Петар Чаулев |
Тиквешкото востание е прв организиран масовен народен вооружен отпор против српската власт којашто ја окупирала Вардарска Македонија по повлекувањето на турските сили по Првата балканска војна. Востанието започнало на 19 јуни, 1913 година, во Тиквешијата и траело седум дена. Тиквешкото востание е самостојно дело на тиквешкото население, спонтано организирано и раководено од месните дејци, револуционери и војводи на Организацијата, а потпомогнато од четите на ВМОРО.
Причини за востанието:
Востанието е предизвикано од насилствата вршени од српските окупаторски власти врз населението при напорите за асимилација и посрбување. Српските власти упатуваат јавна закана до населението дека секој оној којшто ќе се спротивстави на новата власт ќе биде погубен.
Процесот на асимилација започнува со протерување и апсење на сите дотогашни учители и свештеници, а како замена се доведени учители и попови од Србија. Во црквите и училиштата е воведен српскиот јазик. Теророт на власта се засилува, а со тоа и револтот на населението од ден во ден расте сè повеќе, не само кај првенците, туку и кај обичните жители. На востанието му претходат неколку настани коишто особено го зголемуваат револтот. Имено, едно момче, по има Александар Видов, е убиено само поради тоа што изјавува дека не се чувствува како Србин. Една млада невеста од Ваташа, веднаш по нејзината свадба е силувана од страна на српскиот поручник Милан Крековиќ. Била убиена и цела турска фамилија од педесетина члена, меѓу кои и деца.
Тек на востанието:
Со поддршка на ВМОРО е свикано собрание со делегати од речиси сите места во Тиквешијата. На собранието едногласно е решено да се крене востание и е создаден востанички штаб, составен од видни војводи од тој крај коишто учествувале и во Илинденското востание, меѓу коишто биле: Дончо Лазаров, Михаил Шкартов, Коце Сеизов, Диме Пинџуров, Тодор Камчев и други. Бројот на востаниците изнесува околу 1.000, од коишто 200 луѓе се обични граѓани коишто земаат пушка в рака, а останатите се комити од четите на ВМОРО.
Востанието започнало на 19 јуни, 1913 година, и покрај Неготино и Кавадарци, ослободени се и педесетина села во областа Тиквеш. Четите на Дончо Лазаров и Михаил Шкартов ги напаѓаат и ги протеруваат српските војски од Неготино. Српските власти испраќаат свои чети од околните села кон Неготино, но сите тие се разбиени. Востаниците продолжуваат понатаму и успеваат да ги протераат српските чиновници и писари од општинската зграда во Кавадарци и симнувајќи го српското знаме, го поставуваат тиквешкото револуционерно знаме. На 20 јуни е одржано и свечено собрание на коешто е избрана и градска управа составена од 12 видни кавадарчани, а слободата траела само 7 дена.
Задушување на востанието:
После седум дена Србите испраќаат голема војска предводена од Василие Трбиќ, како и од Јован Бабунски и Јован Долгачот. На помош на српската војска иде и башибозук на Јаја Ага со 250 вооружени души. Тиквешките востаници, заедно со четите на војводите Христо Чернопеев и на Петар Чаулев се оставени сами да се соочат со српската војска, но не успеваат во своите напори. Во востанието загинале околу 1000 тиквешани од коишто на 500-тина имињата со сигурност им се знаат меѓу кои голем број мажи, жени, деца и старци биле убиени, заклани и живи изгорени. 150 кавадарчани се врзани на колје во центарот на градот и се оставени да висат 30 часа под пеколното сонце, а после тоа заедно со уште 50 други кавадарчани се одведени во месноста Полјаната и стрелани. Запалени биле над илјада куќи, а околу 2.700 луѓе биле затворени. Војската вршела страшен терор и во реонот околу Криволак - колеле луѓе, а во фурни ги гореле децата.
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.