Friday, July 29, 2011

Македонија поделена на окупациски зони од соседните држави

Македонија поделена на окупациски зони од соседните држави

Српската окупациска власт:

Српската влада започнала да ги остварува политичките цели веднаш по победите во првите битки. По Кумановската битка, на освоената територија бил воспоставен режим на специјална управа. На 12 октомври 1912 година, штабот на првата. армија се обратил до Врховната команда со молба што е можно побрзо во Куманово да се испрати еден полициски комесар со потребен број службеници за одржување на редот во градот и во околијата.
Покрај тоа, се барало, на овој комесар да му се испрати на служба еден жандармериски одред од 25 души и 10 коњаници со командир на одредот. Во истата молба се барало и, во случај српските сили да го заземат Скопје, исто така, да се испрати еден полициски комесар со потребен број службеници и поголема полициска жандармерија, кои на барање на овој штаб ќе се упатат веднаш во Скопје. Следниот ден, странските конзули предводени од рускиот конзул Хартвиг го спречиле повлекувањето на турските сили во Скопје, по што тие се повлекле кон Битола, а градот Скопје и бил предаден на српската војска. Веднаш по преземањето на градот, била воспоставена српска воена привремена администрација.



Административно уредување:

Српската државно-административна власт во Македонија била под Управата на цивилниот комесар на кралската влада при Врховната команда на српската војска, односно инспекторот на нејзиното Полициско одделение Милорад Вуичиќ, кој му бил директно потчинет на началникот на Штабот на Врховната команда, војводата Радомир Путник и индиректно на Владата, односно на ресорните министри. Првите акти на таа управа биле наредби, а власта била воспоставена со Привремената уредба за уредување на власта во новоосвоените земји. Оваа уредба била донесена на 14 декември 1912 година, а во сила останала до воведувањето на новата Уредба за воспоставување на власта на ослободените територии од 18 август 1913 година, што била формално укината со Кралскиот указ од 20 ноември 1913 година, со што било извршено присоединување на Вардарска Македонија кон Кралството Србија. Со тоа се сметало дека Македонија ја добила својата национална управа.
Наведениве акти имале воено-полициски карактер, каков што всушност бил и српскиот режим во Македонија. За одржување на редот биле формирани жандармериски и полициски единици. Според инструкциите, секој окружен началник требало да има еден жандармериски одред од 20 души, а околиските началници одреди од по 30 души. Во почетокот, жандармеријата имала околу 1.000 души, од кои 600 биле од старите краеви на Србија, а 400 од лојалните граѓани од новоосвоените земји.
Полициските сили биле задолжени да одржуваат постојана врска со воените команданти по местата. При недостиг на полициски и на жандармериски сили, окружните и околиските началници имале право да се обратат за помош до воените команданти. Во исто време била извршена и паричната реформа, со што наместо турските биле воведени српски пари. Една турска лира се проценувала на 22,60 златни динари, една четвртина сребрена меџидија на 1 динар, 1 грош на 20 пари и 1 металик на 5 пари. По донесувањето на уредбите и соодветните наредби, била организирана власта. Кандидатите за најодговорните места биле доведувани од Србија, а потоа биле избирани поранешните учители, свештеници и други агенти на српската пропаганда и оние од српските чети кои во Македонија дејствувале до Балканските војни.
Првата привремена административно-територија​ лна структура на новоосвоените територии била изработена на 15 октомври 1912 година. Проектот го подготвиле претседателот на владата Никола Пашиќ, полицискиот комесар Милорад Вуичиќ и други министри. Со овој документ бил согласен и генералот Радомир Путник, односно Врховната команда. Документот не ги опфаќал само освоените, туку и оние територии што биле во план да се освојат. Се предвидувало создавање осум окрузи со 28 околии.
Од овие, три округа со 11 околии се во Косово, еден округ со четири околии во Албанија и четири округа со 13 околии во Македонија. Овој проект во Македонија ги опфаќал: Кумановскиот округ со Кумановската, Прешевската, Кратовската и Кривопаланечката околија; Скопскиот округ со Скопската, Качаничката и со Велешката околија; Тетовскиот округ со Бродската, Гостиварската, Горнополошката (со центар во Кичево), и Долнополошката (Тетово) околија; Дебарскиот округ со Дебарската и со Радомирската околија. Од наведениве две околии (Качаничката и Радомирската) не припаѓаат во етничките граници на Македонија, туку на Косово и на Албанија.
Оваа територијална поделба била соодветна со достигнатата етапа на воените освојувања. Таа граница речиси се поклопува со границата во тајниот анекс на Српско-бугарската спогодба од 13 март 1912 година. Меѓутоа, со воените освојувања растеле и апетитите на српската Врховна команда, па се проширувале и интересите во Македонија. По победата во Битолската битка и со навлегувањето на српската војска во Западна Македонија и во Средното Повардарје, биле создадени два нови округа Битолскиот и Неготинскиот, што подоцна бил преименуван во Кавадарски.
Во почетокот на 1913 година, административно-територија​ лната структура на српскиот окупациски систем била организирана во шест округа: Кумановски, Скопски, Дебарски, Тетовски, Битолски и Неготински (Кавадарски) и во 23 околии. Во составот на Битолскиот округ влегувала и Леринската околија, што била ослободена од страна на македонските чети, а потоа преземена од српската војска.
Меѓутоа, на 3 јуни 1913 година со спогодбата за одредување на демаркационата линија меѓу српската и грчката војска, што всушност ја претставува идната српско-грчка граница (и денешната јужна граница на Република Македонија), на Грција и биле предадени 132 села, од кои во Гевгелиската околија осум села, во Леринската 20, во Битолската седум, во Преспанската 38 и во Охридската околија 59 села. Од Леринската околија останале четири села: Бач, Добровени, Долни и Горни Кремен, кои биле приклучени кон Битолската околија, поради што била укината Леринската околија.
 
