Monday, July 25, 2011

Јордан Пиперката

Јордан Пиперката

Јордан Пиперката е роден на (23 јуни 1870, во Козица, кичевско – 10 август 1903) е еден од најопеаните и најпопуларните македонски војводи, илинденци. Потекнува од сиромашно земјоделско-сточарско семејство. Семејното име му е Пиперковски. Меѓутоа, тој е познат по кратенката од неговото презиме - Пиперката. Кај народот преовладува мислењето дека оваа кратенка ја добива поради физичкиот изглед (бил црвен, но и лут). Многумина го поврзуваат со лутината и црвенилото на пиперките. Јордан уште од раните детски денови ја почувствувал сета горчина на тешкиот селски живот. Детството го минал во времето на немири и превирања во Македонија. Буен и пргав по природа, тој многу се разликувал од своите браќа. Односот на турските власти тешко го поднесувал, а омразата кон нив растела. Познавајќи ја бујноста на својот син Јордан, татко му Силјан, иако притиснат од сиромаштијата и неможноста да го школува, го однел во Битола да учи фурнаџиски занает. Во Битола, Јордан не останал долго. Опфатен од мислите за тешкиот живот на своето семејство, се вратил во своето родно село. Млад и неискусен, но подготвен да му се спротивстави на непријателот, кај Јордана се јавила желба за самостојност и ајдукување. Причини за ова имало повеќе, но непосреден повод била една неочекувана пресметка со група врсници од муслиманското село Другово. До неа дошло во еден пазарен ден кога Јордан сам се враќал од Кичево. Иако сам, тој се спротивставил, но од групата бил претепан. Длабоко навреден од постапката, по враќањето в село, решил да излезе ајдук и да им се одмазди на напаѓачите. Од неговите најблиски бил советуван да не прави така, но Јордан се одлучил да замине на печалба во Софија уште со првата група соселани - печалбари. Таму го продолжил фурнаџискиот занает.
Во Софија, Јордан започнал нов живот. Го научил фурнаџискиот занает и финансиски зајакнал. Од заштедата ги помагал и своите во Козица, но никако не можел да ги заборави тортурите над селаните.За Јордан било можност да стане ајдук. Влегол во Пиринската чета на Дончо Златков. Запознавајќи го подробно ајдучкиот живот и целта на изведените акции, иако неук, доволно ја презрел заблудата од бугарската владина и дворска ослободителна дејност. Затоа одлучил да се врати во Македонија. Неколку години престојувал во Македонија, а во 1895 година Јордан повторно се вратил во Бугарија, каде што со Стојко Војвода и Кочо Љутата зел учество во таканареченото Мелничко востание. По повеќегодишното ајдукување низ Бугарија во 1897 година, Јордан Пиперката со својот соборец Марко Лерински пристигнал во Кичевско. Дознавајќи за нивното пристигнување, Организацијата во Кичевско набргу воспоставила контакт со нив. Така во 1897 година била формирана и првата организациона чета на војводата Дуко Тасев во Кичевско. Убиството на Муарем-бег, во кое учествувал и Јордан Пиперката, го принудило тој да ја напушти Македонија и повторно да замине во Бугарија.


Цитат на војводата:
"Нека не се надева ни Србија, ни Бугарија, ни Грција дека една педа земја македонска ќе добие, зашто за нејзиното ослободување ние крвта ќе ја пролеваме, па не ја даваме на друг, туку наша ќе биде."



Војводата Јордан Пиперката (седнат долу)


Бил одличен стратег, надарен од природата и вооружен со умствени дарби, иако неук, Јордан станал страв и трепет за турските власти. Во 1901 година бил комита во четата на Никола Русински, а истата година бил наименуван за војвода на Демирхисарскиот реон. Дејствувал и во Крушевско и Кичевско. Турците во својата немоќ да го фатат, околу него создавале легенда дека го чуваат духови. Сите акции што ги презел Пиперката во текот на 1902 година многу брзо се пренесувале и се разгласувале меѓу народот. Од ден на ден растела неговата популарност. Секаде каде што имало потреба Пиперката итал на помош. Народот во него не гледал веќе ајдук, туку револуционер - борец кој секогаш бил со нив, меѓу нив да им помага, да ги одбрани од напаѓачите. Со својата брза чета преку ноќта се движел од едно во друго место, минувајќи пат и по 60 километри, само да стаса каде што имало потреба.
Неколку успешни битки го карактеризираат почетокот на Востанието во Демирхисарскиот крај и во Кичевско. Но, неповолните вести за положбата на Крушево продолжиле да пристигнуваат. Републиката вивнала во пламен. Војводата Јордан и другите тргнале кон село Белица. Преку месноста Скакало и каменестите врвови на село Големо Царско, реонската чета дошла до месноста Грнчарец, над патот Кичево - Битола. Оттука имале добар поглед на голем дел од реонот, а особено на патот за Крушево преку Цер, С’лб, Големо и Мало Церско. Со востаниците било избегано целото население од Цер. Во селото останале само болни и немоќни старци кои биле ѕверски измачувани од турците, а селото било запалено.

Јордан Пиперката застанал не чело на една група и се упатил кон Цер но бил забележан и биле нападнати. Меѓу селата С'лп, Големо и Мало Церско започнала борба, а асекрот заппочнал да стрела и со топови. Четите од Грнчарец се упатиле на помож судирот се засилил, а опколените успеале да се повлечат освен тројцата загинати меѓу кој бил и војводата Јордан Пиперката.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.