Monday, July 4, 2011

Грбовите на Македонија


Мапата на Винченцо Коронели, 1692 г./Map of Vincenzo Coronelli, 1692

Павле Ритер Витезовиќ, во вториот дел од својата стематографија, спомнува дека Македонија има два други грба, едниот со блазон:9 големо куче, а другиот: исправена тојага меѓу два воловски рога. Овие мотиви можат да се видат на картата на Винченцо Коронели од 1692 г. И во двата
извора боите не се наведени.
1595 во Грбовникот на Корениќ-Неориќ

Над грбот оригинално има лента со натпис „цимери македонске земле“ или „грб на македонската земја“, а под грбот лента со натписот „Macedoniæ“ или „Македонија“. Грбот е составен од црвен германски штит со златен исправен лав. Над лавот има мала, а над штитот голема златна круна.

1595 во Грбовникот на Корениќ-Неориќ

Во истиот грбовник на Корениќ-Неориќ има два општи грба за јужнословенските народи, каде македонскиот грб е составен од легнат жолт лав со круна на црвен германски штит. Тука, даваме само слика од лавот, а штитот и круната се исти како и претходниот засебен грб на Македонија во истиот Грбовник.

Крај на 16 век или почеток на 17 век во Грбовникот на Никола Палиниќ
Овој македонски грб е насликан со црно мастило и еден од најгрубо преставените македонски грбови. Оригиналниот приказ е составен од германски штит на кој има исправен лав со мала круна. Над штитот се наоѓа голема војводска круна, а под штитот има лента на која пишува „Macedoniæ Regniy“.

1614 во Алтхановиот грбовник

Македонскиот грб во Алтхановиот Грбовник, VI лист од 1614 година. Се чува во Болоња.
Македонскиот грб е жолт лав, исправен на задните нозе, со круна на главата и со двокрака опашка на црвено поле. Над штитот има украсена со дијаманти круна, а на грбот пишува: “Македонске земле цимери“, а под него “Insigna Regni Macedoniae“.



Земски грб на Македонија од 1620 година.

Македонскиот грб во Грбовникот од 1620 година, кој се наоѓа во Музејот за Применета Уметност во Белград
Овој грбовник во научната јавност е познат како: “Непознати Грбовник породице Охмучевиќа“, а се до 1936 година се наоѓал во Виенската антикварница “Giehofer und Rauchburg“ од каде тогашниот југословенски конзул во Грац го купил и од 1936-1963 година го чувал во своето семејство.

Овој македонски грб е составен од жолто-златен лав со две опашки и со златна мала круна над главата поставени на црвен штит. Над штитот има голема златна круна украсена со дијаманти. Под штитот има лента на која има натпис „Macedoniæ“ или „Македонија“.


1636 - 1638 во Грбовникот на Марко Скороевиќ

Македонскиот грб во Грбовникот на Марко Скороевиќ од 1636-1638 година во Виена
Овој Хералдички зборник се чува во бившата дворска Бибилотека во Виена (сега Österreichishe Nationalbibliothek) под името “Грбовник на Марко Скороевиќ
На листот 6 е даден посебниот Македонски грб, со наслов “Insigna Regni Macedoniae“. Лавот е во златна боја и исправен, на црвено поле со круна на главата и поделена опашка.

Овој македонски грб е составен од жолто-златен лав со две опашки и со златна мала круна над главата поставени на црвен штит. Над штитот има голема златна круна украсена со дијаманти.

1675 во „Фојничкиот грбовник“

Македонскиот Грб во Фојничкиот Грбовник од 1675 година се чува во фрањевачкиот манастир “Цв. Дух“ над гратчето Фојница, кој за време на турското владеење во првата половина на XIV век бил центар на босанските фрањевци и католици. Манастирот има своја богата библиотека, музеј и архив во кој се чуваат многу стари, ретки и скапоцени ракописи.
Грбот е составен од црвен германски штит над кој има голема златна грофовска круна. На штитот има златен исправен лав со една опашка и на главата има мала златна круна. Над грбот има празна лента, а под грбот има лента со натпис „Macedoniæ“ или „Македонија“.

