Thursday, August 25, 2011

Кузман Јосифовски - Питу


Кузман Јосифовски - Питу (Прилеп, 23 јуни 1915 - Скопје, 25 февруари 1944), е македонски комунист, еден од главните организатори на антифашистичкото движење (1938-1941) и на НОБ во Македонија (1941-1944). Поради својата неуморна народно-ослободителна дејност многу луѓе го нарекуваат Гоце Делчев на НОБ (Вториот Гоце Делчев).
Студира на Универзитетот во Белград каде е еден од предводниците на напредната студентска младина. Станува член на КПЈ во 1938 година, а од 1939 година е испратен на партиска работа во Прилеп. Поради несогласување со политиката на Методија Шаторов - Шарло е исклучен од Партијата, но набрзо повторно е примен во редовите на Партијата.
Член на ПК на КПМ, на Главниот штаб, на ЦК на КПМ и на Иницијативниот одбор за свикување на АСНОМ.
По Преспанското советување на 2 август 1943 година доаѓа во Скопје да раководи со борбата на македонскиот народ, во заднината на фашистичкиот окупатор. Упорен борец за создавање на самостојна македонска држава, во својата илегална работа патувал често пати во западните делови на Македонија, тогаш окупирани од Италија. Живеел во населбата Трнодол, а според официјалната верзија смртно е погоден кај фабриката „Алумина“ од бугарски војник. Таму има поставена спомен-плоча.
Кузман Јосифовски – Питу бил убиен под мошне неразјаснети околности. Денеска, како што откриваат историчарите, постоела телеграма на црногорскиот раководител Светозар Вукмановиќ – Темпо до Тито во кое тој барал Питу по секоја цена да се тргне од АСНОМ, а тоа негово барање било засилено особено по Преспанското советување одржано на 2 август 1943 година, каде Кузман Јосифоски се залагал за формирање на македонски партизански одреди во останатите делови на етничка Македонија и нивна заедничка броба со Македонците од Вардарска Македонија,за целосно ослободување и обединување на Македонија.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.