Thursday, July 28, 2011

Балканските држави 1912 година


Голем дел од македонското население било мобилизирано и се случувало најблиски роднини, вклучително и браќа, да носат различни унифиорми. Тоа значело дека тие морале да се борат едни против други и да гинат за туѓи интереси.
Првата балканска војна формално била започната од страна Кралството Црна Гора на 9 октомври 1912 година, а потоа на 18 октомври се приклучиле и останатите сојузници, што всушност се смета и за почеток на Првата балканска војна. Балканските сојузнички војски за релативно кратко време ја скршиле воената моќ на Отоманската империја која била победена на сите фронтови и била принудена набргу да побара мир.
Воените операции главно се воделе во Тракија и Македонија, со забележително учество на македонски доброволци. Балканските сојузници успеале да го исползуваат ентузијазмот и воодушевувањето на Македонците да се борат за слободата на својата земја.
Главнината на кралската српска војска под команда на принц Александар Караѓорѓевиќ ја нападнала најголемата концентрација на единиците на Отоманската империја во Куманово, во северна Македонија; втората војска минала во Бугарија, а оттаму во Источна Македонија за да ја ослабнат главната турска армија одзади; Косово била целта на третата војска, додека четвртата го зазела Нови Пазар, што преку Санџак ги поврзувал Црна Гора и Србија.
Во Тракија, двете главни бугарски војски удриле со сета сила на Лозенград (сегашен Киркларели во северозападна Турција) и Одрин (Едрине во Турција) што била влезната врата кон Истанбул. Тие биле охрабрени од патриотската хистерија што со месеци постепено растела во сите земји. Во предвечерјето на војната насловите во белградските весници ги повикувале Србите: "Подгответе се за војна! Здружената српско-бугарска офанзива само што не почнала!" Со ентузијазам се пишувало за брзиот напредок на Црногорците на патот за Скутари (денешен Шкодер во Албанија), додека на останатите страници во весниците имало убави слики од "Стара Србија", средновековното кралство кое новата земја била решена да го поврати. Весниците исто така ги повикувале поетите да придонесуваат со патриотски стихови.
Целосниот економски живот во Кралството Србија и Царството Бугариjа бил ставен во функција на војната.
На бојните полиња било уште понепријатно за војската на Отоманската империја. Девет дена по почнувањето на насилствата, србите ја разбиле главната сила на Отоманската империја во Куманово. Оваа победа го отворила патот кон Скопје, што набрзо паднало под српска контрола.
Македонскиот поход се одвивал во свирепи услови. Дождот и снегот го направиле теренот и патеките калливи. Целиот регион бил покриен со мртви тела на војници, цивили и коњи. Додека се приближувала кон Скопје српската војска го уништувала и убивала локално албанско население. Загреани од приказните за злосторствата што Албанците ги вршеле врз христијанското население за време немирите во албанските територии, Србите ја ослободиле сета националистичка омраза против незаштитените села.
Главниот иследник на масакрите во Скопје била "Црната рака", со седиште во близина на Рускиот конзулат, во објект што набрзо потоа го нарекле Црната куќа. "Црната рака", со својата мрежа на агенти, ја избегнала контролата на воените власти и сe повеќе ја земала улогата на неформална влада на ослободена стара Србија. Неколку недели потоа, власта во Белград почнала да назначува цивилни администратори на овие територии, но оние што одбивале да се потчинат на барањата на "Црната рака" и на четниците биле исплашени. Бранислав Нушиќ, писателот кој ја поздрави војната со голем ентузијазам, се повлекол од функцијата гувернер на Битола со страв и згрозеност од активностите на овие единици.
Иако се соочиле со слаб отпор при нивната офанзива северно од Епир и источно од Солун, Грците биле неспособни да ја заземат Јанина, којашто жестоко ја бранел еден турски гарнизон. Додека се пробивале северно кон Македонија во правец на Битола, што според српско-грчките сознанија Грците требало да ја окупираат, тие станале единствената војска во Балканскиот сојуз на која Турците им нанеле сериозна воена штета. Од оваа причина, и на големо незадоволство на српската команда, Србите биле тие што требале да се соочат со турската војска кај нејзиното последно упориште во близината на Битола.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.