Никола Карев |
Никола Карев е роден како четврто дете во сиромашното јагленарско семејство Кареви. Во 1892 година е принуден да го прекине школувањето и да се вработи како столарски чирак. Во 1895 година го напушта своето родно огниште и како 16-годишно момче заминува на печалба во Бугарија. Во прво време работи како помошник ѕидар, а потоа станува столарски работник во работилницата на велешкиот столар и основач на Македонската работничка социјалистичка група во Софија, Васил Главинов.
Во Крушево се враќа во септември 1899 година и се зафаќа со докомплетирање на своето образование. Поради полагањето на завршниот испит во јуни 1900 година, Карев не учествува на Првата социјалистичка конференција. Сепак ги прифаќа нејзините одлуки, во прв ред одлуката за влегување на македонските социјалисти во редовите на ТМОРО. Социјалистите во Организацијата се примени во февруари 1901 година, а со тоа и Карев станува дел од самата Организацијата. Во јуни 1901 година завршува четврти клас во Битолската гимназија и во учебната 1901/1902 станува учител во крушевското село Горно Дивјаци. Следната учебна година е префрлен на работа во Крушевската прогимназија.
Со паѓањето на градот во турски раце, тој со своите соработници се повлекува во околните планини на Крушево, а кон средината на ноември 1903 година се префрла во Белград, а оттаму во Софија. Во Софија ја обновува својата активност и учествува во формирањето на Македонско-одринската социјалистичка група во 1905 година, како огранок на Бугарската работничка социјалдемократска партија. По неуспешните обиди легално да се врати во Македонија, Карев во пролетта 1905 година решава да го стори тоа нелегално. На 26 април неговата чета на пат за Крушево преноќува во селото Рајчани, помеѓу Кочани и Пробиштип. Но, тука се предадени и веднаш сардисани од турската војска. Следниот ден, на 27 април во нерамна борба со турскиот аскер кај месноста Свиланово загинува Никола Карев, заедно со многу борци од неговата чета. Посмртните останки на Карев во 1953 година, по повод одбележувањето на 50-годишнината од Илинденското востание, се пренесени во Крушево. На 11 април 1990 година тие се пренесени во Македониумот.
No comments:
Post a Comment
Note: Only a member of this blog may post a comment.