Македонци од Воденско, организирани во НОФ,1946 |
КПГ отпрвин се плаши на Македонците да им дозволи да формираат своја организација, но откако увидува дека незадоволството и нетрпението на Македонците расте, како и заради опасноста од појавување на македонски про-германски организации, КПГ накрај се согласува.Првата македонска воена организација, Македонски Народно Ослободителен Фронт (MНОФ) е формирана во 1943 година од страна на етнички Македонци членови на КПГ. Пред формирањето на MНОФ, дел од Македонците од Грција војуваат во Народно Ослободителната Армија на Грција (ЕЛАС). Првата цел на MНОФ е да ја добие подршката на целото македонско население, и преку MНОФ да го мобилизира во Грчкиот Антифашистички Фронт (ЕАМ). Исто така MНОФ се бори против активноста на ОХРАНАТА во западна Егејска Македонија. Откако вооружениот состав нараснува, единиците на MНОФ започнуваат да водат битки против фашистичкиот окупатор во северна Грција, соработувајќи притоа со КПГ.
За тоа време, MНОФ печати свој весник, а Македонците прават обиди да организираат настава и печатење на книги на македонски јазик . Но сето тоа се осуетува со доаѓањето на крајот на Народноослободителната војна во Грција, и на Британската интервенција. Малку пред крајот на војната, увидувајќи дека Македонците успеваат да се сплотат околу MНОФ и создавајќи силна армија, да се претворат во важен фактор во северна Грција, ЦК на КПГ издава наредба за расформирање и разоружување на MНОФ. Некои од командантите на MНОФ, незадоволни од решението на КПГ, предводени од Вангел Ајановски - Оче, заедно со цел батаљон и со оружје преминуваат во Вардарска Македонија. Тука тие учествуваат во завршните операции на Народно Ослободителната Војна во Вардарска Македонија, а потоа од страна на Колишевски се пратени на Сремскиот фронт.
Млади Македонци од Костурското село Бапчор во редовите на НОФ |
Гледајќи дека КПГ се ориентира кон борба со политички средства, и неможејќи да го трпи секојдневниот терор и понижување, Македонците од Воден, Костур и Лерин се организираат себеси формирајќи ја организацијата НОФ (Народно Ослободителниот Фронт). НОФ е формиран на 23 април 1945 година од страна на Михаил Керамитчиев, Паскал Митровски, Георги Урдов, Атанас Коровешов, Павле Раковски и Минчо Фотев. Според првиот устав, цели на НОФ се: борба против грчките монархофашистички агресори, борба за демократија и слободна грчка република, и борба за физички опстанок на Македонците во Грција.
Отпрвин дејствието на НОФ се ограничува само на организирање на штрајкови, протести на улиците, фабриките, публикување на нелегални весници и памфлети, но наскоро создаваат и вооружени чети. Непосредно пред формирањето на НОФ, Вангел Ајановски - Оче со дел од соборците кои се враќаат живи од Сремскиот фронт, се префрлува илегално во Воден и таму ја формира Тајната Ослободителна Македонска Организација (ТОМО) со две вооружени чети. По создавањето на НОФ, ТОМО се приклучува кон првите и вооружените сили се обединуваат. Македонските членови на КПГ и борците од Егејската ударна бригада од бившиот MНОФ кои во 1944 година се префрлуваат во Вардарска Македонија, сега почнуваат да се враќаат во нивните родни места во Северна Грција, и влегуваат во редовите на НОФ. Во 1945 НОФ располага со 12 вооружени чети во Костурско, 7 во Леринско, и 11 во Воденско и Ениџевардарско. Овие чети патролираат по селата, и нивна основна цел е да го заштитуваат невиното население. Од средината до крајот на 1945 овие групи водат 30 битки со монархофашистички патроли. Најголемата од нив се случува во близина на паланката Меглен, кога конвој кој превезува политички затвореници е нападнат од сили на НОФ. 14 владини војници се убиени, 9 заробени и сите затвореници (Македонци и Понтијци) се ослободени.
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.