Thursday, September 29, 2011

Обединување на НОФ со Демократската Армија


Кога НОФ се претвора во моќен фактор во Северна Грција, КПГ решава да започне преговори со нив. Преговорите се водат од страна на Михаил Керамитчиев и Паскал Митровски како претставници од НОФ, и Маркос Вафијадис како претставник на КПГ. Во меѓувреме додека трајат преговорите по наредба на ЦК на КПГ, партизанските единици на територијата на Егејска Македонија, Тесалија, и Пелопонез се обединуваат во единствена Демократска Армија на Грција (ДАГ), на чело со генерал Маркос.
Треба да се одбележи дека во Костурско и Воденско, бројот на вооружени лица на НОФ е 3 пати поголем од оној на партизаните од ДАГ. По близу 7 месеца непрекинати преговори, КПГ и НОФ, најпосле доаѓаат до споразумание за обединување. И во средината на 1946 година, НОФ се обединува со ДАГ, предавајќи ја врховната команда на своите вооружени членови на Маркос Вафијадис. ДАГ на НОФ и го признава правото на социјална и политичка организација на сите Македонци во Грција. НОФ ќе го организира, обучува и просветува македонското население, и ќе се претвори во неисцрпен извор на војници Македонци за ДАГ.
За време на целиот конфликт, 60% од војниците во Демократската Армија се етнички Македонци. За сето тоа време НОФ и КПГ ја држат таканаречената „минималистичка позиција“ за решавање на прашањето на Македонците во Грција (рамноправност на македонскиот со грчкиот народ во рамките на една демократска Грција), и НОФ го осудуваат и се борат против секоја пројава на автономизам.

Македонците се борат многу храбро во Граѓанската Војна и даваат огромен придонес за победите на Демократската Армија. Но наскоро се разгорува конфликтот меѓу Коминтерната и СФРЈ, и секакви врски меѓу ДАГ и СФРЈ се прекинати. Генералниот секретар на КПГ Никос Захаријадис ја прави најголемата грешка во конфликтот кога во 1948 година го разрешува генерал Маркос Вафијадис од должноста командант на ДАГ и на негово место се назначува себе си. Исто така ги распушта поважните воени команданти и на нивно место назначува партијски функционери без никаква воена обука.. Тактиката на Вафијадис во првите три години на конфликтот е многу успешна - герилски напади над монархофашистичките сили, со цел истоштување на владината армија.
Македонците борци, кои го сочинуваат ’рбетот на ДАГ успешно ја извршуваат оваа задача, и успеваат да ја бранат слободната територија во Северна Грција. Слободната територија во првите 3 години од конфликтот се проширува и започнува од Лерин, преку Тесалија се до Атика, а има и ослободени територии во Пелопонез (кои не траат многу).
Вафијадис и ДАГ нанесувајќи им огромни жртви на монархофашистите, успева да создаде слободната територија која се протега по селата и планините, додека владините сили се изолирани само во градовите. Но Захаријадис започнува нова стратегија, која се покажува смртоносна за Демократското движење. Захаријадис наредува преминување од герилска во фронтална војна. ДАГ е неподготвена за таков обрт во таа фаза на војната. Згора на тоа, британската интервенција се заменува од американска, и Американците праќаат тенкови, авиони, артилерија и муниција. Имено заради отворената англо-американска помош во логистика, парични средства и тешка воена машинерија (тенкови, авиони и др.) за владините сили, како и заради раскинувањето на врските со СФРЈ од страна на ДАГ, доаѓа до пресврт во текот на војната.

Поразот на Демократската Армија
Благодарение на лошата тактика на Захаријадис и на новопоставените команданти кои немаат никаква воена обука, како и под ударот на супериорно вооружената монархофашистичка армија, ДАГ почнува да ги губи ослободените територии, и да се повлекува на север. Но иако лесно вооружени, и имајќи само неколку полски топа, ДАГ (составена претежно од Македонци), се бори храбро за секоја педа земја.
Од обединувањето со ДАГ, во 1946, до крајот на војната НОФ ја држи минималистичката линија, т.е. борба за ремноправност на македонскиот народ со грчкиот во една демократска грчка република. Но, на 5-от Пленум на Комунистичката Патија на Грција, со цел да се мобилизираат повеќе Македонци во ДАГ, а и за да се даде признание за надчовечката храброст на Македонецот борец, и невидената саможртва, на 31 јануари 1949 ЦК на КПГ се објавува за „максималистична линија“, т.е. кога ДАГ ќе ја преземе властта во Грција, на Македонците ќе им се признае правото на самоопределување (правото да формираат независна македонска држава обединета во нејзините географски граници). Оваа нова линија на КПГ има одраз врз темпото на мобилизација (кое и онака е над нормалното), но не успева да го смени одот на војната.
Во битките на Вич и Грамос, под деноноќните бомбардирања со напалм бомби, и артилериски баражи, ДАГ со целиот свој состав и местното население е избркана од Грција. Заради влошените односи со СФРЈ, која ги затвара своите граници, евакуацијата се спроведува преку Албанија.


No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.