Бугарската воено-административна власт во Македонија:

Бугарските воени сили до примирјето на 4 декември 1912 година, ја зазеле и се утврдиле на територијата на Македонија источно од линијата: Царев Врв - Гевгелија-Нигрита-Орфански​ Залив-Егејско Море. Во оваа област била воспоставена воено-политичка власт на чело со губернатор. Оваа територија окупирана од бугарската војска официјално била наречена Македонска област, што административно била уредена според системот на управата на бугарската држава. Меѓутоа, фактички во оваа област била воспоставена воено-полициска власт и била наречена Македонско воено губернаторство на чело со губернаторот генералот Михаил В'лков и главниот секретар Михаил Зелков.
Воспоставувањето на бугарската воено-административна власт во Македонија започнало веднаш по освојувањето на населените места и реони. На 10 октомври 1912 година, началникот на 7. Рилска дивизија, генерал-мајорот Георги Тодоров, издал специјална наредба со која се утврдувале значењето и улогата на новосоздадените административни органи во новоосвоените области. За таа должност уште истиот месец се испраќале луѓе од старите краеви на Бугарија.



Административно уредување:

Со наредба од 2 декември, а која стапила на сила на 7 декември 1912 година било формирано Македонско воено губернаторство. Тоа веднаш било организирано во четири окрузи: Серскиот, Драмскиот, Штипскиот и Солунскиот, кој од 12 декември 1912 година бил преименуван во Кукушки. Окрузите биле поделени на околии, чии граници се поклопувале со турските кази. Драмскиот округ ги вклучувал Драмската, Кавалската, Правишката, Саршабанската и Рупчоската околија. Серскиот округ ги вклучувал Серската, Зилјаховската, Нигритската, Демирхисарската, Петричката, Мелничката, Горноџумајската, (Благоевградската), Разлошката и Неврокопската (Гоцеделчевската) околија. Солунскиот (Кукушкиот) округ се состоел од Солунската, Лагадинската, Кукушката, Дојранската и Гевгелиската околија, и Штипскиот округ ги вклучувал Штипската, Кочанската, Пехчевската, Радовишката и Струмичката околија.
За окружни управници биле доведувани луѓе од Бугарија или биле поставувани лица кои од порано ја спроведувале бугарската пропаганда. Во почетокот на 1913 година генералот В'лков формирал комисија во состав: д-р Богдан Филов и проф. Атанас Иширков, што ќе ги посети македонските градови и села за да се запознае со културните и со историските знаменитости. Потоа, голем дел од овие мошне значајни експонати од македонската историја се пренесени во Бугарија.
Со оглед на бројните спорни прашања, во февруари 1913 година била формирана мешана бугарско-грчка, а нешто подоцна и бугарско-српска комисија за да се решат особено територијалните прашања. Тие комисии не успеале да се договорат поради стремежите на сите три војски да заземат поголеми делови од Македонија. Во Солун на 24 февруари во 1913 година бил одржан таен состанок меѓу Грција и Србија, на кој била постигната спогодба за поделба на Македонија и за заедничко настапување против Бугарија.
Тоа претставувало крај на нивното лојално однесување кон Бугарија. По тој состанок започнале непријателствата кон Бугарија. Од своја страна, бугарската Врховна команда го започнала предислоцирањето на бугарската војска од Тракија во Македонија. Прво било префрлено Македонско-одринското ополчение од тракиското на македонското боиште со цел да се бори против српската и против грчката војска, против поделбата на Македонија и за нејзино целосно присоединување кон Бугарија, надевајќи се дека од неа ќе ја добие ветената автономија на Македонија.
 
