македонски партизани |
„Со недвосмисленото признавање на постоење македонска нација, југословенските комунисти успеаја да го минимизираат влијанието што меѓу Македонците го имаше водачот на ВМРО Иван Михајлов", пишува во анализата посветена на создавањето на македонската држава во рамките на Југословенската федерација, заведена под архивска ознака ЦДА, КФМ 36, 780/8.
Во неа се вели дека клучно за успехот на КПЈ меѓу Македонците е признавањето на вековните национални стремежи на македонскиот народ за сопствена држава. Според податоците на Американците, до 1943 година КПЈ имала 300 членови во Македонија и 400 приврзаници во организацијата на комунистичката младина.
„И покрај превирањата што постоеја меѓу Македонците во првите две воени години од Втората светска војна, сепак, мнозинството од нив во 1943 година се вклучија во ослободителната борба предводена од комунистите на Тито. Нивната цел да се приклучат во борбата беше создавање своја држава, а мотивот го добија во довербата што ја имаа во даденото признание на нивното право на национално самоопределување, иако тоа беше предвидено во рамките на доктрината на југословенскиот национален федерализам", е запишано во овој документ на САД.
Според Американците, со ваквиот став кон Македонците, КПЈ која до 1943 година има само 700 приврзаници, успеа да ги истисне до тогаш влијателните пробугарски елементи меѓу Македонците. За ваквиот исход, според Американците, клучни биле два фактора.
Прво, цврстото признание на аспирациите на Македонците за своја држава од страна на КПЈ, наспроти дотогашната насилна српска асимилација преку полицисковоениот апарат на Владата во Белград во вардарскиот дел од Македонија. И успехот на КПЈ која докажа дека политиката на ВМРО под водство на Михајлов е истоветна на бугарските националистички претензии спрема Македонија. Вториот фактор е пасивноста на ВМРО, односно на водачот Михајлов, кој во тој период бил протеран од Бугарија (за време на Втората светска војна И. Михајлов престојува во Хрватска и е советник на водачот на НДХ, Анте Павелиќ).
„Михајлов во тој период, наместо да ги мобилизира Македонците во борба за своја држава, сметаше дека бугарската окупација на Македонија е првиот чекор кон воспоставување автономна Македонија. Поради ваквиот став, на што се должеше и неговата пасивност и нерешителност, доведе до губење на неговата поддршката и популарност меѓу Македонците, и покрај големиот ореол и славата на ВМРО. Дополнително влијаеше и отпорот на Македонците кон бугарската окупација", пишува во анализата.
Во таа анализа се констатира дека македонскиот национализам е производ на жестоката асимилаторска политика на националистичките кругови во Србија и во Бугарија врз Македонците. Србите се обидоа од 1919 година до почетокот на Втората светска војна да ги србизираат Македонците, или ако не успеат да ги направат Срби, тогаш да ги приклучат кон другите националности што живеат во Македонија. На тој начин се обидуваа да го ферментираат македонското национално чувство.
„Нема подобро потхранување на национализмот кај еден народ од обидот да му се одземе правото да си го зборува својот јазик за да му се наметне туѓ. Мерките на Србите за негирање на македонскиот јазик, колонизаторската политика, високите даноци, отсуството на инвестиции, исклучувањето од партиципирање во власта, беа контрапродуктивни и го предизвикаа македонскиот национализам", заклучиле Американците во 1945 година. Од друга страна, Бугарија преку националистичката окупација во текот на Втората светска војна, во обид да ги врати границите од Санстефанскиот договор, ја уништи добрата волја што постоеше во Македонија спрема Бугарија.
„Бугарските националисти не можеа да го прифатат фактот дека Македонците можат да имаат поинакви аспирации, освен да бидат апсорбирани како чисти Бугари во бугарската држава. Од друга страна, ниту бугарските комунисти не успеаја да се соочат со реалноста дека Македонците се посебен народ, како што тоа го направија југословенските комунисти предводени од Тито. Бугарските комунисти не можеа да се приспособат на реалноста, пред тоа да стане доцна", заклучуваат Американците.
Во ваквата состојба лежат причините и за неуспехот на Иван Михајлов да ја исполни задачата поставена од Германците, во септември 1944 година, под нивни патронат да основа независна македонска држава.
Откако Михајлов се сретнал со свои приврзаници во Скопје, заклучил дека веќе е доцна и нема услови да се реализира проекгот. Според американската разузнавачка служба, голем број млади интелектуалци меѓу Македонците, кои пред војната биле наклонети кон Михајлов, сега веќе се бореле за добивање државни позиции во македонската држава во рамките на Југословенската федерација. Според Американците, македонската интелигенција решила да го прифати предлогот на Тито како најповолен, за подоцна да заклучат дека и немаат друг избор. Решението на КПЈ не било веќе алтернатива, туку единствена можност. Во извештајот посебно е нагласено дека во прокламацијата од конституирањето на македонската држава, била поздравена новата југословенска држава на чело со Тито, но немало поздравни зборови кон СССР и Црвената армија, Бугарија, Грција и Албанија. Во Прокламацијата била истакната надеж дека народната демократска власт ќе се распространи врз целата територија на Македонија.
„Македонците кои се надеваа дека државата ќе ја воспостават на целокупната географска Македонија, се распоредуваа надвор од Македонија, или пак против лицата со такви тенденции се преземаа репресивни мерки", пишува во извештајот.
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.