1689 во Оловскиот грбовник


Македонскиот грб во Оловскиот Грбовник во Болоња од 1689 година. Во Универзитетската бибилотека во Болоња се наоѓа Грбовник со сигнитура Codex 103/I наречен од Соловјев “Оловски Грбовник“ и за него се смета дека е направен во Дубровник од Иван (Giovani) Бенигни, од Олово - Босна, ктитор на Оловскиот манастир. Овој Грбовник има 174 грба.
На листот бр.6 е посебниот грб на Македонија, кој не е во боја, но е многу убаво нацртан.Тоа е исправен лав со двокрака опашка со круна на главата, поставен на штит во грманска форма а над него има петокрака круна. Под грбот на драперија пишува “Macedoniae“. Од сите Македоснки грбови кои не се во боја овој е најубаво нацртан.
Македонскиот грб се појавува и во двата општи грбови. На првиот општ грб, Македонскиот грб е стандардно во првото горно поле на десната хералдичка страна.
Вториот општ грб е т.н. “Regis Stephani Vrosy Namagnich insigna“. И тука Македонскиот грб е прв на десната хералдичка страна.

17 век во Берлинскиот грбовник

Македонскиот грб во Берлинскиот Грбовник од крајот на XVII век денес се наоѓа во Deutche Staatsbibliothek.
На штит во германска форма, на црвено поле има жолт исправен лав. Над главата на лавот има круна. Опашката на лавот му е крената и на неа се наоѓа факел што во хералдиката симболизира светла иднина. На штитот има златна петокрака круна. Под грбот во лентата пишува “Macedoniae“ а на лентата над грбот пишува “цимери Мачдонске земле“.


1694 во ракописниот грбовник на Павле Ритер Витезовиќ

Стематографијата на Павле Ритер Витезовиќ од 1694 година во ракопис се чува во Универзитетската библиотека во Болоња во оставнината на грофот Luigi Ferdinando Marsili.
Оваа Стематографија заслужува посебно внимание поради тоа што Витезовиќ од невнимание и несакајки направил огромна грешка, која потоа оставила длабоки последици се до денес. Имено тој во составувањето на Стематографијата ги заменил бугарсксиот и Македонскиот грб. Таква замена можела да се случи поради фактот дека и двата грба имаат ист или сличен амблем, но боите им се различни. Разликата била во тоа што над Македонскиот грб пишува “Macedonia“, а над бугарскиот “Bulgaria“. Оваа несвесна замена ја направил поради тоа што тој не ги цртал ни составувал грбовите на Балканските народи и семејства; туку туку тој ги сечел грбовите од некои постари збирки на грбови. Овие сечени грбови, потоа ги лепел на бела хартија што потоа ја укоричувал во вид на книга. Исечоците не ги сечел заедно со натписите што биле напишани под или над грбовите. Потоа на хартијата на која ги лепел исечените грбови го пишувал натписот и така над грбот на Македонија напишал “Bulgaria“, а над грбот на Бугарија напишал “Macedonia“.
Така на овој посебен грб на Македонија за првпат има црвен лав на жолто поле. Додека пак оној на Бугарија, кој ги има боите и изгледот на автентичниот Македонски грб подоцна по ослободувањето на Бугарија, кога се поставило прашањето за Бугарскиот државен грб, бил земен со овие бои со кои бил претставен во Стематографијата на Жефаровиќ од 1741 год.(правена по урнекот на онаа од Павле Ритер Витезовиќ од 1694год.)