Грчката окупациска власт:

Грчката воено-административна власт во Македонија била воспоставувана на истите принципи како бугарската и српската. Правото на силата бил единствениот фактор што одлучувал чија власт ќе се воспостави во кој дел од Македонија. Потчинувајќи ја својата воена стратегија целосно на политичките цели, грчката Врховна команда им наредила на своите вооружени сили што побрзо да влезат во Солун и таму да воспостават своја власт, со оглед на тоа дека Јужна Македонија веќе била окупирана од грчката војска уште во почетокот на војната, односно до првите денови на ноември 1912 година. Грчката воено-административна власт му била потчинета на Главниот штаб на грчката војска, кој се стационирал во Солун. На чело на штабот бил престолонаследникот Константин, кој ја вршел и функцијата врховен управник на окупираната област.
Локалната власт ја претставувале командантите на гарнизонските и на помалите единици стационирани во градовите и во селата. Во Солун постоела фиктивна окружна управа на чело со П. Артиропулос. Таквото уредување на грчката окупаторска власт се задржало до крајот на октомври, а на 31 октомври 1912 година, грчкиот крал Ѓорѓи на предлог на претседателот на владата Елефтериос Венизелос го поставил министерот за правда Константин Рактиван за врховен раководител и управник-гувернер во Македонија, која била заземена од грчката војска.
Истовремено, со специјалниот брод Аркадија, од Пиреја кон Солун била упатена новоформираната грчка управа засилена со десетина конзулски службеници и со 168 критски жандарми на чело со потполковникот А. Момфератон. Солунското пристаниште било ставено под француско знаме и затворено за грчките бродови. Со турските и со другите бродови во солунското пристаниште командувал францускиот конзул. Поради тоа, Рактиван со бродот Аркадија, како и со други бројни бродови, меѓу кои и бродот на кралицата, бил присилен да се укотви во малото пристаниште Елефтерхорион.
Рактиван се обидел на разни начини и по обиколни патишта да влезе во Солун, но откако бил оневозможен, претседателот на владата Венизелос го известил во Солун да влезе со моторен брод под француско знаме. Под француска заштита, на 30 октомври 1912 година Рактиван пристигнал во Солун. Веднаш, со помош на англискиот конзул било овозможено влегувањето на грчките бродови во Солун, односно воспоставување на административниот апарат и ангажирање на критската жандармерија, што била позната по своето антимакедонско расположение и по свирепоста во извршувањето на задачите.



Административно уредување:

Со Указот од 31 октомври 1912 година, кралот Ѓорѓи го ослободил престолонаследникот Константин од врховното управување, а за гувернер во Македонија го поставил Рактиван, кој веднаш ја објавил својата Прокламација до населението на територијата заземена од грчката војска, со што ја објавил својата врховна власт во Македонија. Територијалната поделба била извршена на три окрузи: Солунски, Берски и Серски, со вкупно 18 околии. Главните раководители на окрузите и на околиите биле доведени од Грција, а пониските службеници биле поставени од месното патријаршиско население, односно биле задржани поранешните службеници на казите. Нешто подоцна и тие биле заменети со Грци. Основна сила и гарант на грчкиот окупациски систем во Македонија била војската, полицијата и особено критската жандармерија.
 
Спорни територијални прашања меѓу сојузниците:

Дел од македонското население кон крајот на 1912 и во првата половина на 1913 година немало конкретни сознанија на која држава и припаѓа и каде се границите. Во Лерин и во околните села, откако биле протерани македонските чети, дошло до вооружени судири меѓу претходниците на грчката и на српската војска. Меѓутоа, нешто подоцна во Лерин навлегле една српска и четири грчки дивизии. Тие биле главен аргумент српската војска спогодбено да се повлече, а грчката војска да ја воспостави својата власт.
Во Прилеп власта ја воспоставила српската војска. Неколку селани од Витолишта и од Палчишта дошле кај командантот на градот, мајорот Михајло Ненадовиќ, да бараат објаснување на која држава им припаѓаат селата во Мариово преку Црна Река. Командантот Михајло Ненадовиќ и началникот Ж. Брајовиќ не знаеле на која држава и припаѓаат овие села, па ги препратиле селаните во Воден. Грчките власти, кои, исто така, не знаеле чии се овие села, на селаните им рекле дека се грчки и веднаш испратиле еден баталјон војници кои зазеле неколку села во Мариово и се доближиле на 10 километри до Прилеп. Српските власти веднаш ги активирале четниците на Василие Трбиќ кои ги пресретнале грчките војници и во жестока борба ги протерале преку Црна Река кон Меглен.


Состојбата во Гевгелија била мошне неизвесна. Сите три сојузнички војски српската, бугарската и грчката претендирале да воспостават своја власт. Секоја војска истакнувала дека прва влегла во градот. Поради тоа бил воспоставен специфичен тристран кондоминиум, односно тројна власт српска, бугарска и грчка. На 2 април 1913 година Гевгелиската и Дојранската околија влегле во состав на Србија.

No comments:

Post a Comment

Note: Only a member of this blog may post a comment.