Sunday, July 15, 2012

Павел Шатев


Павел Шатев (Кратово, 15 јуни 1882 (нов стил) - Битола, 30 јануари 1951) бил македонски револуционер, член на Гемиџиите и еден од солунските атенатори. Подоцна станува еден од основачите на ВМРО (Обединета), а по ослободувањето на Македонија - прв министер за правосудство.
Основното училиште го завршува во родниот град, а потоа се запишува во прогимназијата во Скопје. Натаму, во 1896 година своето образование го продолжува во Солунската бугарска машка гимназија, каде во 1900 година успешно матурира.


Истовремено се приклучува на Гемиџиите. Тие во април 1903 година ја изведуваат својата акција во Солун, копнеејќи за еден друг свет, свет без господари и робови, во кој сите ќе живеат слободни и рамноправни. Шатев е задолжен да го потопи со динамит францускиот брод „Гвадалкивир“. Оваа акција е успешно извршена, при што бродот бил запален, а и сите патници се спасени.
Уапсен е и на судскиот процес на 6 јуни 1903 година е осуден на смртна казна. Исчекувајќи го три години извршувањето на смртната казна во солунскиот затвор Еди Куле, на 23 април 1906 година, неочекувано, смртната казна му е заменета со доживотен затвор во Фезан, во Сахара.
Во 1908 година, по Младотурската револуција, добива амнестија и повторно доаѓа во Солун.
Во текот на Првата светска војна е мобилизиран во бугарската војска, а по војната активно се вклучува во политичкиот живот на македонската емиграција во Бугарија.
Во декември 1921 година, на Основачкиот конгрес на Македонската емигрантска федеративна организација е избран за нејзин претседател.
Воспоставува соработка со претставниците на Коминтерната и СССР во Софија и од 1923 година станува професионален разузнавач за СССР.
Игра важна улога во потпишувањето на Мајскиот манифест, а од 1925 година активно учествува во дејствувањето на ВМРО (Обединета). Во 1931 година се враќа во Бугарија.
Во ноември 1941 година е уапсен од бугарската полиција, а во јуни 1942 година на големиот судски процес против комунистите е осуден на 15 години затвор.
По кусиот престој во Македонија, заминува во Брисел, каде студира на Правниот факултет.
По капитулацијата на Бугарија во септември 1944 година се враќа во Македонија и се вклучува во политичкиот живот на македонската република. На 27 октомври 1944 година е кооптиран за делегат на АСНОМ, на Второто заседание на АСНОМ, одржано на 30 декември 1944 година, е избран за член на Президиумот на АСНОМ, а во април 1945 година станува прв министер за правосудство во првата Влада на слободна Македонија. На таа функција останува една и пол година, до изборот на нова влада, на 31 декември 1946 година.


Шатев влегува во судир со комунистичкото раководство на Македонија. По донесувањето на Резолуцијата на Инфорбирото, Шатев застанува на страната на советската партија. На 1 октомври 1948 година, заедно со Панко Брашнаров, до ЦК на Советската комунистичка партија упатува доверливо писмо во кое се тврди дека „прашањето за обединување на македонскиот народ уште од самиот почеток се поткопа поради неговото неправилно поставување од страна на ЦК КПЈ во смисла обединета Македонија да се присоедини кон ФНРЈ, без да се води сметка за посебните, специфични услови, ниту за братските соседни земји...“
На 16 јуни 1949 година Шатев е уапсен „како непријател на државата“ и набрзо, на 27 јуни, му е одземен пратеничкиот имунитет. Во истражниот затвор во Скопје е задржан 11 месеци, до мај 1950 година по што е испратен во Битола, во домашен притвор. Лишен е од контакти со надворешни лица и држан е во тешки услови. Набрзо се разболува и, бидејќи не му било дозволено да се лекува, починува во јануари 1951 година.
Властите не дозволуваат да биде погребан во родното Кратово. Закопан е на битолските гробишта, без дозвола на погребот да присуствуваат неговите најблиски.

Документ од сослушувањето на Шатев


Да се создаде едно самостојно политичко постоење како единствен македонски народ, слободно да се развива во културно-просветна смисла, да соработува во политички и економски однос со сите други народи во балканските држави, беше заветуван сон, фантазија за секој Македонец. И сега, смело можеме да изјавиме, сметајќи дека го изразуваме мислењето скоро на сите Македонци, дека нема поголемо морално задоволство за Македонците од тоа, македонскиот народ да биде во неразделни културни, политички и еконеомски врски со народите на балканските држави, но истовремено е јасно и за последниот Македонец, за да можемакеоднското население правилно да се развива културно, политички и социјално, потребно е Македонија да се одвои во оделна политичка единица, во оделна држава. Идеалот на Македонецот е создавање на една Татковина, оделна македонска држава, со македонска нација, со своја историја и со свој самостоен политички и културен живот.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.