1701 во печатениот грбовник на Павле Ритер Витезовиќ

Македонскиот грб во печатената Стематографија на Павле Ритер Витезовиќ од 1701 година.
Павле Ритер Витезовиќ бил писател, историчар, печатар, бакрорезец, политичар и одушевен приврзаник на “илирската идеја“. Роден е во Сењ. Пишувал на латински и на хрватски јазик. Завршил исусовска Гимназија во Загреб.
Македонскиот грб во неговата печатена Стематографија е на страна 28 и на него Витезовиќ извршил три значителни измени.
1. Овде грбот има штит во шпанска или квадратна форма, која до Витезовиќ воопшто не се појавува, туку Македонските грбови имаат грманска, а поретко и француска форма.
2. Исто така направил и големи измени на боите на грбот. Се до Витезовиќ, Македонскиот лав бил жолт на црвено поле. Во стематографијата на Витезовиќ е обратно: лавот е црвен на жолто-златно поле. Ова е многу значајна измена бидејќи се пренесува понатаму во другите (понови) хералдички публикации кои се водат од оваа (тука посебно се мисли на трудот на Жефаровиќ од 1741 год.
3. Над главата на Македонскиот лав нема круна, додека над главата на бугарскиот тука се појавува, за разлика од “илирските“ грбовници каде е обратно.
Се на се, Витезовиќ направил промени кои во хералдиката не се дозволени. Над штитот на Македонскиот грб има царска круна со пет крака, украсена со дијаманти. Над грбот пишува “Macedonia“ а под има четири стиха на латински јазик, кои во слободен превод гласат:
“Златните мои штитови се украсени со црвен лав
Некогаш биле грбови на царското достоинство,
Тој го заменил големиот лав со турска чалма,
Кој (штит) ја изгубил вредноста по отстранувањето на лавот.“

1741 во „Стематографијата“ на Жефаровиќ

Македонскиот грб во Стематографијата на Христофор Жефаровиќ од 1741 година. Христофор Жефаровиќ бил зограф, иконописец, бакрорезец, печатар, калуѓер, трговец, прв Македонски хералдичар и еден од најраните Македонски преродбеници. Предвоената историографија го смета за Бугар или Србин, а Вељко Петровиќ во 1929 година напишал текст за Жефаровиќ во Нaродната Енциклопедија од Станое Станоевиќ, во кој прв напишал дека Жефаровиќ бил Македонец. За неговото родно место се смета дека е Охрид или околината на Охрид, но сеповеќе преовладува мислењето дека тој потекнува од Дојран.
Во Стематографијата на Жефараровиќ Македонскиот грб го има трипати и тоа еднаш посебно а двапати со другите словенски грбови. Во првото издание Македонскиот грб е даден во склоп на една композиција од 56 грба. Во средината е цар Душан на коњ, а околу него се грбовите на сите Словени од Јадранското море па се до Северниот Леден Океан. Овде Македонскиот грб е даден под бугарскиот како црвен лав на жолто полесо штит во италијанска форма. Над Грбот пишува “Macedoniя“. Во второто издание ја нема оваа композиција и таа е заменета со друга, слична.Во оваа композиција околу цар Душан има 20 грба и плус по четири во аглите, вкупно 24. Тука отпаднале грбовите кои не се однесуваат на јужните словени (на Чешка, Русија, Полска и др.). Македонскиот и одве е ист како и во претходната композиција.
Посебниот Македонски грб во Стематографијата на Жефаровиќ е превземен од оној на Витезовиќ, заедно со грешките кој овој ги направил во неговото претставување а образложени погоре. Над грбот пишува “Македонïа“, а под грбот има четири стиха кои се превод од латински на црковно-словенски а тие во слободен превод гласат:
“Исправен црвен лав на златно поле,
Знамение на црквата на која и се прави чест.
Големиот Турчин ја однел дијадемата од лавот;
Изгубив јас секаква честшто толку ја имав. “


1740 во „Codex Kevesic“

Македонскиот грб во Грбовникот наречен “Codex Kevešic“ од 1740. Овој Грбовник се наоѓа кај професорот Глиго Ведран, во Сплит и се чува како семејна реликвија. Во него има 161 грб, од кои некои се повторуваат и по двапати. На корицата од Грбовникот стои “Stemmi Illirici esteri“, а на првата страна е напишано : “Diverse Armi dei Re Imperatore, Contadi e Duchi d`Ungaria e Bosna“.
Грбот на Македонија е на деветтиот непагиниран лист. Македонскиот грб по својата композиција сепак се разликува од другите посебни Македонски грбови. Амблемот му е жолт лав на црвено поле. Над главата лавот нема круна. Штитот има француска форма и е околу во рамка, што не е случај кај другите Македонски грбови. Над штитот има петокрака војводска круна украсена со дијаманти, а под штитот без лента пишува “Macedoniae“.
Во овој Грбовник Македонскиот грб се сретнува и во составот на општиот грб што се наоѓа на вториот непагиниран лист. Македонскиот грб, како и обично е во првото горно поле од десната хералдичка страна: жолт полуисправен лав на црвена позадина.

