Saturday, February 2, 2013

Македонски народни песни од разни краишта на Македонија

Од Бродско

Надеваш ли се солтане,
пролет комити да дојдат,
бовчалок да ти донесат,
од оџалари чалмите,
од анките фереџињата.
Тогај се солтан уплаши,
голема потера ми испрати,
да и потера комитите.
Комитите не се фаќаат.
Кога има големи планини,
комити живеат в планина,
тие се лесно не фаќаат,
тие носат пушки малиќерни,
потера ќе ја пречекаме,
со потера бој ќе правиме,
за наша ради Македонија,
за неја ние ќе умреме,
за неа крв ќе пролеаме,
Македонија мила наша пак ќе биди.


Од Галичко

Ајде провикнал се турцкион паша
од Панаѓуриште:
- Ајде викнете ја  Рајна Попова
нешто да ја питаме,
нема да ја колиме,
нема да ја бесиме,
нешто да ја питаме:
кој го соши бајракот
кој му тури буквите.
- Сакате ме колите,
сакате ме бесите,
ја сум Рајна војвода,
ја го соши знамето,
ја му турив буквите:
„Смрт или слобода,
за Македонија,
земја поробена“.


Од Дебарско

Чие е това младо девојче,
што рано оди на вода,
на таја вода студена,
на таја чешма шарена,
да полни вода студена?
Чекај почекај, моја девојчо,
и јас ќе дојдам со тебе,
да ти понесам стомните,
да ти разменам рацете,
да ти погледам очите.


Од Струмица

Зашуми, шумо зелена,
растури сенки широки,
ќе мини Делчев војвода,
со неговата дружина.
- Дружино верна зговорна,
слегвајте долу Струмица,
крај беговата пченица,
бежето ќе го чекаме,
од коња ќе го сметнеме,
парите ќе му и земеме,
анките ќе му и одбулиме.


Од Ресенско

-Леле Јано, леле мила ќерко,
што ми везиш свилена шамија?
- Леле мајко, леле стара мајко,
не си везам свилена шамија,
тук си везам барјак македонски,
и на барјак по стодрам злато.
Абер дојде од Пирин планина,
да загина млад Делчев војвода,
тој загина за Македонија.


Од Демир Хисарско

Сета ми гора, гора развила,
само едно дрво цути на разви,
под него има жална гробница,
во гроба лежи Петре Јурукот.
На дрво стои сива соклица,
од дрво викум таја викаше:
- Умри си умри живо јуначе,
од твојто лице месо да јадам,
и од твојте очи вода да пијам.
Ми се провикна Петре Јурукот:
- Ај бегај, бегај сива орлице,
да не ја земам маликерата,
да не ја земам да те застрелам,
да не си душа, душа огрешам.
Од Крушевско
На Пирина до два снега,
под снегои два извора,
над извори ладна сенка,
под сенката јунак лежи,
јунак лежи љуто ранет,
љуто ранет во срцето.
Оздол иде малка мома,
малка мома Македонка.
- Добро утро, млади Делчев!
- Дал Бог добро, мила сестро!
-Стани, стани млади Делчев!
- Ој ти тебе, мила сестро,
јас не можам веќ да станам,
јас сум ранет во срцето.
Да е кажиш на мајка ми,
на мајка ми на сестра ми,
от су ранет во срцето.

Песна за Мирка Гинова

Мирка уморна заспала,
во Почепските плалнини,
во Почепските планини
таму долу во ливади.
Рано в зори пристигнале,
клети шпиони, фашисти,
местото го заградиле,
жива Мирка ја фатиле.
Во град Воден ја носиле,
тешко Мирка ја мачиле,
тешко Мирка ја мачиле,
мачиле испитувале.
Кажи кажи, мори Мирке,
кои се твоите другари,
кои се твоите другари,
другари партизани.
Никој Мирка не кажала,
никој она не издалка,
тешко Мирка ја мачиле
жива во гроб ја ставиле.

