Букурешки договор, 1913
Букурешкиот договор од 10 август 1913 година бил договор потпишан помеѓу завојуваните страни во Втората балканска војна: Србија, Црна Гора, Романија и Грција од една страна и Бугарија од друга страна.
Во оваа војна Бугарија била принудена на отстапки, бидејќи била притисната од другите завојувани страни. Имено Кралството Романија со својата војска вршело постојан притисок од север. Здружените војски на Србија и Грција напаѓале од запад. А Отоманската војска вршела напади од исток.
Со овој договор исто така била извршена повторна поделба на териториите што дотогаш биле под турска власт (Македонија, Косово и Метохија, Васоевиќи, Санџак, Тракија и северен Епир). Македонија била поделена на тој начин што нејзиниот најголем дел, односно Егејскиот, со површина од 34.356 km2 го добила Грција, Вардарскиот дел со површина од 25.342 km2 го добила Србија, Пиринскиот дел со 6.798 km2 и бил даден на Бугарија а Албанија добила 1.115 km2 во западниот дел. Романија ја добила јужна Добруџа од Бугарија и се зголемила за 8000 km2 со 303.000 жители. Од страна на Бугариjа договорот бил потпишан од Симеон Радев од Ресен, водечки бугарски дипломат.
Македонско гледиште за решавање на Македонското прашање:
На 1 март 1913 година, седум месеци пред потпишувањето на договорот, претставниците на Македонската колонија во Петроград, Георги Константиновиќ, Димитрија Чуповски, Наце Димов и Александар Везенков потпишале меморандум за независност на Македонија и му го предале на министерот за надворешни работи на Велика Британија, Едвард Греј, и на амбасадорите на големите сили во Лондон. Со меморандумот Димитрија Чуповски изработил и карта на Македонија во колор со сите специфичности што аргументирано ги докажувале посебноста и причините за самостојност на Македонија. Меѓутоа, поради сопствените интереси и во отсуство на било какво чувство за реалност и за Македонскиот народ, големите сили судбината на Македонија ја оставиле да ја решат завојуваните Балкански држави.
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.