Friday, September 30, 2011

Eгзодус врз македонците од Егејот

бегалци
Во Грција имаше училиште на македонски јазик!
Борбата се водеше за Грција да стане демократска држава. Не убедуваа дека се бориме за човекови права, а ни ветуваа дека ние, Македонците, ќе добиеме училишта на македонски јазик. Во 1948-1949 година имаше училиште на македонски јазик, и тоа во селото Желево. Всушност, прво се подготви кадар, а потоа се отворија училиштата, но не за долго.
Ова го објаснува некогашниот учесник во Граѓанската војна во Грција, Ѓорѓи Мацков. Тој е роден во далечната 1930 година, во село Сетина, Леринско, каде завршил и основно образование.
На прашањето дали КПГ манипулираше со македонските партизани, и со тоа што дозволи привремено да работат училишта на македонски јазик, на некој начин ги условуваше Македонците да се борат во Граѓанската војна, Мацков одговара:
"Многумина го тврдат тоа. Всушност, ни прочитаа наредба дека треба да се зборува на грчки јазик за да разберат сите. Грците не ни ги дадоа училиштата за што наводно многу се грижеле, туку македонските раководители сами успеаја да ги извојуваат, односно да ги добијат. На еден конгрес во Бапчор беше кажано дека македонското раководство само си ги извојувало правата. Во војната учествувавме под притисокот дека има потреба во неа да се ангажираат и Македонците. Училиштата постоеја кратко време, по што тие се распаднааа, вели Мацков, кој, како и многуте наши претходни соговорници, учествувал во оваа војна, која се водела против кралска Грција, бидејќи КПГ им ветувала на Македонците дека ќе добијат демократски права.



ИМ ГИ МИНИРАВМЕ КАМИОНИТЕ
Во однос на прашањето за акциите против монархофашистите, тој го истакнува своето учество во борбите кај Фалцата - Костурско, во 1947 година, но исто така, и учеството во оние во селото Загоричани, кое било опколено од монархофашистичката војска и полиција. Тогаш партизаните првпат употребиле артилерија. Ги спомнува и акциите на Вичо и во Сињачко. V
Како учесник во војната бил директно вклучен во единицата, односно во четата во состав на 18. бригада. Таму бил 12-13 месеци, а потоа во 1948 година, кога единицата била прегрупирана, се вклучил во техничката единица за минирање.
"Имавме некои информации дека ќе се врши размена на монархофашистичката војска од Кожани во Костур. Ја чекавме размената и го миниравме патот. Монархофашистите се движеа од Костур, Сињачко кон Богатско. Имаше 12 камиони. Ги дочекавме наутро, а камионите им ги миниравме. Потоа дојдоа авионите и нас не бомбардираа. Пристигна друга монархофашистичка војска од Костур. Во Сињачко војувавме до ноќта. Имавме и жртви. Тука загинаа и двајца англиски офицери", раскажува Мацков.
Овој партизан се борел и на Вичо, како и во реонот на Мала Бигла над Лерин. Не учествувал на Грамос, но сепак таму заминал поради друга задача, односно со неколкумина требало да го префрлат на Грамос генералниот секретар на КПГ, каде што всушност се наоѓал штабот на партизаните.
 
бегалци 
ИМАВМЕ МНОГУ ЖРТВИ И ГИ ГУБЕВМЕ ПОЗИЦИИТЕ
"Во февруари 1948 година Захаријадис излезе од Атина. Но, не знам дали на нашата слободна територија дојде преку Југославија или преку Лерин. Нашата единица беше лоцирана на слободната територија која го за фаќаше просторот од Смрдеж, Косинец кон Костур, близу албанската граница. Добивме наредба, десетина луѓе во кои имаа доверба, генералниот секретар да го префрлиме во штабот на Грамос. Но, откако дојде тој нареди да не се војува партизански, туку фронтално, гради в гради. Тоа беше голема грешка. Во меѓувреме слушнавме дека Захаријадис го сменил генерал Маркос. Тоа се случуваше на крајот на 1948 година. Оттогаш почнавме фронтално да војуваме, имавме многу жртви и ги губевме позициите", се потсетува борецот Мацков.
Неговата единица војувала и во Калуѓерица, на Трсјанската Планина и во Турија. Но, како што раскажува нашиот соговорник, на монархофашистите им дошла огромна помош, поради што партизаните се повлекле и ДАГ капитулирала. Во јуни 1949 година Мацков се повлекол од преспанскиот дел во Македонија.



