Васил Костов Главинов (Велес, околу 1869 - Софија, 24 јануари 1929), еден од првите македонски социјалисти и организатор на работничкото движење во Македонија, поборник за Балканска федерација.
Основно образование стекнал во училиштето на Јордан Хаџи Константинов - Џинот по што го изучувал столарско-дрводелскиот занает. Во 1887 заминува на печалба во Бугарија. Социјалистичките идеи ги стекнал во софиското работничко друштво „Братство”, формирано во 1892 година. Длабоко инволвиран во социјалистичките кругови, ги шири социјалистичките идеи меѓу македонската емиграција во Бугарија. Во 1893 година ја образува Македонската работничка социјалистичка група, неформална група во која членувале Веле Марков, Никола Петров - Русински, Никола Карев, Димитар Мирасчиев, Андон Шулев, Атанас Раздолов, Стојно Стојнов, Гиго Дандарот, Лазар Главинов, Димо Хаџи Димов и уште некои печалбари и револуционери. Во 1894 година се вратил во Велес каде го основал „Читалиштето” кое претставува прво просветно-работничко друштво во Македонија.
Во 1895 година македонската социјалистичка група на Главинов го издава своето прво гласило, „Револуција”, а во 1898 година и весникот „Политическа свобода”. Се издаваат и низа прогласи и брошури, што потоа конспиративно се префрлаат во Македонија.
Тргнувајќи од ставот дека без национално ослободување нема ни економска слобода, социјалистите се залагаа за ослободување на Македонија. Во таа насока имаа одредени контакти со ТМОРО. По одржувањето на Првата социјалистичка конференција на 3 јули 1900 година близу Крушево дел од македонските социјалисти се вклучија во нејзините редови и активно учествуваа во револуционерното движење. На оваа одлука Главинов остро се спротивстави.
По извршената промена на власта во Турција по Младотурската револуција од јули 1908 година се создадоа услови за легално дејствување на најразлични организации и партии во отоманската држава. Тоа е период во кој Главинов е многу активен. На почетокот на 1909 година станува одговорен уредник на новопокренатиот весник „Работническа искра".
Во јануари 1910 година во Белград се одржа Првата балканска социјалдемократска конференција на која како претставници на социјалдемократските организации од Македонија учествувале Васил Главинов, Стојан Дивлев, Душан Цекиќ и Михаил Цоков. Во Солун, кон крајот на истата година се одржа конференција со цел основање на Отоманска социјалдемократска партија, но обидите завршија со неуспех.
По избувнувањето на Балканските војни Главинов се враќа во Бугарија, каде што живее до крајот на својот живот. Во 1920 година учествува во формирањето на Централната емигрантска комисија при ЦК БКП, а потоа и на Емигранскиот комунистички сојуз. По атентатот во црквата „Света Недела“ во 1925 година е уапсен, а потоа се повлекува од јавниот живот.
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.