Српски злосторства |
Над 1.000 жители од Тиквешијата платија со живот за време на Тиквешкото востание, дигнато во предвечерјето на Втората балканска војна. „Тиквеш остана гол и пуст, место славеи и косови, по војната се слушаа само утање и гракање на чавките“, ќе забележат хроничарите што ќе го посетат оваа место по големите колежи.
Востанието било предизвикано од репресивните мерки што ги спроведувала новата окупаторска власт во Македонија по победата над Турците. Меѓу другото, таа започнала насилна асимилација врз населението. Спроведувајќи ги наредбите од Белград, српскиот командант на Кавадарци, потполковникот Урошевиќ, ги свикал градските првенци и им се заканил со зборовите: „Вие сте стари Срби, Бугарите ве асимилираа. Сега, кога ние сме веќе тука, ќе си бидете повторно Срби...Ако не ја исполните наредбата, веднаш ќе ве испотепаме сите“. Српската власт своите намери почнала и да ги остварува со воведувањето на српскиот јазик во црквите и со отстранување на архијерејскиот намесник на градот. Учителите и поповите кои не ја прифаќале србизацијата, власта ги отпуштала од работа и ги апсела. Така, револтот од ден во ден растел се' повеќе, не само кај првенците на градот, туку и кај обичните жители.
Бројот на востаниците изнесувал околу 1.000, од кои 200 луѓе биле обични граѓани кои зеле пушка в рака, а другите комити од четите на ВМОРО. Првите денови востаниците постигнале голем успех. Кавадарци било ослободено седум дена, од 19 до 26 јуни, кога на општинската зграда се веело новоизработеното тиквешкото револуционерно знаме. На 20 јуни било одржано и свечено собрание на кое била избрана и градска управа од 12 видни кавадарчани.Во книгата Кирил Прличев за српскиот терор во Македонија, објавена во 1917 година и заснована на податоци на Извештајот на Карнегиевата комисија за балканските војни, наведува дека во Кавадаречка општина вкупно биле убиени 195 души, а силувани 15 жени. Само во Кавадарци биле убиени 25, а во селата Ваташа 37, Бохула 45, Сирково 26 души итн. Во Неготинска општина биле убиени 331, а 488 куќи биле изгорени. Само во Неготино биле убиени 117 души, а во селата Прждево 37, Бистренци 39, Бесвица 28, Куријата 20 итн.
Поголема е бројката што ја соопштуваат некои сведоци и учесници во Тиквешкото востание. Блажо Видов тврди дека вкупно во Тиквешијата биле убиени повеќе од 1.200 души, од кои во Кавадарци 363, во Неготино 263 и во Ваташа 89. Во Кавадарци биле изгорени над 60 куќи, а во Неготино една третина од вкупниот број куќи во градот. Најмногу настрадале селата Мрзен Ораовец, Фариш, Глишиќ, Ваташа, Марена, Куријата, Паликура, Рибарци, Манастирец и Шивец каде што имало и најмногу изгорени куќи. Според Васил Сеизов, вкупно во Тиквешијата биле изгорени повеќе од илјада куќи, околу 500 души, мажи, жени, деца и старци биле убиени, заклани и живи изгорени, околу 750 куќи во Неготино биле опожарени, а вкупно во Неготинска општина биле убиени околу 500 души, од кои само во градот Неготино 280 души.
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.