НЕ ОСТАВИЈА ДА НЕ ИЗГОРИ СОНЦЕТО
"Знаев каде се наоѓа неговиот штаб. Ме следеа грчките шпиони од нашето село, од Долно маало. Секогаш ме пресретнуваа и ме прашуваа дали сум се видел со татко ми. Јас кажував дека одам да берам дрва. Но, еднаш ме открија. Дојде цела чета грчки платеници и неколкумина, меѓу кои и јас, не мачеа, не врзаа со јаже, не малтретираа само за да кажеме каде ни се татковците. Не однесоа на изворите Корада, а потоа кај командирот на таа платена војска. Не плашеа, пукаа во воздух, но ништо не им кажавме. Не однесоа во лозјето, не врзаа за една кајсија, не тепаа. Командирот почна да ме милува и да ме наговара за да кажам каде е татко ми. Тогаш се појави еден наш роднина за кој знаев дека е шпион од селото. Тој ми рече дека доколку им кажам каде е татко ми нема да го судат. Откако ништо не им реков, не соблекоа голи, не нурнаа со главата во водата во изворите Корада, не оставија да не изгори сонцето. Цел ден не мачеа, се заканија дека ќе ни ја запалат куќата и дека ќе ни ги земат сите свињи. На крај јас кажав погрешна информација. По нивна наредба тргнавме на тоа место, но за наша среќа од Руселенската котлина пукна некоја пушка. Тие се разбегаа, нас не ослободија".
Наредниот ден Ташо повторно заминал во коријата каде бил татко му. По посетата тој го испратил до лозјето и му кажал дека утредента сака да се види со сопругата. Но, во раните утрински часови непријателите почнале да пукаат на два километра од нивната куќа.
 
ГИ ВРЗАЛЕ НА СРЕД СЕЛО И ГИ УБИЛЕ
"На 24 јули 1946 година - додава соговорникот - татко ми беше фатен на планината Ниџе, Голем Камен. Во една пештера беше скриен реонскиот комитет. Дојде четата на Коминото (платениците) и ги опколи.
Едниот го убија на лице место, другиот беше ранет, татко ми жив го фатија, го однесоа во селото и го тепаа пред сите селани. Велеа дека сме му правеле големо зло на селото, но не беше така. Истиот ден кога почна пукањето излеговме и јас и браќата. Ги пуштив свињите, а оние кои претходно ме тепаа гледаа како јас одам со свињите, ми се потсмеваа, велејќи ми - ти не ни кажа каде е татко ти, но ние сами го најдовме. Земи го коњот од гумното за да го товариш татко ти. Јас им велам - вас ќе ве товарам. Сепак, татко ми го заробија. На заминување се гушнавме, тој ми даде список со 12 шпиони од селото и ме посоветува цело семејство да одиме во партизани. Подоцна му ја исполнивме желбата".
Нашиот соговорник, со списокот кој му го дал татко му, заминал во теовската корија, каде се наоѓал Штабот на партизанската единица на реонскиот комитет. Ја пренел информацијата за заробувањето на татко му, по што тие му рекле дека вечерта ќе дојдат во селото. Како што му кажале така и направиле. Го опколиле селото, а неколку шпиони побегнале. Од 12 пронашле само четворица. Ги врзале на сред село и ги убиле, им наредиле на селаните никој до раните утрински часови да не ги допре мртвите тела за другите да гледаат дека тоа што го правеле кодошите тоа и ги нашло. Ветиле дека ќе ги најдат и останатите кодоши. Кога се разденило непријателите почнале да пукаат по партизаните, семејството на нашиот соговорник било скриено. Монархофашистите ги закопале умрените со сите почести. Братот на Ташо сакал да го посети татко им кој бил однесен во затвор во Воден, но поради тоа што ги навредил џандарите бил претепан и сместен во болница. Ташо и мајка му заминале за Воден, за тој да го посети братот во болница, а мајка му да го посети сопругот. Во болницата нашиот соговорник го видел брат му, дури и успеал да го извлече од таму. Но, не за долго. Монархофашистите го пронашле и го затвориле.
На 27 јули почнало судењето на татко му, а на 28 го стрелале. Тоа било еден ден по стрелањето на Мирка Гинова. Четата на Мирка Гинова била фатена на 22 јули, а на неговиот татко на 24 јули.
Откако го убиле татко му цело семејство заминало во планините. Прва дестинација им била Кациката во бањата "Пожарско", каде имало и болница. Мајка му подготвувала храна за партизаните, а го дале и целиот добиток кој го имале. Селото било опустошено од монархофашистите. По три-четири месеци мајка им ја пренеле во тогашна Југославија, во Булкес, Војводина. Десеттина од единицата во која бил и нашиот соговорник биле задолжени за поставување мини на патот за Лерин, на Мухарем хан.
Мини ставале два пати во Воден, еднаш нашиот соговорник фрлил бомба на гимназијата. На Кајмакчалан почнале офанзивите. Се формирала чета за Грамос. Сите штабови се споиле во едно. Преку Лерин заминале во Костурско, потоа на фронтот на Грамос.
 
