Thursday, August 11, 2011

Михајло Апостолски

Михајло Апостолски

Михајло Апостолски (Михаил Митев Апостолов) (Ново Село, 8 ноември 1906 - 7 август 1987, Дојран) бил македонски генерал, политичар и историчар.
Пред Втората светска војна завршил воено училиште и станал мајор на Генералниот Штаб на војската на Кралство Југославија. Во текот на кратката Априлска војна бил командант на планинските единици. Кога Германиците ја нападнале Југославија тој наредил да се урнат сите мостови за да се забави нивното напредување.
Во 1941 година бил назначен за член на Покраинскиот воен штаб на Македонија, а од јуни 1942 година, командант на Главниот штаб на народноослободителната војска и партизанските одреди на Македонија. Во мај 1943 година бил назначен за генерал мајор. На Второто заседание на АВНОЈ бил избран за член на Претседателството на АВНОЈ. Од февруари 1944 година покрај 33 македонски оперативни бригади, под команда на Апостолски се наоѓаат и бригади од Косово и од јужна Србија.
Член е на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Учествува на Првото заседание на АСНОМ и е избран во неговиот Президиум.
Во февруари 1945 година бил назначен за началник на Врховниот штаб на НОВ (односно на Генералштабoт на Југословенската армија). Извршувал и други одговорни функции во ЈНА.
Се пензионирал во 1958 година со чин генерал-полковник. По ова, започнал интензивно да се занимава со историја. При формирањето на Македонската академија за науки и уметности (на 18 август 1967 година) бил избран за нејзин прв редовен член. Во 1968 година бил избран за дописен член на Српската академија на науки и ументости. Подоцна бил избран и за член на Хрватската, Словенечката, како и на Академијата за науки и уметности на Босна и Херцеговина.
Од 1976 година до 1983 година бил претседател на МАНУ, а во периодот од 1978 до 1981 година бил претседател на Советот на академиите на науки и уметности на СФРЈ. Бил и член на Советот на федерацијата.
Во 1953 година бил одликуван со орденот Народен херој.
Денес Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“ во Скопје и орденот „Михајло Апостолски“ го носат неговото име.



ЗА БУНТОТ НА КАЛЕ ВО ЈАНУАРИ 1945-ТА
Српски шпиони го поттикнувале револтот на војниците, за ОЗНА да почне со апсења.
Недела претпладне, 7 јануари 1945 година - Божиќ. Во Офицерскиот дом на плоштадот во Скопје се одржува Вториот конгрес на Народната младина на Македонија на чело со Крсте Црвенковски. Свечена, а како што милуваа комунистите да кажат, истовремено и работна атмосфера. Многу челници на тогашна Македонија се во салата. Меѓу нив и генералот Михајло Апостолски, началник на Генералштабот.
Одеднаш, влегува аѓутантот на Апостолски и му шепнува вознемирувачка вест. Стотици војници, вооружени, се симнувааат од Калето и преку Камениот мост доаѓаат пред Офицерскиот дом. Транспаренти, извикувања, мешаница, изненадувачка атмосфера која на политичката елита во Домот не и’ се допаѓа. Никој не знае што се случува и зошто е сето тоа. Апостолски излегува надвор и не му се верува во тоа што го гледа: неговата војска излегла со оружје, а тој поим нема што се случува.
Така започнал бунтот на војниците од Калето во јануари 1945 година. Тој ќе предизвика една серија настани која ќе го претвори јануари 1945 година во еден од најкрвавите месеци во македонската историја. По бунтот на Кале следи тој во Штип, па стрелањето на 53-та велешани, стрелањата во Куманово и Ресен, а сето тоа води кон не баш славен почеток на новата комунистичка власт во Македонија.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.