Saturday, July 23, 2011

Димитар Поп-Георгиев Беровски

Димитар Поп-Георгиев Беровски


Димитар Поп-Георгиев Беровски (1840-1907) е македонски револуционер.
Беровски организатор и раководител на Разловечкото востание и учесник во Кресненското востание. Бил близок соработник на Гоце Делчев.

Вo втората половина на XIX век Османлиската империја западнала во тешка општествено-економска криза. Таквата состојба непосредно влијаела за влошување на положбата на сите народи на Балканот што останале во нејзин состав. Даноците биле зголемени и биле воведени нови, се засилиле злоупотребите на државните органи, се појавиле разбојнички банди кои вршеле грабежи и убиства. За кревање на ова востание големо влијание имале и надворешните фактори. Во 70-тите години на XIX век револуционерното движење на поробените народи за национално ослободување најнапред се разгорело во Босна и Херцеговина во јуни 1875 г., па во Бугарија во април 1876 г. Потоа започнала и војната меѓу Србија, Црна Гора и Русија против Турција во јуни 1876 г., која најмногу допринела за влошувањето на положбата на македонскиот народ, бидејќи тој одтогаш бил изложен на голема експлоатација; морал да работи Ангарија за правење патишта и други објекти и да ја финансира војната преку плаќањето на нови и тешки даноци. Селаните најмногу страдале од своеволијата на собирачите на даноците и полските чувари (пољаците), како и од разбојничките банди. Сето тоа го натерало македонскиот народ во Источна Македонија да се крене на вооружено востание против турската феудална власт, а за национално ослободување.



Главен иницијатор и организатор на востанието бил Димитар Поп Георгиев Беровски (1840-1907 г.) и неговиот дедо Поп Стојан од Разловци. Димитар Беровски се школувал во Русија и во Белград, Србија, а потоа се вратил во Разловци каде станал учител. Како учител, заедно со своите браќа зел учество во борбата што ја водела младата македонска буржоазија против грчкото духовништво, а за своја црква и училишта. Но за тоа бил осуден и лежел во затвор. Но набрзо увидел дека црковно-училишната борба нема да го реши основното барање на селаните и граѓаните за нивното ослободување од турското ропство. Затоа направил план за кревање востание во Македонија. 


За таа цел, во 1875 г. заминал во Солун, каде формирал таен кружок, од каде ги започнал подготовките за востанието. Најголем проблем за успешно изведување на востанието претставувал недостатокот на парични средства со кои требало да се набави оружје, муниција, топла зимска облека и санитетски материјал. За да дојде до пари, Димитар Беровски одлучил да го продаде својот имот во Берово, а за таа цел дел од својот имот продал и Поп Стојан, кој ветил и дека ќе го исплати сиот Десеток за селаните од Разловци, за да можат да купат оружје. Со овие сретства било купено оружје и муниција и било пренесено во тајни складови во Разловци, Пијанечко и Радовишко. Покрај тоа, Димитар Беровски им порачал на двете учителки од Солун, баба Недела и Станислава Караиванова да изработат знаме за идното востание. Знамето било изработено на жолта подлога со разјарен црвен лав, и на него пишувало: „Македонија“ и „Станете да ве освобода“.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.