Wednesday, September 4, 2013

Атанас Раздолов


Атанас Раздолов е роден 1872 година во Берово, малешевско, во семејството Топаловци. Уште млад тој го напушта родното место и оди во Софија. Задоен со преродбенските и ослободителните борби во малешевскиот крај и наоѓајќи се во работничка средина во Софија, ослободителните идеи кај младиот Раздолов се издигнуваат на повисоко ниво. Тој ја поврзува националноослободителната борба со револуционерната борба на работничката класа. Познат е под псевдонимот дедо Раздолчо. Членува во Македонскиот револуционерен социјалдемократски сојуз, основан од Васил Главинов.
Во 1901 година е затворен поради неговите пишувања за бугарскиот кнез Фердинанд.
За време на Балканските војни, тој бил доброволец во втората бригада од Седмата кумановска дружина на Македонско-одринскиот доброволен корпус на бугарската армија, со командирот потпоручник Георги Светогорски.
Атанас Раздолов самиот си го одзема животот во Софија во 1931 година.

Атанас Раздолов, Сотир Атанасов и Никола Зографски
Раздолов е автор на 15 книги, помеѓу кои се: „Песните на востаникот“ (1895), „Крвавиот исток и бездушна Европа“ (1889), „Пред министерските врати“ (1907), „Иднината на балканскиот полуостров“ (1914). Објавил и повеќе статии, стихови и брошури со револуционерна содржина. Дел од неговите брошури по курири биле испраќани во внатрешноста на Македонија, за потребите на Организацијата.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.