Thursday, August 11, 2011

Панко Брашнаров


Панко Брашнаров (познат и како Панко Брашнар) (27 јули 1883 - 13 јули 1951) е македонски комунист, роден во Велес. Член на првиот Централен комитет на ВМРО (Обединета), потпретседател на Президиумот на АСНОМ.
Образованието го започнува во родниот град. По завршувањето на прогимназијата школувањето го продолжува во Педагошкото училиште во Скопје. Учителствувањето го започнаува во кумановските села каде почнува да ги шири првите револуционерни идеи. Учителствува до почетокот на Балканските војни.
Во 1919 станува член на Комунистичката партија на Југославија. Во текот на 20-тите учествува на повеќе конференции и конгреси на КПЈ. Така, во 1920 г. е избран за делегат од велешката партиска организација на Вуковарскиот конгрес; во 1922 г. учествува на Првата земска конференција на КПЈ во Виена; во 1924 г. е делегат на Третата земска конференција на КПЈ во Белград; во 1926 г. учествува на Третиот конгрес на КПЈ во Виена.


Панко Брашнаров како македонски партизан

На основачкиот конгрес на ВМРО (Об.) во октомври 1925 година е избран за член на нејзиниот прв Централен комитет. Поради својата револуционерна активност, осуден е на седум години робија. По излегувањето од робија, политички се пасивизира.
По окупацијата на Македонија од страна на Бугарија во текот на Втората светска војна, Брашнаров повторно станува учител и предава на бугарски јазик, а од 1943 година се поврзува со партизаните. Во мај 1944 година преминува на слободна територија како член на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ. Како најстар делегат го отвора Првото заседание на АСНОМ. Станува потпретседател на Президиумот на АСНОМ и негов повереник за информации.
Во 1948 година категорично ја поддржува Резолуцијата на Информбирото, со што доаѓа во судир со политиката на КПЈ. Застанува недвосмислено на страната на СССР и Сталин во спорот. Уапсен е на 11 декември 1950 година и во јуни 1951 е испратен во логорот на Голи Оток, каде што набрзо, на 13 јули, умира. Сè уште не се знае каде се погребани неговите посмртни останки.



Панко Брашнаров -Историскиот говор на првото заседание:
...Другарки и другари народни претставители, Во овој момент, во ова историско место “Св.Отец Прохор Пчински“ и на овој историски ден

- И Л И Н Д Е Н -, кога објавувам да е отворено Првото Антифашистичко собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнена со радост и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплускујат е целата македонска земја, сакајќи да измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропасти на Самуиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна македонска држава. Во овој момент, земјата на нашите покојници - многубројни народни герои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледаат изгревот на нашата слобода, гледат идеална дружба на старите Илинденци - на Гоце Делчев и денешните Илинденци - младата македонска војска, и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи - слободна, обединена Македонија. Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве поканувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност (при помен на жертвите одава се минутно молчение). Вечна слава на падналите герои за слободата на Македонија! Другари народни претставители, жив сум свидетел на два Илиндена - 1903 и 1944 година. Во моите спомени се нижат безброј моменти за илиденската народна епопеја и Крушовската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жаждата му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска република. Но разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија - Крушовската република го потушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство. Животворениот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана. Кога сите поробени народи на Југославија се дигнаја против денешниот непријател на целото човечество фашизмот, и македонскиот народ се нареди во таја борба. Тој во неа виде возможност да ја помогне општата борба на сите поробени народи и целото слободољубиво човечанство и да го оствари својот вековен национален идеал. И ете како резултат на тригодишни крвави борби, македонскиот народ ја врза својата судбина со судбината на сите југословенски народи, помогна со крф и борба да се дојде до нова, братска, демократска и федеративна Југославија. Денеска на фториот, славен Илинден, последен Илинден на неослободена Македонија, се стават темелите на македонската држава во која да се обедини и заживее нашиот народ онаков среќен живот каков го заслужува по своите претрпени ропски маки и петвековни борби. Да е жива нашата мила македонска федерална држава! Да е жива федеративна, демократска Југославија, заеднички покров на братските јужнословенски народи!....


дел од говорот на П.Брашнаров

...младата македонска војска и поставените темели за остварување на идеалот на две поколенија,СЛОБОДНА и ОБЕДИНЕТА МАКЕДОНИЈА!!!...

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.