Жетварски песни

Мајка Јану к’лне
Мајка Јану к’лне:
- Јано, ќерко, Јано,
змија те изела,
мајка те немала.
А сас кога Јано,
синојка стоеше?
- Мамо, мила мамо
не е јабанџија,
нашат меанџија,
аргати собира
и мене ме вика,
жетва му стасала,
и е престасала,
па мене ме вика,
посту да им сечу,
воду да им носу,
јужице да праву,
песњу да им поју.
Мајка Јану к’лне
Мајка Јану к’лне:
- Јано, ќерко, Јано,
змија те изела,
мајка те немала.
А сас кога Јано,
синојка стоеше?
- Мамо, мила мамо
не е јабанџија,
нашат меанџија,
аргати собира
и мене ме вика,
жетва му стасала,
и е престасала,
па мене ме вика,
посту да им сечу,
воду да им носу,
јужице да праву,
песњу да им поју.
Излегла Јана по поле
Излегла Јана по поле,
да види Јана полето,
дали е поле стасано
да вати Јана аргати,
аргати млади момчиња,
и бегем, бегем девојки
и тие калеш невести.
Кога се Јана поврати,
одма се Јана разболе.
Мајка си Јана к’лнеше:
- Ако си Јано од болес,
да би ми Јано станала,
ако си Јано од лудос,
да би ми Јано, не станеш.
Д’н’с е жетва брзаќна
инат се ќерко не води.

Од Кумановско


Вечера за жетвари
Разиграло се јаболко,
стреде цареви дворови,
цар го јаболко пречека,
цар на јаболко говорит:
- Јаб’лко, бело, црвено,
што те аргати пратие?
- Еј, царе, царе, султане,
мене аргати пратиле,
вечера да им уготвиш,
сугаре јагне печено,
бела пребела погача,
тиквешко вино црвено,
студена вода от чешма.

Од село Папардишта, Велешко


Насејала Јана
Насејала Јана, две ниве босиљок,
две ниве босиљок, треќа нива стратор.
Чудила се Јана ка да го загради,
с раце трне крши, та го заградила,
па се е чудила ка да го навади,
та фатила Јана орел побратима,
орел побратима, змија посестрима,
орел вода носи, змија го полива,
змија го полива та го навадили.
Слана девет педи
Легнала е Мара, бре леле,
Маро џанам,
пред амбар на софра, бре леле,
Маро џанам,
Мајка Мара буди:
- Стани, Маро, сатани,
чудо да си видиш,
чудо та големо –
слана е капнала,
слана девет педи,
та е ознобила,
ф раната градина,
големото цвете,
па е ознобила,
на голема нива
белата пченица.

Од Банско, Разлошко


Нива и аргати
Остани зборгум,
голема нива,
кој ми те орал,
па да те ора,
кој ми те жнало,
па да те жние,
кој те возило,
па да те вози,
кој те вршило,
па да те врши.

Од Прилепско

Tuesday, January 29, 2013

Поема од Ристо Шишков

Земи ги очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
златни синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски,
од Грамос и Вичо планина
роден во време опасно,
време комунистичко.
Комунистиве глава кренаа
и мене в зандана турија
за моја жална
Македонија.
Комунистиве ми даваат
рубата комитска
да се претворам во
Турунџе
да се претворам во Гули
војвода
за да си ладам душава
душава моја изгорена.
Не сум ти јас Турунџе
ниту сум Гули војвода
јас сум си самиот комита-
Ристо Беломорски
Дај ми го шмајзерот
јас да си одам в планина
там да си најдам дружина
дружина одбор комити.
На Грамос
ќе најдам Делчета
на Пирин ќе најдам
Сандански
на Бигла ќе најдам Јордан
Пиперка.
Дружба да дружам
со комити
дружба да дружам,
бој да си бијам
бој да си бијам со три ламји со три аждаи
со варварите, татарите и србоманите
што ми грабнаа убава девојка,
ја грабнаа и оковаа со три синџири.
Роб робува убава девојка
роб робува седумдесет години.
Дај ми ја сабјата
сабјата дипленица
да си искинам синџири
седумдесетгодишни
да си ослободам девојка робинка
девојка робинка – лична
Македонија.
Земи ги очиве
моиве две остри сабји
нанижи си ги како два
остри синџири
околу твоите бели гради.
Земи ја устава
од неа вода да пиеш
јас ќе си одам в планина
и ќе ти бидам комита.
Јас сум ти твојот комита
Ристо Беломорски
од Грамос и Вичо планина.

Печал

Нема ли живот, нема ли
љубов за живот голема
љубов за живот човечна
у виа гради аргатски?

Нема ли срце, нема ли
срце  –  на срца срцето,
срце  –  ширини широко
срце  –  длбини длбоко  –
цел свет да збере, па да е
за виа гради малечко?

Нема ли бел ден, нема ли
ден да е над деновите,
ден да е на аргатите  –
ден слнце вишен високо
ден  –  море ширен широко,
слнце да запре, да стои
и времето зачудено:

срцето пука обрачи
и плиска знаме алово,
срцето што се отвора
и шири ширно широко  –
целиот свет да загрне!