1746 во Грбовникот на Иво Сарака
Овој Грбовник во боја бил во приватна сопственост кај дубровничкиот властелин Иво Сарака а денес се наоѓа во Дубровничкиот архив. Во овој Грбовник Македонскиот грб се сретнува само еднаш и тоа посебно како земски грб на Македонија. Тоа е жолт лав на црвено поле во штит со германска форма. Над штитот има војводска петокрака круна. Под штитот пишува “Macedoniae“. Целиот грб е цртан доста едноставно, но јасно.
1837 во Грбовникот на грофот Ладислав Фестетиќ.

Македонскиот грб во овој грбовник е претставен засебно и како дел од општиот грб. Грбот е составен од црвен германски штит на кој има исправен златен лав со златна круна и со една опашка. Над грбот има празна лента, а под грбот има лента со натпис „Macedoniæ“ или „Македонија“.
1842 во Оставнината на Људевит Гај
Овој македонски грб е пронајден во оставнината на Људевит Гај. Грбот е составен од црвен германски штит на кој има приказ на златен лав со мала круна над главата и со една опашка. Над штитот има голема круна. На оригиналот, до грбот пишува „Macedoniæ“ или „Македонија“.
Илирски грбовник на Општеството на лондонските антиквари
Жолт лав на црвен штит
Крај на ХVІ век.

1844 во Рилскиот манастир
Овој македонски грб е пронајден на олтарот во црква во Рилскиот манастир. Овој грб не е типичен за македонската херладика бидејќи е составен од жолт шпански штит на кој има црвен лав без круна. Над штитот има златна царска круна и на оригиналот има натпис „Македониіа“.

1851 од херладичката таблица на Милан С. Симиќ
Грбот е исто така од серијата грбови базирани на Витезовиќ. Грбот е составен од исправен црвен лав на жолт француски штит без круна на главата и штитот. Грбот се сретнува и како засебен и како дел од општиот грб.

Грбот на Стефан Немања/Arms of Stefan Nemanja/Коренич-Неорич/Korenic- Neoric
На грбот на Стефан Немања, кој е сложен грб,во кој се наоѓаат сите грбови на илирските земји, го прикажува грбот на Македонија во првото поле. Тука, поради размерите на полето, лавот е прикажан наведнат, а двете задни нозе му се на иста површина, што хералдички, позата на лавот а не рампант, како што е на самостојниот грб.

Македонскиот грб во Белградскиот Грбовник од 1640 година
Македонскиот грб во Белградскиот Грбовник од 1640 година. Овој Грбовник се чивал во Народната библиотека во Белград а таму бил донесен откако бил купен од книжарницата Херолд во Виена во периодот помеѓу 1860-1878 година. Грбовникот не е во боја, туку боите биле означени со т.н. хералдичко шрафирање. Во овој грбовник Македонскиот грб бил три пати нацртан, еднаш посебно и двапати во составот на двата општи грба. Посебниот Македонски грб е многу едноставен: во германскиот штит или бел лав на црвено поле. Ова е едниствен случај каде лавот е во бела боја. Грбот нема круна ниту над главата, ниту над штитот.
Интересен е општиот грб, наречен “грб на цар Урош“ кој е комбинација од повеќе посебни грбови, земски и семејни. Сите штитови се во германска форма.


Македонскиот грб во книгата “Heraldicae Regni Hungariae Specimen“ печатена во Виена 1766 година
Книгата е хералдички прирачник во која како додаток се наоѓа една табла со 20 посебни грбови и еден општ. Македонскиот грб во неа е даден во склоп на општиот грб како исправен лав на првото десно хералдичко поле.
Книгата претставува голема реткост бидејќи е печатена во 100 примерока. Сликите од неа се превземени од примерокот кој се чува во бибилотеката на Budapesti törtèneti mùzeum како раритет.
Таблата со 20 грбови и општиот грб на кој се наоѓа Македонскиот грб.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.