деца бегалци од Егејот
 
ПОЛИТИКАТА НА ЗАХАРИЈАДИС БЕШЕ ПРЕДАВНИЧКА
Мислам дека политиката на Захаријадис беше предавничка. Не знам дали некој може да ме демантира. Како можеше Захаријадис слободно да се шета во Атина, а кога дојде на слободната територија на партизаните веднаш да им нареди фронтално да војуваат. Генерал Маркос му се спротивстави велејќи дека ние не сме подготвени така да војуваме, но веднаш потоа беше сменет. Всушност, Маркос беше во право кога на генералниот секретар на КПГ му велеше дека ние не сме вооружени за таков начин на војување, па затоа и ги губевме позициите, а фашистичката војска стануваше се посилна. Мислам дека токму поради политиката на Захаријадис се случи крахот на ДАГ, иако не верував дека ќе можевме уште многу да из држиме, сепак сигурно немаше толку брзо да пропаднеме", посочува Мацков.


Татко ми го тепаа пред цело село:
Не плашеа, пукаа во воздух, но ништо не им кажавме. Не однесоа во лозјето, не врзаа за една кајсија, не тепаа. Командирот почна да ме милува и да ме наговара за да кажам каде е татко ми. Откако ништо не им реков, не соблекоа голи, не нурнаа со главата во водата во изворите Корада, не оставија да не изгори сонцето. Цел ден не мачеа, се заканија дека ќе ни ја запалат куќата и дека ќе ни ги земат сите свињи...
Ташо Чапканов Мицев е роден 1931 година во село Нисја, Воденско. Иако учел на грчки јазик, сакал да зборува на мајчиниот македонски јазик и затоа добивал многу ќотек од учителот. Се сеќава и на тоа како учителот скршил 21 прачка удирајќи го по рацете, само затоа што зборувал на македонски. Од 45 деца кои учеле во училиштето само еден се погрчил, а останатите не се покориле. Дома во семејството, па дури и надвор, зборувале на македонски јазик. Иако Воденско е чисто македонска област, според кажувањата на соговорникот, се делела на гркомани и бугарофили. Горното маало ги нарекувале бугарофили, а Долното маало биле гркомани, кои ги кодошеле Македонците, а го кодошеле и Ташо. Го шпионирале и кога тој одел во планините за да му носи храна и облека на неговиот татко кој, исто така, бил партизан.


