Sunday, September 8, 2013

Мише Развигоров


Мише Развигоров (Штип, 28 октомври 1873 - Штип, 2 април 1907) бил македонски револуционер, војвода, член на ТМОРО и учител.
Мише Развигоров е роден во Штип на 28 октомври 1873 година во еснафско семејство, од татко Спиро и мајка Донка. Во Штип завршил трет клас прогимназиско училиште, а во Ќустендил и во Казанлaк завршил педагошко училиште. Уште како ученик се одликувал со својот бурен темперамент. По завршувањето на педагошкото училиште, работел како учител во штипското Ново Село. Притоа, Развигоров му помагал на Гоце Делчев, кој во тоа време, исто така, служел како учител во селото.
Во почетокот на 1907 година, Развигоров дошол во Штип да изврши контрола на финансиското работење на штипската револуционерна организација, бидејќи постоеле сомневања за проневера на парите. Притоа, тој се сместил во куќата на Петре Брашнаров во Исарското маало, а со него биле неговите телохранители Петре Жабата и Милан Крстев. Притоа, на 2 април 1907 година, Развигоров бил предаден и куќата била опколена од турската војска. Не сакајќи да се предадат, четниците започнале борба при што Турците ја запалиле куќата. Според едни извори, Развигоров и другарите изгореле живи, според други извори, тие се самоубиле, а трети извори посочуваат дека Развигоров бил убиен во борбата, Милан Крстев изгорел, а Петре Жабата успеал да избега во една од соседните куќи, но таму бил предаден и опколен, па се самоубил. Изгореното тело на Развигоров било пронајдено во оџакот на запалената куќа, а турската власт дозволила телата на загинатите да бидат закопани. Погребот на Развигоров бил масовно посетен при што тој бил закопан на градските гробишта, до црквата „Св. Спас“, а на надгробната плоча бил издлабен следниов текст: „Мише Развигоров, народен учител“, со податоци за местото и датата на раѓањето и на смртта. Инаку, мотивот за предавството на Развигоров биле парите, а предавството го извршил благајникот на штипската револуционерна организација Мише Анчев.

Даме Груев (прв-горе) Мише Развигоров (трет-горе) Ефрем Чучков (четврти-горе) Атанас Бабата (четврти доле)

Во Штип, во 1893 година пристигнал Даме Груев, кој работел како учител во градот и тука го основал Месниот комитет на ТМОРО во кој членувале: Михаил Арсов, Христо Поп Коцев, Александар Малински, Мише Развигоров, Митре Теранцелиев, Ефрем Чучков и Тодор Лазаров, кој бил раководител. Во октомври 1894 година, во организацијата биле примени и следниве членови: Славе Велев, Ѓошо Гочев, Трајко Калајџиски, Славе Кантарџиски, Ване Поп Ефремов, Ване Балов и Мите Судиклиски. Како член на Месниот комитет, Развигоров ја ширел организациската мрежа во околината на Штип и ги организирал приемот, складирањето, препраќањето и распоредувањето на револуционерните материјали. По избувнувањето на Виничката аферa од 14-15 ноември 1897 година, Развигоров, заедно со повеќемина членови на Окружниот комитет во Штип бил затворен и мачен во штипскиот затвор, а потоа врзан бил носен по штипските, виничките и светиниколските села со цел да се заплаши народот. Гледајќи ги страдањата што ги трпело локалното население, Развигоров решил да ја преземе вината врз себе и признал дека тој ги вооружувал луѓето. Затоа, Развигоров бил осуден на доживотна робија и заедно со Петар Поп Арсов и другите членови на Окружниот комитет, на 23 август 1898 година, преку Солун бил спроведен во затворот Подрум Кале во Акија, Мала Азија. Во затворот владееле ужасни услови и во едно писмо од 25 јули 1898 година, Развигоров, Поп Арсов и Александар Коцев побарале од австрискиот конзул во Скопје да се ангажира кај турските власти за подобрување на нивната положба. Нивните семејства на 22 август 1899 година напишале уште едно писмо до австрискиот конзул со молба да им помогне на затворениците.


Во август 1902 година, по повод устоличувањето на султанот Абдул Хамид, била прогласена амнестија и Развигоров излегол од затворот. Притоа, одредено време, тој поминал во Бугарија, а потоа формирал своја чета со која заминал во штипската околија. По пропаста на Илинденското востание, биле одржани повеќе советувања како подготовка на конгресот на ТМОРО од 1905 година. На едно такво советување, одржано во текот на јануари-февруари 1904 година во Софија учествувал и Развигоров како претставник на Скопскиот револуционерен округ. Во пролетта 1904 година, Развигоров се вратил во Штип и ја продолжил револуционерната дејност. Од 2 до 7 јануари 1905 година, како претставник на штипската околија (заедно со Ефрем Чучков, Тодор Александров и Стојан Мишев), Развигоров учествувал на конгресот на Скопскиот револуционерен округ што се одржал во кратовското село Кнежево, во присуство на 20 делегати. Во овој период, Развигоров развил богата дејност како војвода на штипската околија, при што уживал голема популарност кај народот, поради неговите активности за подобрување на социјалната положба, како: помагање на селаните за откупување на земјата од беговите, ослободување на долговите на задолжените селани кај евреите, поништување на турските документи во кои се воделе задолжените селани, формирање помагателни каси, организирање бојкот на населението на плаќањето даноци итн. Во тој поглед, Развигоров извршил големо влијание и во другите околии во Источна Македонија. Како резултат на неговите активности, населението го нарекувало Овчеполски кнез.

гробот на Мише Развигоров

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.