Monday, July 25, 2011

Питу Гули

Питу Гули
Питу Гули бил македонски револуционер со влашко потекло, учесник во македонското револуционерно движење, член и војвода на Македонската револуционерна организација.
Современици сведочат дека имал завршено само две одделенија основно училиште, во младоста бил овчар, крчмар, гостилничар, заточеник и комита. По раната смрт на таткото, мајка му го главила да работи кај богатиот трговец и сточар Манду во Кочани. По некое време, како и многумина други крушевчани, во потрага по подобра егзистенција, се нашол меѓу македонските печалбари во Софија. 


Годината на раѓањето се изведува од сведоштвата за неговото влегување во четата на Адам Калмиков. Неколкумина современици тврдат дека во 1885 година, тој бил на дваесетгодишна возраст и може да се прифати дека Питу Гули е роден во 1865 година. Тој бил врсник на Пере Тошев и Ѓорче Петров, а на Мечкин Камен загинал на 38-годишна возраст.

четата на Питу Гули
Калмиковата чета се формирала во Ќустендил, а се состоела од 120 четници, чија главнина дошла од Софија. Со неа дошол и Питу Гули. Префрлувањето преку границата станало во две групи, ноќта на 18 спроти 19 мај 1885. По влегувањето во Македонија, четата се движела во јужна насока - преку Осогово, Пијанец, Голак, Плачковица, Радовишко и Плауш кон Демир Капија. Во Радовишко четата била откриена. Против неа излегле потерни единици, составени од турска војска и башибозуци. Останувајќи без водичи и врски, четата изгубила ориентација, а преминот на Вардар кај селото Градец бил чуван од бројна аскерска единица.


Заробените востаници во Солун биле држани неколку месеци во затворот Беаз Куле (Белата Кула), којашто и денес стои до самиот морски брег. Востаниците добиле по десет години затвор, освен Ташко од Лазарополе, кој затоа што изјавил дека тие дошле да се бијат за ослободувањето на Македонија добил 15 години. Судот го одредил затворот на градот Аргале Маден за место на издржувањето, оддалечен два дена пешачење на исток од Дијарбекир. Поаѓајќи со брод од Солун, изврзани еден со друг со синџири од по седум алки. Целото патување од Солун до Аргале Маден траело три и пол месеци, од 19 декември 1885 до 28 март 1886 година.

Питу Гули со комитите

Питу Гули се вратил во родниот крај во годината на основањето на Македонската револуционерна организацијакојашто само по две години ќе почне да ја разгранува својата мрежа и во Крушевско. Се спријателил со семејството Зердевци кои држеле гостилница во Кичево. Питу Гули, пак во тие години и во Крушево отворил кафеанче во месноста Ќошкот, кај Влашка Корија. Зачленет во Организацијата меанчето го претворил во јатак за организационата чета на Дуко Тасев, другарот од заточеништво. Преку него крушевската организација ги одржувала врските со четите на Организацијата. Во тие години, во 1895 или 1896 година, тој се оженил со крушевчанката Евгенија, ќерка на сточар од Крушево. Така Питу задомил дом и формирал семејство. Во бракот со Евгенија имале четири деца - три сина и една ќерка. Питу Гули повторно оди како печалбар и емигрант во Софија кон 1900 година. И во Софија, на периферијата од градот, Питу држел скромна гостилница која станала сврталиште на македонските емигранти и комити, во прв ред, од Крушевско, Кичевско, Прилепско, Демирхисарско. Питу Гули во Софија останал до март 1903 година, кога по вторпат, сега веќе како војвода на чета, тргнал за Крушевско.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.