македонски бегалци

ЗАГИНАА 700 ЛУЃЕ
"Почнаа големите борби, загинаа 700 луѓе. Нашата чета од Воденско беше составена од 128 борци, а на Грамос заминавме сите чети, вкупно бевме 3.000 борци. Борби се водеа до крај, кога се фрлија двајца младинци на ЕПОН, една девојка и две момчиња. Се фрлија од врвот Клефти на Грамос, не можеа да се спасат, беа опколени, но живи не се предадоа.
Се повлековме во Руља, Брезница, Костурско. Се собравме 14., 16., и 18. дивизија. Дојде Маркос и ни соопшти дека ќе се бориме партизански, не фронтално, бидејќи Грамос го изгубивме, планините ги браниме, градовите остануваат. Требаше од 10 до 20 души да одиме по селата и градовите. Чекавме наредби, но Захаријадис рече дека ќе се бориме фронтално, цел му беше да се истребат Македонците", вели Ташо.


ОРУЖЈЕТО ГО СОКРИЈА ВО ПЕШТЕРИТЕ
Во Југославија, како што објаснува соговорникот, дошле затоа што мислеле дека тука ќе останат кратко време и потоа ќе се вратат во Егејска Македонија. По извесно време се слушнало дека Тито собирал војска од Македонија и сакал со војна да ја отцепи Егејска Македонија од Грција. Дошла наредба да се расформира бригадата и таа да влезе во состав на југословенската војска. Така и се случило, некои заминале за Струмица, а баталјонот во кој бил Поповски бил стациониран во Битола.
Таму беше одржан состанок на кој присуствуваше еден од Главниот штаб на ДАГ и ни рече дека во Грција формирале партизански одреди. Кога се расформира ЕЛАС оружјето го сокрија во пештерите, имаше луѓе кои тоа го знаеја, па под притисок им го дадоа. Немаме верни луѓе да ни го штитат Главниот штаб - ни рече Гркот - затоа ќе ве замолиме 500-600 луѓе да дојдете како негова заштита. Една единица Вардарци, по капитулацијата на Бугарија, со пушки дојде на помош, со цел да одат во Грција, но кога видоа дека нема ништо од тоа одење се врати назад.


ЗА ДА НЕ ОДАТ В ЗАТВОР, БЕГАА ВО ПЛАНИНИТЕ
"Од Горничево добивме информација дека "бурундарите" влегле во селото и ги силувале жените на борците. Двете стражарски смени организирано, со патроли, со оружјето заминаа на планината. Почнаа заседите. Тоа се случуваше во 1945 година. По тој повод сите Егејци, кои бевме на границата со Грција, не собраа и не испратија од Љубојно, Коњско, Стење, до Свети Наум. Таму, формиравме единица за да ја чуваме границата во реонот од Преспа до Охрид. Кон крајот на 1945 година сите бевме вратени од границата, во Битола. Ја сменивме униформата, и во камиони, преку Гевгелија, Кожув, заминавме на Кајмакчалан, Пајак Планина. Други заминаа преку Преспа. Во Грција се здруживме со партизаните. Почна второто партизанство. Поведовме борби. Народот почна да се организира, а се врати и царот кој беше избркан. Се вратија царските војски, а по договорот во Варкиза почнаа да ги гонат и партизаните. За да не одат в затвор луѓето бегаа во планините. Почна мобилизацијата. Одевме од битка во битка, а немавме ниеден ранет. Дојде наредба да одиме во Вермион. Водевме битки на Каракамен, Негуш, Воден... Како одевме, така паѓавме во заседи, но дојдовме до Кардица... По долги перипетии нашата единица мораше да се повлече. Бев во единицата на тешки митралезии.
Поповски раскажува за тоа како по повлекувањето останале само двајца и тие се упатиле во партизанската област Вргана. На патот до таа област им се придружиле уште тројца партизани. Во оваа област Поповски нашол соборци од своето село. "Гледам - се потсетува нашиот соговорник - деца зборуваат македонски и ми дојде душата. Имаше борци од Русилово и од Острово. Се сместив во таа единица додека се снајдам. Со штитот од италијанските пушки ги продупчив свинските кожи, кои цело време ги носев на нозете, и направив опинци".

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.