Коста Кочо Солев Рацин 

Македонски народни песни запишани од Јосиф Чешмеџиев

Магда


Огрејала месечина, леле,
крај кулата, при булите.
Сите були ју фереџе,
мома Магда ју елеци.
Па е Магда најубава, леле,
најјубава, најгиздава.
Сите були набелени,
набелени, нацрвени.
мома Магда, ни белена, леле,
ни белена, ни црвена.
па е Магда најјубава,
најјубава, најгиздава.
Сите були ју кондури, леле,
мома Магда ју опинци,
па е Магда најјубава,
најјубава, најгиздава.
Сите були ју кавраци, леле,
мома Магда ју шамија.
Па е Магда најјубава,
најјубава, најгиздава.


Жаљба за младост


Да знаиш, моме, да знаиш,
како је жаљба за младост,
на порти би ме чекало,
от којна би ме сметнало,
на раце би ме кренало,
по скала би ме качило,
в одаја би ме внесило,
ноѕеве би ми измило,
постеља би ми послало,
до мене би си легнало.

Стари Јано, Лазаре, вино пиет
Стари Јано, Лазаре, вино пијат,
вино пијат, во башчите,
во башчите, под вишните.
Просто стоет – девет синој,
му служеет златна чаша,.
Ми долета едно пиле,
ми нараси – златна чаша.
Прогоори – стари Јано,
-  Ај синои, мили синои,
земите си – лак и стрела,
ударите това пиле,
што нар’си – златна чаша.
Отгоори – лапо пиле:
„Не сум пиле – за стрељање,
тук ме прати цар Александар.
Ти си имаш мила ќерка,
тој си имат – мили сина,
вие да се сосватите.“


Девојче море девојче


Девојче, море девојче,
шчо ти је бело грлото –
како на фиљџан д’ното?
Фиљџанот полн со ракија,
подај го да се напијам.
Подај го да се напијам
да пијам да се опијам,
да пијам да се опијам,
меракот да ми поминит.

На срце му љута змија
На срце ме пие, мила мамо,
една љута змија.
Та не се е била, мила мамо,
таја љута змија,
туку се е севда, мила мамо,
севда црноока.
Севдината снага мила мамо,
штица бичкиџиска,
севдиното лице, мила мамо,
мило јасно с’нце,
севдиното чело, мила мамо,
това рамно поле,
Севдините веѓи, мила мамо,
црни пијавици.


Абре лудо, аџамијо


А бре лудо, аџамијо,
абре левен, јабанџијо,
што ми идеш по бел дена,
по бел дена – право пладне?
Што не чекаш мрак да падне?
Дал е Господ темни ноќи,
темни ноќи криви друми-
да не слушам лоши думи.
лоши думи, присмехулки,
от момите по вратите,
од жените по ма’лите,
от мажите по ме’аните.


Кукни кукувице


(Љубима песна на Гоце Делчев)
Ајде мори, кукни, кукни,
сињо пиле кукувице, мори,
кукни да не кукнеш!
Ајде море ја да дојдам,
сињо пиле кукувице, мори,
таја рана пролет!
Ајде море да си соберам,
сињо пиле кукувице мори,
се одбор јунаци.
Ајде море да си слегнам,
сињо пиле кукувице мори,
у Солунско поле.

Wednesday, January 23, 2013

Сонет за скрбта

Лисја што лудиот ги завеал ветер,
Онемен камен во понор на болка,
Облак што лета во туѓиот етер,
Солзи што лее и вечно што талка -

Тоа е човекот бегалец тажен
Секогаш в срце тој скрбта ја носи,
Знак на олелија - светот наш лажен,
Непребол вечен, ах срце му коси.

Патопис, ах ако можеше некој
За оваа да напише тажна историја -
Фар тој ќе запали в светот за секој.

Секој за драмата сè нека знае,
Жестока тоа е дискриминација
За искорнатите - неправда зјае.

Разбранети сртови далечни

Разбранети сртови далечни
Треперат во бескјрајот син
Небаре бранови пенливи
Во синевината прозрачна се креваат
- Тоа гривите свои ги нацртале
Планините високи вити
Во длабочината небесна
Величави вечни

Ах како се врежани во мене
тие сртови безбројни
Разбранети разиграни
Во моите сеќавања
И сказни ми шепотат тие
И легенди живи
На мотиви мили
Егејски.

Васко Караџа