Thursday, April 12, 2012

Носители на Везбеното творештво

Носители на везбеното творештво во Македонија исклучиво биле народните носии, посебно селските, кои се задржале во својата комплетна животна функција се до првите децении на овој век. Везот преставувал карактеристичен традиционален украс, особено на женските носии, а од нив најмногу се везеле кошулите и покривалата за на глаава. Женската кошула, со своите скромни кројни елементи на туниковидна облека, типична за цела Македонија, задржала траги на прастари форми. Задржувајќи се на првобитните стадиуми во развојот на оваа облека што се однесува до нејзиниот облик, македонските кошули ја развиле понатаму нејзината декорација, во која се одразил и раскошниот стил на византискиот текстил.


Меѓу разните женски везени покривала за на глава посебно место им припаѓа на невестинските сокаи и убруси, а тие не само што се истакнуваат како врвни естетски вредности на македонската везбена уметност, туку имаат и историско значење како најстари македонски везбени изработки, досега, во кои е конзервирана голема архаичност. Нивната очигледна сличност по форма, техника, орнаментација и функција, со соодветни делови од носиите на некои народи од Поволжјето, не можела да никне случајно и секако потврдува многу дамнешни културно-историски врски.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.