облеката се покажува територијалната припадност, семејната положба, како и меѓусебните општествени односи на генерациите од различни возрасти.Во долгиот развоен пат, во постојаниот процес на поддржување на старите традиции, со внесување на елементи од народниот вкус и сфаќања, народните носии се оформуваат како специфична, етнички издиференцирана гранка на народното творештво. Тоа се оформени комплексни целини во кои е забележливо хармоничното сложување на одделни облеки, како во однос на украсувањето, така и во колоритот и во орнаментиката. И целокупната композиција на носијата е прилагодена не само на нејзината практична функција, туку служи и за задоволување на естетските сфаќања на нејзиниот создавач. Оттука, секоја носија претставува комплексно оформена творба изработена од текстилен материјал, обоена во разни бои и тонови, украсена со разновидни извезени или вткаени орнаментални мотиви и дополнета со разновиден накит и други украси.
На територијата на Македонија се среќаваат голем број разновидни носии, кои имале издвоени специфични одлики. Секој регион, секоја етничка и пределска целина во Македонија имала своја посебна носија која се разликувала од носијата на соседниот регион по своите стилски, фунционални и естетски карактеристики. Услови за формирање на толку разновидни носии во Македонија се изразитата раздробеност на релјефот во поголеми и помали котлини, кои претставуваат и посебни пределски и етнички целини, сообраќајната и географската изолација во минатото на одделните региони, како и специфичниот развиток на етничките особини на населението во различните етнички предели. Врз разновидноста на носијата влијаеле и разните миграциски движења што се одигрувале во одделните пределски целини во Македонија во поблиското и подалечното минато. Колку тие движења, со оглед на одредени политички, економски и општествени прилики, биле поинтензивни и посилни, толку и разновидноста на носијата е поизразена.

Водарки
 Богатството на народните носии, разликите во поодделните облеки, како и во целокупното народно облекување, се изразени како во стилската композиција на носијата така и со бројноста и разновидноста на облеките и нивното украсување. Во оваа смисла особено западна и средна Македонија претставуваат вистински мозаик од ретко убави народни носии, меѓу кои особено се истакнува женската. По богатството и украсувањето на облеките се издвојуваат празничните, обредните и свечените носии, во кои најдолго се зачувани старите традиции, а творечкиот дух на народот достигнал врвен израз.

Солунска
Малешевска
Гевгелиска
Примероците на народните носии што се собрани во музеите во Македонија, и оние што секоја година се прикажуваат на ревијата во Струга, се драгоцени документи за нивното извонредно богатство и необична разновидност. Тие ќе останат сведоци за високите креативни способности на македонскиот народ, кој во текот на многуте векови успеал да создаде сопствена, самостојна народна облека, во чии типски и декоративни одлики нашле одраз изминатите епохи, како и времето во кое се создавани и носени.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.